Даниловски за „Фокус“: Брзите тестови не го „ловат“ омикрон

by Fokus

Во последните неколку недели како што се зголемуваат бројките, така се повеќе се повеќе расте и бројот на новозаразени со омикрон, кој веќе насекаде низ светот се шири со брзина на светлината.

Тоа што е охрабрувачки со појавата на новиот сој, како што велат дел од лекарите е дека колку поексплозивно се шири, толку побрзо и спласнува.

„Појавата на варијанта на вирусот со висока заразност, но со помала смртоносност, во принцип, укажува дека вирусот „чувствува“ дека се стега обрачот околу него. Имено, оној момент кога тој ќе почне сѐ поретко да наоѓа осетливи домаќини, тој се обидува да се адаптира.

 

Кај него се јавуваат мутации кои треба да му овозможат да го заобиколи веќе стекнатиот имунитет кај луѓето – со прележување или вакцинирање, сеедно. Вирусот на тој начин си обезбедува повторно простор за распространување“, објаснува во изјава за „Фокус“, епидемиологот Драган Даниловски.

Тој додава дека веројатноста да се заврши во болница со омикрон е околу 70-80 проценти помала во однос на делта, што е „добра вест“.

„Според последните наоди на истражувачи од Јужна Африка, омикрон е 100,3 проценти попренослив од оригиналната верзија на коронавирусот од Вухан и 36,5 проценти попренослив од делта. Ова е во спротивност со претходните проценки дека омикронот е 2-5 попренослив од делта.

 

Интензитетот на ширење му е поголем во споредба со сите досегашни соеви. Десет заразени случаи во просек заразуваат преку 30 осетливи домаќини. Велиме, ефективниот репродукциски брок (Rt) му е во моментот преку 3,0“, тврди епидемиологот.

Според него, секогаш кога еден вирус се шири експлозивно, тој брзо и спласнува.

„Едноставно, колабира сам во себе. Ќе му недостаса гориво многу брзо. Еве една аналогија: шумски пожар во еден момент се задушува самиот, заради тоа што го потрошил целиот кислород потребен за горење. Многу е веројатно омикрон да е последната варијанта со пандемиски потенцијал.

 

Сигурно е дека вирусот ќе мутира и во иднина, особено што постои голема нерамномерност со опфатот на вакцините во светот. Но, тие идни варијанти тешко да ќе пројават пандемиски потенцијал“, додава доктор Даниловски.

ТЕСТИРАЊАТА ВО МОМЕНТОТ НЕМААТ СМИСЛА

Во однос на бројките, кои секојдневно излегуваат во дневните статистики на министерството за здравство се очекува дека реалните бројки се за 5 до 10 пати поголеми.

„Еве зошто. Симптомите на омикрон не се разликуваат од оние на настинка. Тоа се симптоми на горните дишни патишта (најчесто кашлица, малаксаност, затнатост и течење на носот). Граѓаните веќе подолго време претежно се тестираат со брзи тестови од аптека. Нивната сензитивност се движи меѓу 30 и 60 проценти за делта. За омикрон е уште пониска. Значи, добиените негативни резултати се во голема мера лажно негативни.

 

И граѓаните слободно продолжуваат да се движат. Има и такви кои и со позитивни наоди тоа го прават, заради лесните симптоми, а има и такви кои, иако имаат симптоми, не се ни тестираат. Оттаму, бројот на позитивни ПЦР тестови ни оддалеку не ја отсликуваат вистинската состојба. Настрана фактот што за изработка на еден ПЦР тест потребни се најмалку неколку саата, вели Даниловски.

 

Од друга страна, вирусот во горните дишни патишта се размножува 70 пати побрзо, во споредба со делта. Тоа значи дека, на пример, негативен ПЦР добиен на почетокот на денот може да биде лажно негативен резултат, а граѓанинот, заради тоа да смета дека нема ковид и ќе продолжи нормално да се движи.

„Но, веќе до крајот на денот, вирусот се размножил во огромни количини и напаравен тест вечерта може да биде позитивен. Оттаму, ПЦР практично е неупотреблив за следење во „сегашно време“ на ширењето на омикрон. Од сето изнесено, следи заклучок дека тестирањето веќе нема никаква епидемиолошка смисла!

 

Затоа, јас предложив тестирање воопшто да не се врши на луѓе без симптоми, па дури и на оние со лесни симптоми! Сега, најмногу има смисла да се тестираат само оние кои ќе бидат хоспитализирани. Другите треба да се пуштат слободно, вели доктор Даниловски.

Според него, од тука се доаѓа до уште една сосема непотребна мерка.

„Сега веќе нема никаков ефект ниту инсистирањето на сертификати за вакцинираност. Вирусот не го шират веќе само невакцинираните, туку сите, независно од вакциналниот статус. Чуму ни се, тогаш, сертификатите? Сега веќе нема смисла ниту мерката за задолжителна изолација.

 

При едно извонредно интензивно ширење на вирусот и голем број позитивни, се поставува прашање – пола држава ли ќе ја ставиме во изолација? Не! Сите без и со лесни симптоми нека работат! Исто така, ниту маски веќе не се потребни. Особено за учениците!“, додава докторот.

КРАЈ НА ФЕВРУАРИ БИ ЗНАЧЕЛ И КРАЈ НА ПАНДЕМИЈАТА

Сепак, со најлоша клиничка слика и најмногу на удар се невакцинираните.

„Останува на нивната свест и совест како ќе постапат во актуелната ситуација. Ако сметаат дека им е прифатлив ризикот да се дружат по кафеани и други места незаштитени – тоа е нивна одлука! Незаштитени не од заразување, туку од тежок исход на болеста. Секако, под ризик се и старите и хронично болните, колку и да е омикрон „поблаг“ од делта.

 

Идејата зад овие либерални предлози е следната. Да се овозможи во што покус период да достигнеме колективен имунитет од преку 95 проценти, што ќе биде доволно епидемиското ширење да прекине. И да премине во ендемична фаза. Тоа би се очекувало да се случи некаде кон крајот на февруари – почетокот на март. Тоа практично ќе значи крај на пандемијата во Македонија“, вели Даниловски.

Тој повторно нагласува дека мора да има протоколи за лекување, но додава дека ако се продолжи со издавање решенија за изолација и боледувања ќе дојде до блокирање на работните процеси во државата.

„Заради тоа, имајќи предвид дека, наспроти наглиот пораст на позитивни случаи, сепак, оние што се хоспитализираат се мал број, мудро би било асимптоматските случаи и оние со лесни симптоми да продолжат со работа, наместо да одат во изолација.

 

Само оние со поизразени симптоми да си останат на домашно лекување – и да добијат боледување. И се разбира, на боледување ќе бидат и оние хоспитализираните“, истакна доктор Даниловски.

Досега во земјата се направени вкупно 1.665.043 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 234.277, бројот на оздравени пациенти е 215.852, на починати е 8.042, а бројот на активни случаи изнесува 10.383.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости