Дебата за недела да биде неработен ден: „Треба да има исклучоци од оваа одлука“

by fokus

За одлуката недела да биде неработен ден и како таа да се преточи во законско решение денеска разговараше Економско –социјалниот совет  со кој претседаваше  министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Со цел да се слушнат сите мислења и ставови на присутните членови од Сојузот на синдикати на Македонија, Организација на работодавачи и владините претставници се отвори широка дискусија на која беа слушнати различни мислења во однос на ова прашање, велат од МТСП.

-Притоа, од страна на присутните членови на ЕСС одлуката недела – неработен ден , како ден за семејството беше позитивно оценото. Но, исто така се констатираше и дека исклучоци од оваа одлука  треба да има и да се однесува на оние дејности кои се оценети како работа во специфичен работен процес, односно нивното функционирање не смее да застане. Тука беа посочени индустриите и производството кое мора да има континуитет  и дејностите кои се од витално значење за граѓаните, како здравството, полицијата, противпожарната служба и други. Со оглед на тоа дека се работи за комплексно прашање, изминатите денови беа направени бројни средби и консултации со сите засегнати чинители во процесот со цел изнаоѓање на најприфатливо решение кое ќе биде резултат на заеднички договор, посочуваат од МТСП.

Од страна на министерката Шахпаска било посочено дека разговорите продолжуваат и следните денови, но се очекуваат и дополнителни анализи кои ќе придонесат во изработка на првична драфт верзија, после која повторно ќе се направат консултации.

Поврзани новости