Даштевски за одлуката за Груевски: Во Комисијата често ме надгласуваа и морав да потпишувам

by fokus

Новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ВМРО-ДПМНЕ го предложило него, бидејќи е човек со искуство во областа.

-Имаше тука многу инсинуации дека тоа е не знам поради какви работи, меѓутоа ако бирате некој човек, вие прво гледате дали ја познава таа работа и дали има искуство во тоа. Не гледате дали има некои други партиски заслуги и тоа е добро затоа што ако го гледате тоа, тогаш тој човек што ќе го изберете нема да даде резултати. Ќе дадам еден банален пример, иако можеби е неумесен, ама не знам како да го објаснам зашто луѓето не го сфаќаат така како што треба: Тоа би било исто како да ставите некој одбојкар да игра фудбал. Јас сум бил три години член на ДИК, претходно три пати сум бил во Општински изборни комисии, сега да не испадне дека се фалам, но имам големо искуство во таа проблематика. Имам и меѓународно искуство, кога бев во ДИК сум бил на повеќе конференции, сум бил и во Америка, така што сакам да кажам дека претпоставувам дека изборот бил поради тоа, поради тоа што јас сум искусен во оваа проблематика и во други проблематики, бидејќи веќе сум многу повозрасен од тогаш и дека ќе ја завршам работата стручно и професионално, бидејќи така пишува во законот. Штом ќе ве предложи партијата, вие треба да работите стручно и професионално, во согласност со закон, вели Даштевски.

На прашањето дали сега смета дека донел погрешна одлука кога како претседател на Комисијата за заштита од дискриминација беше еден од тие што ставија потпис за поранешниот премиер Никола Груевски да побара азил во Унгарија, вели дека бил надгласан.

-Поентата е да се работи професионално и во согласност со законот. Јас, освен за тоа што ме критикуваат, немам никаква грешка. Се работи за тело, посебно во ова тело мнозинството е од владејачката партија, така што тука нема дилема, нормално дека ќе ме надгласаат. Во Комисијата 20 пати ме надгласуваа. Таа одлука беше донесена со 5 – 1, а со четири гласа е полноважна. Мене 20 пати ме надгласале и јас како претседател морам да потпишам, надгласан сум, не мислам така и морам да потпишам.
Никој не ја дискутира одлуката, треба да ја погледнете одлуката дали е во ред или не е во ред. Мислам дека таа одлука ќе заврши и во Стразбур и таму ќе се одлучи исто како што одлучи Комисијата, вели Даштевски.

Поврзани новости