Додека се чека судски епилог, автобуси на „Дурмо“ возат преку нова фирма

Во исчекување на супервештачењето за несреќата кај Ласкарци, каде првообвинет е сопственикот на „Дурмо Турс“ кој има забрана за вршење на дејност, се формирала нова фирма со сличен назив од страна на лица со исто презиме, која веќе оперира со 6 автобуси, а еден од нив имаше инцидент со пукната гума.

by Фокус

Додека се уште тече судскиот процес за автобуската несреќа што се случи во близина на Ласкарци, каде во 2019 година се преврте автобус на компанијата „Дурмо Турс“, при што загинаа 16 лица, се случи нов инцидент во кој беше вклучен автобус под брендот на „Дурмо“.

Како што веќе објави Фокус, aвтобус на „Дурмо“ минатата недела морал да го прекине патот од Скопје кон Гостивар, откако му пукнала гума. Иако инцидентот поминал без повредени, сепак, според еден од 12-те патници во автобусот, сите претрпеле голем страв.

„Во возилото се рашири миризба на нешто запалено, буквално како нешто да гори. По околу 10 до 15 минути возење, се слушна силен звук на пукање, автобусот се наслони на едната страна и за кратко изгуби контрола. Во моментот бев толку исплашена и не знаев што се случува бидејќи се беше многу брзо и неочекувано – ни изјави 31-годишната патничка Д.С.

Потоа, според неа, возачот застанал и излегол повторно да провери што e проблемот. И откако било утврдено дека е пукната гумата, посочува нашата соговорничка, возачот продолжил да вози во таква состојба до следната наплатна патарина.

Таму ни соопштија дека ќе не преземе друг автобус. Чувствував страв и вознемиреност, а истовремено бев и лута, зашто во моментот прашањето кое ми помина низ глава беше дали им требаат повеќе жртви за да има судска разрешница за претходниот случај? – порачува таа.

СУДСКИ ПРОЦЕС

Според фотографиите што ни ги достави патничката, може да се види дека на предната страна на автобусот, како и на таблата поставена на шофершајбната, не стои називот „Дурмо Турс“, туку „Дурмо Тоурс“. Проверките што ги извршивме во Централниот регистар покажуваат дека се работи за различни субјекти со допирни точки.

Имено, „Дурмо Тоурс“ е нова фирма, основана во февруари годинава од страна на Леутрим Белули и Мјед Белули. Освен што е косопственик, Леутрим Белули воедно е и управутел на компанијата, која е регистрирана во гостиварско Беловиште, исто како и старата компанија чиј точен назив гласи „Дурмо Турс“.

Инаку, ова друштво е основано во далечната 1992 година, чиј сопственик и управител се две лица со истото презиме Белули. Едниот е Дурмиш Белули, кој е сопственик на компанијата, додека нејзин управител е Малик Белули.

Што се однесува до Дурмиш Белули, тој е првообвинет за несреќата кај Ласкарци. Покрај него, на обвинителна клупа седнаа и раководителот на возниот парк на „Дурмо Турс“, возачот на автобусот што учествуваше во несреќата, како и тројца вработени во станицата за технички преглед каде поминал автобусот, иако  имал низа технички пропусти.

За време на судењето, Белули истакнуваше дека не се чувствува виновен, бидејќи на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа. Притоа, тој вината ја префрлуваше кон возачот Мануел Трифуновски, посочувајќи дека само тој ја знае вистината, а се друго се само претпоставки.

ЛИЦЕНЦИ И ВОЗИЛА

Претходно, Белули остана без патна исправа, а воедно доби забрана за „приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените, сведоците, вештите лица, како и останатите осомничени во врска со предметниот кривично-правен настан“.

Исто така, тој во својство на сопственик или управител на „Дурмо Турс“ Гостивар и на станицата за технички преглед доби забрана за преземање на секакви работни активности кои се поврзани со вршење на дејност во врска со организирање на патнички превоз на лица, како и забрана за вршење на работни активности поврзани со технички прегледи на возила.

По изрекувањето на овие мерки од страна на судија на претходна постапка во 2019 година, се одржаа повеќе судски рочишта, но се уште нема епилог. Следното рочиште е закажано за следниот месец, до кога треба да се види дали ќе стигне супервештачењето, со помош на кое треба да се лоцира одговорноста за трагичниот настан.

Во меѓувреме, луѓе со исто презиме регистрирале фирма во истото место, со речиси ист назив, а еден од автобусите на оваа компанија, само неколку месеци по нејзиното формирање, повторно беше дел од инцидент кој, за среќа, овојпат мина без жртви.

Во однос на овој настан, Фокус испрати прашања преку официјалниот мејл и контакт телефонот оставен од страна на компанијата, но не добивме одговори. Според информациите што ги добивме од Министерството за транспорт и врски, пак, оваа компанија ги обезбедила сите лиценци за вршење на внатрешен и меѓународен транспорт и има пријавено 6 возила во база.

Влатко Стојановски

Поврзани новости