Дефектот „Дамчевски“ како реквием на етиката

by fokus

Барокната здравствена декада наместо со унапредување на здравствениот систем започна со негова обдукција. Низ неа продефилираа безбројни преплатени експерти и нејаки министри за конечно да настапи ерата на Тодоров – познат како последниот здравствен погребник. Овој правник со засукани ракави тргна да креира или барем да им кумува на нестварни приказни од болничките ходници достојни за премиерите на најпознатите светски хорор остварувања

Пишува: Анте ПОПОСКИ

Здравствениот систем, е организација на луѓе, институции и ресурси кои обезбедуваат услуги со цел да ги задоволат здравствените потреби на одредена популација. Државата Македонија како современа заедница претендира да ги задоволи здравствените потреби на своите граѓани. Сепак, во едно такво здравство еден лекар професионалец свесно и намерно води пациентка низ лажна бременост, неосновано давајќи надеж и празни ветувања за успех на неговиот третман. Идната семејна среќа можеби е во рацете на човек без скрупули – разврската е болна – за пациентот и за заедницата. Единствено лекарот изјави дека не чувствува никаква вина.

Разврската на ова деветмесечно пациентско патешествие всушност не кажува само за споменатиот лекар. Таа пред се ја соголува до коска нефункционалноста и неупотребливоста на системот кој треба да ги штити сегашните и да го обезбеди развојот на идните генерации. Време е да се соочиме со сознанието дека таков систем веќе не постои. Да, здравствениот ситем на РМ не постои и тоа е крајната и најважна констатација која треба да го иницира негово de-novo дизајнирање. Инаку, довчерашниот естаблишмент очигледно и сосема погрешно го разбрал дизајнот во здравството. Тоа не е допадлив графички пејзаж, не е веб дизајн, натценето кампањерство ниту пак презентирање бројки кои се музика за увото на пациентот. Нивниот дизајн создаде сиситем кој само привидно перфектира, а кој евидентно колабираше одамна, уште во времето на првата Патриотска петолетка. Всушност, барокната здравствена декада наместо со унапредување на здравствениот систем започна со негова обдукција. Низ неа продефилираа безбројни преплатени експерти и нејаки министри за конечно да настапи ерата на Тодоров – познат како последниот здравствен погребник. Овој правник со засукани ракави тргна да креира или барем да им кумува на нестварни приказни од болничките ходници достојни за премиерите на најпознатите светски хорор остварувања.

Една од нив со сигурност е и приказната за докторот кого јавноста го запозна како талентираниот д-р Дамчевски. Во жанровска смисла оваа Хичкоковска драма со својата комплексност ја раслојува деконструкцијата на сега веќе непостоечкиот и дефинитивно погребан здравствен сектор. Тука многу вивидно се насетуваат сите ante-mortem етапи, еднакво долги и еднакво мачни како дежурство без кеса крв и хируршки конци, еднакво болни како тагата по загубениот пород и еднакво чудни како заборавена и премолчена газа. Овој случај не може да се сведе само на девијантност на човечката психа, на жед за слава и глад за успех (макар и лажен) и сé што оди со тоа, иако во основа видливоста и достапноста на оваа перверзија е елементарна. Всушност, зад вратата на ординацијата на овој „колега“ клечат сите сеништа на руинираното јавно здравство. Тука се безмалку уништениот дигнитет на здравствениот работник, збришаната мотивација на лекарот – израмнет во вреднувањето на трудот со наемен исполник како и Тодоров-ски нахушканиот пациент искривоколчен и запенавен, подготвен да истури полна уста плуканка врз белиот мантил. Несразмерот на одговорноста, ризикот, волуменот и условите на работа, наспроти личната и професионалната сатисфакција, можностите за вистинска надградба и напредување ја дополнуваат сликата.

Сите овие чинители сесрдно водат до оформување на последната парадигма на нашето здравство, грижливо создавана  со „Todorov-Care“, нашата верзија на „Obama-Care“, чија главна мантра е пациентот – објект и пациентот – бројка. Во истиот пејзаж ништо помалку подреден фигурира здравствениот работник во улога на извршител, a по урнек на моторичко-менталната детска игра „Сајмон вели“ (Simon Says). Според правилата на произлезената „Тодоров вели“ играчите се елиминираат од играта заради пропуст слепо да ги пратат сите зададени инструкции. На овој начин се обезглавени десетици здравствени установи и институции останувајќи без своите највредни и најспособни професионалци, потерани во бег кон приватното здравство или надвор од земјава. Штапскиот одговор на овој егзодус во обид да се компензира загубата е засилен маркетинг со партиските перјаници од болничките кругови. Кратко потоа оживеа политиката на млади набрзина испилени сурогат мантили, бегло прошетани по белосветските здравствени метрополи во надеж дека неподносливата леснотија на постоењето ќе се преслика од министерските кабинети бездруго и во лекарските ординации. Последиците на оваа експериментална математика за македонскиот пациент, кој е во заблуда дека веќе потполно ги почувствувал, допрва ќе претстојат како бадем горчливи изненадувања дури и долго во годините после Тодоров и тоа независно од применетата ремедијација.

Од друга страна, приватното здравство на поинаков, но препознатлив начин го допингува „моделот на делување по д-р Дамчевски“. Пристапот кон пациентот со помош на белата насмевка на хостесата за жал понекогаш крие замки за просечниот пациент кој со спуштен гард влетува меѓу мраморот и освежените розеви ѕидови на приватните клиники. Ова ја „унапредува“ и надградува неговата улога од пациент-бројка во пациент-извор на директен профит или т.н. пациент-CashCow. Впрочем, просечниот пациент е слика и прилика на просечниот македонски граѓанин – резигниран и потиштен, напуштен од големиот здравствен брат и со комплекс на помала вредност кога се соочува со грандиозните апстракции на модерната приватна здравствена уметност. Овој пациент е подготвен често да ја плати цената без да прашува. Точно во овие услови генотипот на Дамчевски непобитно добива на важност и остварува љубов на прв поглед со желбите на сопственичкиот капитал. Исправен пред барањата за постигнување на зададените цели, привлекување пациенти, задржување пациенти и обезбедување максимален прилив тој се става на располагање и служба на сите освен на пациентот.

Ваквата констелација покрај пациентите и институциите делува разорно и врз самите лекари. Растргнати меѓу бројните неправди на системот, хроничниот стрес, безизлезноста на секојдневието, статусните и финансиски предизвици и моралните искушенија дел од нив видно го менуваат својот пристап и својата етика. Однесувањето во текот на секојдневниот контакт со пациентите, колегите и вкупно со системот е неприродно изменето. Во рамките на таа лекарска профитна офанзива – многу од реакциите се неповолни, неочекувани, непосакувани и понекогаш зачудувачки брутални. Рака на срце, „Дамчевци“ се минорно малцинство и во приватното и во јавното здравство, но тегобно е сознанието дека тие сепак постојат скриени зад срдечната насмевка, смирувачкиот тон и топлиот стисок на тукушто измиената рака од последниот преглед.

Со повеќе или помалку призвук на клише, длабочината на овој случај е системското грешење кое завршува со шизма на човечкото и нечовечноста во дел од општеството чиј предзнак е хуман над се и исклучиво во служба на егзистенцијата и одржување на животот. На крајот, случајот Дамчевски и не мора да се именува со тоа име. Впрочем, додека некакви судски одлуки не потврдат, и немаме виновник во вистинска смисла. Меѓутоа, самата негова појава, неговите контури и призвукот на грешка и перверзија упатуваат недвосмислено не само на професионален и здравствен проблем, туку на социолошка тема со огромен набој која виси над секој поединец во ова општество доминирано од силно спротивставени интереси во најширокото значење на зборот. Овој случај ги носи во себе сите мали Тамари, сите прерано изгубени новородени, децата со ретки болести без терапија, онколошките пациенти застанати пред немиот акцелератор, задоцнетите вакцини, неизвршените трансплантации, недостигот на лекови и сите сцили и харибди на нашето здравствено секојдневие кој и да е виновен за нив.

Дефектот Дамчевски ќе остане запаметен во колективната меморија како пофалба на лудоста. Тој истовремено е и реквием на етиката и професионалноста кој кај секој човек предизвикува морбидни чувства. Но тоа што оваа безумна дрскост сигурно ќе предизвика е свест и будење – универзално отсечно скоривање на сите сетила во функција на на животот. Ова будење е посилно од партиската наредба, од всадениот умор, од напластениот чемер – ова будење едноставно е раскинување со старото и раѓање на новото.

Иако изјавата на Тодоров, криејќи се под плаштот на Лекарската комора, не оди во прилог на разбуденост, анестезираниот министер должен е да му покаже црвен картон на докторот престапник. Како што вели неговиот омилен лик – Вистината е како шило. По таа логика утврдената вистината може да зададе сериозни „убодни рани“ доколку навреме не ја испочитувате. На крајот, непостапувањето ќе значи сооучесништво и спонзорирање на паранормалност – што исто така повлекува директна одговорност. Затоа заспаниот Тодоров, нечувствителниот и често циничен Никола ќе мора да замине најскоро и да го отстапи своето место на некој кој да се надеваме поискрено и почесно ќе ја пишува историјата и ќе ја гради иднината на македонското здравство.

Независно од самосвеста на двајцата јунаци (Дамчевски, Тодоров) будењето во поширок контекст е иманентно на оваа ситуација. Овој случај ќе отвори нови случаи, кои веќе ги има во најава и ќе обезбеди катарзично проветрување веднаш или во најблиска иднина. Но будењето мора да се случи целосно и кај сите актери, односно кај целата публика – заинтересирана или не.  Алтернативата на ова будење е бавно сигурно одумирање  –  заедно, на актерите и публиката – повторно, заинтересирани или не.

Лекарската комора која до сега глуми маргиналец во целата ситуација тргна да составува комисии небаре исцртува државна граница. Таа исто така е должна да пресече. Одземањето на лиценцата во најмала рака е очекувана мерка од страна на стручната јавност т.е. од комората во случај на утврдување вина.

На крајот, остана да се соочат лекарот и пациентот. Дали македонскиот пациент и македонскиот лекар искрено ќе ја препознаат взаемната потреба од постоење обновлив здравствен систем останува да покаже времето. Во меѓувреме, сепак државата е таа која може и мора да го превенира секој следен сличен обид, а и сите да не одржи во будна состојба, чувајќи го најголемиот необновлив капитал на едно општество – човековото здравје.

(Авторот е доктор на медицина и магистер по бизнис администрација)

Поврзани новости