Даркан за „Фокус“: Браќа Македонци, пожив сум од било кога!

by fokus 15:36
15:36
 ,,Аркан се фотографирал покрај својот гроб, Аркан е жив, Аркан е забележан во Кипар, Аркан се појавил во Словенија, во Босна, во Србија“, ова се само дел од приказните кои што неретко ги полнат медумите од регионот, дури шеснаесет години по смртта на Жељко Ражнатовиќ Аркан, водач на паравоената формација Српска доброволна гарда, која што делувала во војната на просторот на бивша Југославија, и сопруг на балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ.
thumbnail_darkan1

Во измнативе неколку недели, фотографијата со Аркан кој позира покрај спомен плоча на својот гроб на белградските гробишта, предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи, во кои што се одеше од претпоставки дека се станува збор за добра фотомонтажа, па се до таму дека Аркан, сепак бил жив сите овие години и решил малку да се пошегува и да го плаши народот. Но, вистината е сосема поинаква. Наместо прочуениот Аркан, покрај неговиот гроб позира Даркан, поет, свирач на српскиот традиционален гудачки инструмент гусла, пејач и хуморист.

Тој за „Фокус“ ја раскажа својата приказна за неверојатната сличност со Аркан, и им порача на Македонците, кои ги нарекува свои браќа, дека е жив, и доколку сакаат да го видат, да го поканат да им гостува на концерт.

- Advertisements -

,,Моментално живеам во Зворник, Србија, но поради мојата професија, многу често патувам низ поранешните југословенски републики. Имам настапи со гуслата, работам како самостоен уметник, и луѓето често можат да ме видат во разни градови во Србија, Босна, Словенија. Но, каде и да се појавам, истата песна! Ете го Аркан, Аркан е жив, зачудени, испреплашени, некои се насмевнуваат, а оние похрабрите ми приоѓаат и ме прашуваат кој сум. Кога им кажувам на луѓето дека не сум Аркан, дека не сум дух или пак роднина на Ражнатовиќ, дури и не ми веруваат. Но, јас навистина истражував, ги проверив дури и најдалечните роднини, и дознав дека не сум апсолутно во никакво крвно сродство со Аркан. Мислам дека секој од нас некаде на светот има свој двојник, ете судбината сакала јас да бидам двојникот на Жељко“ – раскажува Дарко Малиш, кој што поради сличноста со Аркан, го добил и прекарот Даркан.

Вели дека има 47 години, а неговите споредби со Аркан започнале пред околу четири години.

thumbnail_darkan2

,,Кога Аркан би бил жив, би имал 64 години, и сигурно дека воопшто не би си личеле, но најверојатно поради тоа што тој починал кога бил приближно на мојата возраст сега, и јавноста го памети како таков. Приказните за тоа дека јас сум всушност Аркан, се доста актуелни. Јас никогаш не сум сакал да бидам нечиј двојник, посебно на човек кој што е починат, а премногу сум побожен и ми смета споменувањето на името на Аркан секојдневно, каде и да се појавам, бидејќи сметам дека мртвите треба да си почиваат во мир. Многу често одам во Острошкиот манастир, таму доаѓаат луѓе од цел Балкан, и ми беше тешко да слушам како на тоа свето место народот постојано ме споредува со него, како дури и на оној свет да нема мир. Затоа решив да му го посетам гробот и да му запалам свеќа, од почит. Не е точно дека сакав медиумски да се експонирам со фотографиите покрај неговата спомен плоча, бидејќи не се фотографирав само покрај неговиот гроб, туку и покрај спомениците на многу актери кои што се погребани на алејата на великаните во Белград, како Бата Живојиновиќ, Драган Николиќ, Милорад Мандиќ – Манда и други“, вели Даркан.

Тој додава дека досега никој од семејството на Аркан не изразил желба да го запознае лично, но многу ги почитувал Цеца и сите деца на Жељко.

,,Цеца ја видов во живо само еднаш, на концерт во Будва. Доколку таа би сакала, би можеле да снимиме и дует, зошто да не? Многу ја почитувам, таа сепак е нашата најголема музичка ѕвезда. Го почитувам и Аркан и не ми е важно кој што мисли за него, оти за мртвите секогаш треба да се збори само најдобро. Тоа е христијански, а јас сум голем верник. Не навлегувам во политички теми, јас сум пред се поет и хуморист, музичар, и не сакам да фрлам со камен по никого, оти така вели и библијата. Сите ние си имаме свои гревови, за кои и можеби не сме свесни, затоа не треба да им судиме на другите. Не треба да му се суди и на Аркан, починат е повеќе од шеснаесет години, треба да се остави да почива во мир“, изјави Даркан.

Тој вели дека е свесен како неговата фотографија покрај споменикот на Жељко предизвикала забуна кај јавноста, посебно во сите поранешни југословенски републики, меѓу кои и Македонија. Додава дека, само од Македонците сеуште не добил покана за настап со гуслата, но ако некој го покани, веднаш би дошол да ни засвири и запее, а и да раскаже некоја шега.

Вики Клинчарова

Поврзани новости