Давидовиќ: Не може друго обвинителство да бара поништување на притвор за Кочан и случај на СЈО

by Fokus

Републичкиот јавен обвинител во случајот Марко Зврлески, кој побара да бидат укинати решенијата на Кривичниот и Апелациониот суд кои му одредија притвор на бизнисменот Сеад Кочан, воопшто нема право да го прави тоа, бидејќи Кочан е дел од случај на Специјалното обвинителстви и ваквиот потег е мешање во неговата работа, велат правниците.

Според адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, Законот за специјално обвинителство е многу јасен и тој кажува дека јавниот обвинител на РМ нема никакви ингеренции во нивното рабтење, додека СЈО е овластено да постапува во сите три степени.

„Нема право ноту едно друго обвинителство да се меша во неговото работење, бидејќи за СЈО нема хиерархија и тоа обвинителство не е подредено на никого и не е дел од друго обвинителство. Она што е поднесено од Републичкиот јавен обвинител за поништување на притворот на Кочан е поднесено од неовластено лице, дури СЈО со свој поднесок и го повлече таквиот предлог“, вели Давидовиќ.

Врховниот суд одлуката за укинување на притворот на Кочан ја донесе постапувајќи по Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) кое го поднесе републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски.

„Таквите двојни аршини и изборот на старо-новиот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски и ја создадоа оваа ситуација. Претседателот на Врховниот суд се обиде со два реферати да формира начелен став и мислење на Врховен суд за тоа дали прислушкуваните разговори може да бидат доказ во постапка и дали СЈО има право да поднесе БЗЗ. Во таа своја намера не успеа. Без да формира таков начелен став и мислење го реши предметот по БЗЗ“, објаснува Давидовиќ.

Според него, ваквите случаи по којзнае кој пат ја објаснуваат селективната правда во судството и вели дека многу од оние кои сега ги носат овие одлуки се под влијание на власта во заминување и на овој начин одработуваат за нивниот избор, како и другите привилегии.

Откако Врховниот суд во петокот го укина притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, сега на потег е Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој треба да донесе одлука дали на бизнисменот повторно ќе му одреди притвор или ќе остане на слобода.

Бизнисменот Кочан е во бегство веќе два месеци кратко откако Специјалното обвинителство објави дека тој е еден од осомничените во случајот „Труст“.

Во предметот „Труст“ осомничени се три физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според истрагата на СЈО осомничените се товарат дека на незаконски начин оствариле профит од 17 милиони евра.

Поврзани новости