Дарко од „Пука козметика“: Музиката не сме ја продале на политичка партија!

by Fokus

На советничките листи на претстојните локални избори во Македонија може да се најдат некои лица од естрадата, а еден од нив е и основачот на рап-дуото „Пука козметика“, Дарко Масларковски.

Можеби за луѓето тоа е изненадување, а самиот Масларковски во краток разговор за „Фокус“ ја објасни причината зошто влегол во политиката.

 

Окупацијата од хибридниот криминален и клиентелистички режим на СДС и промената на името на Македонија би рекол дека се клучни за нашиот политички ангажман и активизам. Во Левица го препознавме оружјето за политичка борба за промени и борба за достоинствен живот. Пишувам во множина затоа што со мојот брат близнак Жарко Масларковски сме заедно во секој момент на нашето постоење. Цврсто верувам дека е дојдено времето за чесни и искрени, скромни и храбри луѓе во политика. СДС и ДПНЕ одат во заслужена пасивизација“, вели Масларковски.

Како што најави нашиот соговорник, тој заедно со неговата партија ќе пружат жестока битка на двете најсилни политички структури во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Со влегување во советите од страна на Левица мора да покажеме и докажеме дека е можно поинакво практикување на власта. Најпрво не смееме да се изневериме себеси, а потоа и сите луѓе кои не поддржуваат и веруваат во нас и Левица. Затоа очекувајте вистинска политичка борба за поубаво и достоинствено живеење и животна околина на сите луѓе во Македонија. Конечно општините да бидат за народот“, смета Масларковски.

И покрај неговото влегување во политиката на некој начин, Масларковски вели дека тие и во иднина ќе прават искрена музика која носи силни пораки во иднина.

Ние нашата музика не сме ја предале и продале на политичка партија, музика правиме за сите луѓе, но најпрво за нас самите. Проблемот во Македонија е што политиката е навлезена во секоја пора на општеството, не може музичар, автор, уметник да поддржува политичка опција без да му натежне полудениот политички багаж. Ние правиме искрена музика со порака, така ќе биде и во иднина“, додаде тој.

Фото – Левица, ФБ на Пука козметика

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости