Дејан Георгиевски: Дружбата со Мицкоски беше спортска, моја политичка партија е Македонија!

by Fokus

На свои 22 години стана олимписки вицешампион во таеквондо во категоријата до 80 килограми и на Македонија и го донесе првиот олимписки медал по пауза од 21 година. Дејан Георгиевски, таеквондистот од Бутел кој се закити со епитетот Сребрено момче, ја израдува нацијата со големиот спортски успех.

По враќањето од Токио, му беше организиран свечен пречек на плоштад Македонија, од каде порача дека ова е само почеток, ветувајќи уште медали на следните Олимписки игри во Париз. Една недела по освојувањето на медалот, кога веќе првичната еуфорија од настанот полека „легнува“ и тој и се враќа на секојдневната рутина, во интервју за „Фокус” раскажува за патот до успехот, емоциите и првата мисла по освојувањето на медалот, за невкусните обиди да му се даде партиска обоеност кои започнаа набргу по враќањето од ЛОИ, но и за неговата решителност да и донесе на Македонија уште медали во иднина.

„Фокус“: Од Токио си дојде со титулата Сребрено момче. Тежок ли беше патот до тој историски успех, од што се мораше да се откажеш, за да се посветиш професионално на спортот?

Георгиевски: Да од Токио се вративме со најголемиот спортски успех во независна Македонија, сребрениот медал од ЛОИ е нешто што дополнително ме мотивира да тргнам по нова историја. Да, за елитен спорт мора да има откажувања, но тоа за мене претставува начин на живот во кој уживам, не сметам дека тоа е хендикеп. Некои велат откажувања, за мене тоа се само нормални стандарди за врвен спорт, без нив нема врвен спорт.

„Фокус“: Имаш 22 години, дали си типичен млад човек кој сака дружби, излегувања во клубови, и дали може да се има баланс помеѓу здравиот спортски живот кој го бара таеквондото од тебе и младешкиот живот кој го имаат твоите врсници?

Георгиевски: Не излегувам во ноќни клубови и слично, тоа би ми одземало многу енергија за тренингот кој ќе ме чека утредента по излегувањето. Каде и да сум, гледам најдоцна до 23 часот да сум дома, пред натпревари и до 22 часот. Едноставно за сериозно занимавање со врвен спорт не е можно да бидете дел од ноќен живот, енергијата секогаш се обидувам да ја чувам, тоа е многу важен дел од целосниот план на моите тренери. Оваа година дипломирав на факултет, веднаш запишувам и мастер студии, тоа дополнително ми зема време, така да понекогаш си викам и да сакам да излезам немам кога, два тренинзи на ден, факултет… Но, сепак не се чувствувам како нешто да пропуштам, затоа што уживам во сето ова.

„Фокус“: Доби награда за успехот во висина од околу 42 илјади евра. Планираш ли да ги вложиш во кариерата тие средства или пак евентуално би си купил нешто, како заслужена награда за големиот успех?

 

Георгиевски: Можеби нешто и да си купам, но немам некоја посебна потреба од материјални работи во овие моменти. Мотивот мој е Македонија, потоа се останато. За мојата кариера се грижат моите тренери, од финансиска гледна точка се што е потребно ми обезбедуваат тие, од таму немам потреба да вложувам свои пари. Тие дури се откажаа од премијата која беше наменета за нив, и ја насочија кон мене.

,,Фокус”: Твоите тренери порачаа дека ти и припаѓаш на Македонија и нема место за политика во твојата кариера и успеси. Истовремено, се објави твоја фотографија со Христијан Мицкоски, па се покренаа некои реакции во јавност. Дали приватно се дружиш со него или се случи случајна средба и фотографија, која е твојата порака за оние кои пробуваат политички да те обојат во старт, веднаш по успехот на ЛОИ?

Георгиевски: Единствено припаѓам на Македонија и на сите луѓе кои ме бодреа, верувајте чувствувам како тоа да беше буквално цел народ, кога се движам по улица нема човек што не ми честита за успехот, многу ми е мило што цел народ е со мене, без разлика на етникум или вера. Како потсетување, бев кај премиерот на прием на негово барање, треба да одам на прием и кај претседателот, првиот човек на опозицијата ме покани на едно спортско качување на Водно и тука апсолутно немаше ни еден збор за политика. Стојам на располагање на сите луѓе во Македонија за дружба, посебно ако станува збор за спортско дружење, тоа нема шанси да го одбијам. Јас не гледам ништо низ призма на политика, за мене сите луѓе се исто и кон сите луѓе имам ист третман, можеби во иднина со мене ќе сакаат да се фотографираат многу други луѓе од од разни политички партии и слично, јас секако нема да одбијам да се фотографирам со никој, затоа што, да повторам, едноставно за мене сите луѓе се исто и не можам да ги гледам низ призма на било какви разлики. Врвниот спорт нема време за политика и поделби, мене ме интересира само спорт и Македонија, се борам за да ја направам горда, мислам дека успеав на 27-ми јули, ќе продолжам и понатаму. Би ги замолил медиумите повеќе да нема прашања поврзани со политика, мојата политичка партија е Македонија, и верувајте дека како и што кажаа моите тренери, јас никогаш нема да бидам дел од политички настани кои ќе носат одредени политички поени на политички партии. Овој историски успех е лична сопственост на Македонија, се ќе дадам тоа секогаш да остане така.

„Фокус“: На патот до успехот, кој ти беше најголема поддршка?

Георгиевски: Најголема поддршка, секако, моите тренери д-р Борче и Дарко Костовски, без нив ништо. Секако, тука се сите мои клубски пријатели од Таеквондо клубот Бутел и моето семејство, се разбира. ,,Фокус”: Веруваше ли во успех, која беше првата мисла кога го освои среброто? Георгиевски: Верував, јас и моите тренери пред да заминеме за Токио најавивме медал, свесен сум за мојот квалитет, моите досегашни успеси ми даваа за право да очекувам успех. Првата помисла беше благодарност до Господ за тоа што се случи.

„Фокус“: Имаат ли младите таленти во спортот кај нас доволно поддршка, се препознаваат ли навреме талентите и се вложува ли во нив?

Георгиевски: Имаат, но секогаш може подобро, Македонија има многу талентирани млади луѓе за спорт, треба добра стратегија тренери како моите кои се посветени 24 часа и успехот ќе биде загарантирам.

„Фокус“: Може ли во Македонија добро да се живее само од спорт?

Георгиевски: Може, но единствено од врвен спорт, сепак ова што го правам јас е најврвното спортско ниво и не би било логично да нема и финасиски бенефит. Но, сепак ќе повторам и ќе кажам, мојот мотив е Македонија. Финансиите се важен дел за еден спортист, сепак треба да се формира семејство и истото да се одгледува.

„Фокус“: Каде се гледаш во иднина, на пример за едно пет-шест години, професионално, па и приватно?

Георгиевски: За пет-шест години, здравје Боже, се гледам со нови олимписки медали, имам само 22 години и верувам дека најмалку би бил активен уште два олимписки циклуси, а зошто да не и три.

Вики Клинчарова

Поврзани новости