Дел од доверителите ќе бидат обесштетени, но случајот Еуростандард е далеку од завршен, велат штедачите

by fokus

Поголем дел од физичките лица доверители во пропаднатата Еуростандард банка, чии депозити биле осигурани согласно, закон ќе биде обесштетени преку првата распределба, откако во стечајната маса се собраа вкупно 50 милиони евра, соопштуваат од Иницијативниот одбор на Здружение на оштетени штедачи од Еуростандард банка кои порачуваат дека овој случај е далеку од завршен.

-Нешто повеќе од 500 физички лица ги добиjа назад своите заробени депозити во целост, додека останатите, повеќе од 100 физички лица и околу 2.000 правни лица, заедно со Фондот за осигурување на депозити како најголем доверител, останаа и понатаму да ги побаруваат своите депозити во стечајната постапка на Еуростандард банка, се вели во соопштението.

Од здружението анализираат дека понатамошните приливи во стечајната маса се многу мали, а тоа ја прави понатамошната наплата многу неизвесна и крајно дискутабилна за сите оние кои останаа доверители во стечајната постапка на банката.

-Официјалниот извештај за банката на денот на нејзиното затворање во август 2020 година вели дека во банката имало кредити во износ од 99 милиони евра, од кои околу 58 милиони евра ненаплатливи и тешко наплатливи кредити додека останатите 41 милиони евра биле редовни кредити. Во банката имало и околу 25 милиони евра во парични средства за резервации за лоши пласмани, кои заедно со наплатените дополнителни 25 милиони евра, најмногу од кредити кои можеле да се наплатат во текот на минатите две години, ја сочинуваат првата авансна распределба од 50 милиони евра.

Тие правни и физички лица должници кои можеле и сакале да ги вратат кредитите го направиле тоа до сега, додека недостатокот од оние 58 милиони евра нефункционални кредити, дадени и поделени на вересија и врз основа на измислени критериуми од страна на менаџментот на Еуростандард банка, и понатаму не можат да се вратат во банката. За тоа сведочат и многуте затворени или во стечај однесени фирми должници, каде остануваат ненаплатени речиси 60 отсто од кредитното портфолио на Еуростандард банка, велат од Здружението.

Тие очекуваат вистината за банката и правдата за оштетените депоненети да бидат наскоро обзнаени и во постапката која ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.

-Затоа што разрешување на прашањата за сторениот организиран криминал во банката ќе помогне не само на доверителите во банката, туку и ќе испрати јасна порака до сите останати банки и други финансиски институции како не треба да се работи и управува со банка. Тоа, впрочем, е од голем јавен и општествен интерес,додаваат тие.

 

Поврзани новости