Според адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, снимките од вчерашното насилство во Собранието покажуваат дека врз дел од пратениците, како Зијадин Села и Зоран Заев, се сторени тешки кривични дела – обид за убиство.
„Да не го заштитија Заев други луѓе не знам како ќе завршеше вчера, со тешки телесни повреди. Никој од ДУИ не е повреден, не се повредени ни многу други луѓе, точно беа таргетирани одредени личности. Целта беше тие луѓе физички да се ликвидираат и да се повредат. Тоа беше дефинитивно обид за убиство. Тоа некој им го кажуваше од внатре на напаѓачите, тие во секој миг знаеја каде се наоѓаат и беше координирано од луѓето од внатре“, вели Давидовиќ.
Според него, вчера се случиле многу кривични дела, меѓу кои и учество во толпа, нанесување тешки телесни повреди, потоа поттикнување и организирање на загрозување на општата сигурност, напад на овластени службени лица, спречување во вршење на работа на овластени службени лица и друго.
Давидовиќ вели дека, покрај политичка и материјална за вчерашните инциденти ќе мора да има и кривична одговорност.