Во тек на вчерашниот ден полициски службеници извршиле претрес во два угостителски објекти, во домот и во возилото на Дејан Јованов – Деко, сопственик на таканареченото кабаре „Пулс“ во Кочани, каде животот го изгубија 59 младинци, од кои шест деца, а околу 200 млади лица се повредени.
Според Министерството за внатрешни работи, возилото на Јованов од кое биле одземени предмети е „опел инсигниа“.
Станува збор за семеен автомобил, чија цена е околу 20.000 евра. Но, она за кое реагираат граѓани од Кочани е дека Јованов подолг период низ градот возел доста луксузен и редок германски автомобил „бмв 7“.
Како што раскажуваат за „Фокус“, сопственикот на „Пулс“ често го гледале како управува возило „бмв 7“, чија цена се движи од 100.000, па се до над 130.000 евра.
– Деко ни парадираше низ градот со луксузно бмв 7, со бугарски регистарски таблици. Уште тогаш требаше да се вклучи алармот кај надлежните институции, да се провери како го заработил тоа скапо возило, кое ретко кој во земјава може да си го дозволи. И не само за него, за секој еден кој одеднаш ќе започне да промовира луксуз, треба да се вклучува аларм, да се види дали чесно и според закон работи, оти за такво возило треба да се имаат огромни редовни примања, да се има некој голем бизнис, за „Фокус“ раскажуваат кочанчани.
Од МВР пак, на прашањето дали се врши претрес и во возилото бмв за кое граѓаните посочуваат дека Јованов често го возел, не откриваат детали, и одговараат дека истрагата за случајот продолжува.
Минатата недела, еден ден по пожарот, за време на протестите на граѓаните, беше демолиран кафе барот „Класик“ чиј сопственик бил Јованов. Тогаш револтираните граѓани превртеа и комбе на „Карго експрес“, компанија за која сопственикот на незаконското кабаре „Пулс“ бил претставник за Кочани.
Околу тоа каков имот имал Јованов и какви возила имал неговиот возен парк, се уште нема официјална информација.
Вики Клинчарова