Даравелски нема да оди во затвор, му застари извршувањето на казната?

by Fokus

Денеска одекна информацијата дека на граничниот премин „Табановце“ е упасен поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски, по 20 години поминати во бегство. Иако ноќта Даравелски ќе ја помине зад решетки, бидејќи веќе е спроведен во затворот Идризово, сепак, многу веројатно е од утре тој да биде слободен граѓанин, поради застарување на извршувањето на казната.

Поточно, Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Од сторувањето на делото според Кривичниот Законик се поминати 20 години, а од правосилноста на казната веќе поминале повеќе од 10 години, што и автоматски би требало да значи дека Даравелски нема да ја отслужи затворската казна, бидејќи истата застарела.

Според Кривичниот Законик, застареноста на извршување на казната подразбира неможност да се започне со извршување на изречената казна, со изминувањето на рокот, кој во законот е определен како рок на застареност, почнувајќи од денот на правосилноста на судската одлука.

Доколку со закон поинаку не е определено изречената казна не може да се изврши кога ќе поминат:

1) 30 години од осуда на доживотен затвор,

2) 20 години од осуда на затвор над десет години,

3) десет години од осуда на затвор над пет години,

4) пет години од осуда на затвор над три години,

5) три години од осуда на затвор над една година и

6) две години од осуда на затвор до една година или на парична казна.

Сепак, застареноста треба да ја констатира надлежниот суд, откако ќе ги разгледаат сите законски рокови. Доколку биде утврдена, тогаш  поранешниот директор повторно ќе биде слободен граѓанин. Најверојатно ова му било јасно и на Даравелски, штом самиот одлучил баш сега да се врати во државата, поминувајќи легално на граничен премин.

Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.

Валентина Вурмо

Поврзани новости