Дебар ќе го слави 23 септември како ден на општината

by fokus

Советот на општина Дебар на денешната 27-ма редовна седница со мнозинство гласови донесе одлука 23 септември да се одбележува како ден на општината.

По подолгата и жолчна расправа одлуката беше донесена со гласовите на советниците на ДУИ, Алтернатива и Алијансата за Албанците, додека воздржани беа советниците на СДСМ, ПЕИ и ВМРО ДПМНЕ.

Тие посочија дека Дебар повеќе 70 години го одбележува како ден на општината 8 Септември, денот на ослободувањето во 1943 година и бараа пред да се донесе ваква одлука да има јавна расправа со учество на здруженија на граѓани, боречката организација, исторчари, кои ќе го образложат значењето на 23 септември, а како што рекоа, можеби ќе произлезе и друг значаен исторски датум кој може да се определи како ден на општината.

Образложение за предлогот, што е последователен чекор по барањето на дебарското здружение на политичките затвореници и прогонувани лица, даде претседателот на Советот Башкм Машкули.

-23 септември е датум од големо исторско значење за Дебар. На овој ден во 1913 година Дебар е ослободен од српско-црногорскте окупаторски сили.Во неговото прво ослободување учествувале заедно припадници од сите етнички заедници кои живееле во Дебар. Востанието е познато како охридско-дебарско востание чии борци ги ослободиле и Охрид,Струга, Кичево,Гостивар. Тогаш била формирана привремена влада на Дебар. За премиер бил избран Сефедин Пустина а членувале и Омер-ефенди, Христо Атанасов и Шериф Лангу, рече Машкули.

Додаде дека осми септември е државен празник а градот Дебар „заслужува да има посебен исторски датум“.

На седницата, исто така по барање на споменатото здружение, со мнознство гласови беше донесена одлука за поставување споменик на Сефедин Пустина, претседател на првата привремена влада на Дебар избрана на 23 септември 1913 година и на Аќиф Леши, првиот градоначалник на регионот Дебар, кој „четириесет години работел и се борел за доброто на националното прашање“.

Поврзани новости