ВИДЕО Џонсон и се извини на кралицата за „лудата“ журка

by Фокус

Канцеларијата на британскиот премиер Борис Џонсон денеска ѝ се извини на кралицата Елизабета, откако се дозна дека вработените во резиденцијата на премиерот на Даунинг стрит се забавувале до доцна во ноќта пред погребот на принцот Филип, во време кога биле забранети собири во затворени простории.

Џонсон се соочува со најтешката криза во својот мандат по речиси секојдневните откритија за низа собири за време на карантинот поради пандемијата на ковид-19, поради кој обичните граѓани не можеле да се збогуваат со роднини кои биле на умирање.

Тој сега се наоѓа под се поголем притисок од пратениците од неговата Конзервативна партија, кои му забележуваат дека не е способен да владее и дека го измамил парламентот негирајќи дека се прекршувале епидемиолошките мерки.

Дејли Телеграф пишува дека забавата во Даунинг стрит била толку опуштена, што вработените отишле во блиската продавница да купат големи количества алкохол.

Следниот ден, кралицата Елизабета се прости од принцот Филип, својот сопруг со кој била во брак 73 години, кој почина на 99-годишна возраст.

Облечена во црно и со бел пораб на црната маска, 95-годишната Елизабета седеше сама, строго придржувајќи се до епидемиолошките мерки за време на погребната церемонија за принцот Филип во замокот Виндзор.

Во овој период, во јавноста стана актуелно видео од уште една „луда“ журка на Џонсон, кое датира од пред почетокот на пандемијата.

Поврзани новости