Поп музичарот Дарио Панковски (59) најави нова песна, која најверојатно ќе биде промовирана пред Новата година. Тој објави фотографии од работната атмосфера во студио заедно со Кристијан Габроски и порача – Една нова, предновогодишна.
Дарио соработуваше со Габроски и на својата последна песна, баладата ,,Какви се овие времиња” која беше промовирана во април годинава.
Соработник при пишувањето на стиховите му била неговата ќерка Андреа, а пак Кристијан го направил аранжманот.
Инаку, Панковски е присутен на сцената од осумдесеттите години. Јавноста го запозна како дел од групата Бон-Тон, со која остави повеќе хитови, помеѓу кои и ,,Старо купувам” кој се уште често се врти во етерот.
Во 1992 година пак, ја формираше групата Миг 21, со која имаше голема популарност, многу настапи и два концерти во Универзална сала. Последниот албум го промовираше во 2016 година.
Приватно, повеќе од 30 години е во брак со Бојана и има две деца. Во постари интервјуа, често има изјавено дека неговата песна ,,Човек без спомени” е напишана за него и е негова автобиографија.
На осум години останал без мајка, и тоа бил тежок период за него, кога сам без ничија помош застанал на нозе и направил нешто во животот, оставајќи траг на македонската естрадна сцена.
Вики Клинчарова