Дарко Лешоски: Од дете сум за Американците

by Фокус 11:22
11:22

Посакувал да биде правник, но завршил американски културолошки студии. Поседува новинарско искуство, ама не, никако не сака да биде новинар. Според него, работното време во оваа професија никогаш не завршува. Зависник од социјалните мрежи. Пишува. Не сака да го прочита тоа што го напишал, а уште помалку да зборува за тоа. Сака да зборува за обични работи со луѓето. Поезијата е преценета, вели Лешоски за „Фокус“.

Неодамна ја објави својата прва збирка поезија насловена „Дете од лоша фамилија“ и ги возбуди духовите во Македонија. Денес во Скопје Сити Мол друштво ни правеше Дарко Лешоски. Него, или го сакаат или не.

Роден е во Вевчани. Во светот на книгите влегува на 2 години, заспивајќи со сликовниците. Оваа љубов сѐ уште трае. Токму од овие причини, прошетката ја почнавме од местото кое комотно може да ја потврди неговата љубов кон пишаниот збор, книжарницата „Икона“ во Скопје Сити Мол.

- Advertising -

ФОКУС Сликовниците биле вашата омилена играчка во детството. Ги чуваш ли сѐ уште, има ли некоја од нив која за тебе важи како посебна?

ЛЕШОСКИ Не чувам ништо посебно. А ни моите не се такви да чуваат посесивно работи, најверојатно повеќето завршиле кај помали братучеди или внуци – јас веќе ги имам во главата! „Аладин“?

ФОКУС Успеа ли да ја вратиш љубовта кон книгите меѓу младите. Кои се вашите омилени писатели, поети? Што повеќе ве привлекува? Сакате ли да го анализирате и да дискутирате за тоа што го читате?

ЛЕШОСКИ Не знам дали сум вратил. Уфф… многу се! Што ме привлекува ? – Душа. Тоа е нешто чудно… чудна работа како јаболка кои потполно изгледаат исто, ама многу добро знаеш што е природно, а што е прскано со пестициди. И тоа мислам дека не се учи. Или се има или се нема. Не сакам да анализирам, ниту да дискутирам – мислам дека тие работи се разбираат на само како момчето од „Парфем“ на Зискинд кога лежи и со затворени очи знае точно – мирис на трева, на чад, на жаба, на мов, на јаглика, на сув камен, на влажен камен… мирисот на влажен камен тешко се опишува, нели? Сакам да зборувам за обични работи со луѓето. Поезијата е преценета работа.

ФОКУС Ја добивте титулата „Поет на социјалните мрежи“. Не сметате ли дека ова ново време на технологијата ги замрзна чувствата кај младите, го сопре предизвикот да читаат? Според нив, едноставно е, сѐ што ги интересира, го имаат во својот виртуелен свет, точно во своите компјутери. Ова ли е предизвикот за вашето творештво таму?

ЛЕШОСКИ 21 век си носи своја тага. Една нова тага која само младите ја гледаат и можат да ја чувствуваат. За другите е невидлива. Затоа Адел и Лана дел Реј направија растур. И да не заборавиме за ова другото: Ми е гајле, ама баш ми е гајле за каква било титула.

По реалното дружење со светот на книгите во книжарницата „Икона“, во Скопје Сити Мол, нашата обиколка во Скопје Сити Мол доби нов предизвик. Потрагата по неговата идеална партнерка.

ФОКУС Постои ли љубов во ова време? 

ЛЕШОСКИ Да, само што повеќето сакаат веднаш или да си ја купат или да си ја носат дома наместо да ја остават меѓу нас да шета од маса на маса од човек на човека. Љубовта е во нас. Како чинија цреши. Ќе ти изгнијат ако не ги раздаваш.

Потрагата по идеалната девојка нѐ однесе во „Фешн енд френдс“. Тоа e бр. 1 концепт на мулти бренд продавници на Балканот, сопственост на „Фешн компани“ од Белград.Овој бренд ги спојува едни од најголемите имиња на урбана облека, чевли и модни додатоци како: Replay, Miss Sixty, Killah, Energie, Guess, Fornarina, Camper, Cesare Paciotti, Scotch & Soda, Maison Scotch, Timberland, Desigual.

Во „Фешн енд френдс“ имавме фино друштво, баш онакво какво што тој посакува во своите статуси. Девојка која ќе биде друштво, но нема многу да негодува.

ФОКУС Ја пронајде ли девојката по која трагаш?

ЛЕШОСКИ Ахам.

ФОКУС Роден на денот на независноста, 4 јули. Можеби твојот астролошки симбол, Ракот, кој го сметаат за најемотивен во Зодијакот е виновен за твојата сензибилност што ја употребуваш во твоите песни. Не сакаш да зборуваш за твоите песни, тоа е затоа што со нив си ј кажал мислата или поради скржавоста на зборовите, карактеристична за Раковите?

ЛЕШОСКИ Да, oд дете сум за Американците! (се смее). Дури и сега работам на проект на УСАИД. Мислам дека не сум интровертен по природа, само Венера ми е молчалива по природа. Сатурн ми е по цигари, Јупитер и тој дома не се прибира – ама не сакам да правам муабет за моите песни и вешто менувам тема – мртво врапче со стапче не се чепка!

ФОКУС Сакаше да студираш право, но, сепак, заврши на Општа и компаративна книжевност со американски студии. Зошто?

ЛЕШОСКИ Па, искрено сакав дипломатија, тој оддел. Сакав да среќавам две закарани страни на пола пат од мостот. Ај ти тргни навака – ај и ти исто, јас ве чекам на средина да пиеме кафе. Се премислив во последен момент – ми фалеше троа лицемерие како професионална алатка.

Време е за кафе. Го испивме во кафулето „Плеј“, дозволувајќи мало уживање на сонце, додека тој аромата на кафето ја надополнуваше со чадот од своите цигари.

ФОКУС Вевчани, како изгледа видено со твои очи?

ЛЕШОСКИ Како тежок човек. Ако те замрази, тешко тебе. Ако те засака – исто. Што и да сториш – пак ќе те сака. Нема куртул.

ФОКУС Го доживуваш ли поинаку твоето родно место, сега кога поголемиот дел од времето не си таму?

ЛЕШОСКИ Не. И триста години да живеам на Марс, па да се вратам на триста и првата јас кога ќе влезам во која било вевчанска кафана уште ќе го имам она: „Ке сте бе?“ (она чудно вевчанско – шведско „е“) кое не се губи никогаш!

Неговото семејство во Вевчани има и сопствен грб, кој е поставен на влезната врата од нивниот дом. Го направил неговиот татко Симун. Целиот грб е всушност спој на историјата врзана за неговото семејство: Во средината има крст, од едната страна перо – кое е симболиката за талентот на Дарко, четката, која го одразува сликањето на Симун, висок за професијата на неговиот дедо, кој се занимавал со градежништво, и копје, како копјето на св. Ѓорѓија, што е куќна слава на семејството Лешоски.

ФОКУС Твојот татко Симун е автор на вевчанските пари-личници. Вашиот дом си има и свој грб. Вевчани доби и своја република, секако сето ова има и одредена порака. Која е пораката, еве според тебе?

ЛЕШОСКИ Да, татко ми е автор на тие пари со пенкало во неколку бои со „десет прсте“ и микроскопски очи, дури луѓе со зборувале до него на маса. Уф… ужасно ми е здодевно и мака да зборувам за таа тема, но мислам дека доколку Македонија имаше триесетина луѓе – како Вевчани што ги имаше тие триесетина луѓе во тие денови одамна ќе бевме подобро место за живеење.

ФОКУС Твојот татко има уметничка душа, од него го наследи уметничкиот дух?

ЛЕШОСКИ Да, двете најлоши работи, носот и уметничката душа ми се на него. Ми фали сега кога го спомнавте (се смее). Го мислев синоќа. Еден мој пријател синоќа во „Сокаче“ ја зеде гитарата и ја почна „Опрости ми папе“ од Оливер. Ми прошета татко ми низ мисли и јас сум реков: Taто, кој не ја разбрал оваа песна, од него никогаш маж не станува“. А тој ми се насмеа и ми рече „Така е, Дарушка.“ Ете тоа имам наследено од татко ми. Разбирачка и топлина, не е тоа уметнички дух. Нема за тоа име сиромашен и јазикот за тоа.

ФОКУС Со твојата сестра Васка, заедно сте во Скопје. Колку таа е твоја потпора? Сака ли таа книги? Имате ли заеднички работи што сѐ уште ги споделувате?

ЛЕШОСКИ Да, ми доаѓа често. Не ми е потпора – не можам да го замислам животот без неа. Не.

ФОКУС Музичарот Ориѓански ја спои неговата музика со твојата поезија. Но, како се случи вашиот спој, кој до го кого стаса прв, твојата поезија до него или неговата љубов кон музиката до тебе?

ЛЕШОСКИ На пола пат. Златко е вистински уметник во вистинската смисла на зборот. Во себе со вселена. Искрен. На моменти циничен и пргав кога ќе му дојде нешто преку глава. Човек кој научил да гледа убавина онаму каде ние ништо не гледаме и да ја препознава. Драго ми е што го имам во животот што го познавам! Понекогаш знаеме да си признаеме еден со друг јас него дека некоја ствар со негова музика на уши дека сум ја пишувал, а тој мене еј оној стихон ти текнува, што мене најчесто не ми – е па тоа ме инспирира за мелодијава. И се смееме еден на друг обајцата како кога некому ќе му откриеш тајна која му значи и ќе го израдуваш. Оставаш – земаш! Чат-пат си признаваме еден на друг, ама тоа трае можеби минута – останатото зборуваме за мориња, за тоа дека е забрането сега во Грција кршење чинии на сиртаки, за авионот во Малезија, обични човечки муабети како пред кооперација, ете така. Ретко правиме муабет за книжевност или поезија или музика или каква било уметност. Едноставно го правиш тоа и си бркаш работа.

ФОКУС Која е алката што понекогаш ти недостасува? 

ЛЕШОСКИ Денеска е облачно, ама не е многу ладно. Порано некогаш и снег знаеше да има во март. Се смени премногу климата. Завој за срцево. Тоа ми недостасува, ама такви работи не се кажуваат во интервјуа.

Поврзани новости