Даниел Кајмакоски повика да не ја даваат државата, но и СЈО да си ја работи работата

by fokus 20:09
20:09

Поп пејачот Даниел Кајмакоски, кој што се стекна со популарност пред три години, на регионалното музичко шоу ,,Икс Фактор Адриа’’ и кого што јавноста неретко го споредуваше со легендарниот Тоше Проески поради начинот на кој што и се обраќаше на публиката и поради скромноста, денес преку својот официјален Фејсбук профил ги повика своите фанови ,,да не ја даваат државата’’.

,,Три години поминаа од како се вратив во мојата сакана Македонија. Kаде и да настапував гордо ја претставував мојата татковина, затоа што Македонија ми е во срцето. На моите фанови им докажувам секојдневно дека сите сме исти и дека за сите имам љубов. Ги учам да се сакаат и да бидат тука еден за друг независно на нивната верска и етничка припадност. Да знаете дека народот нема проблем меѓусебе. Луѓето си живеат и ќе живеат! Од Германија, преку Австрија и Македонија имам пријатели од секоја националност и вера и никој не ми рекол “еј што правиш ти, зошто ја сакаш Македонија” ? ниту еден не ми замерил кога сум го кренал македонското знаме, никој не се налутил што сум ја изразувал љубовта кон својата земја, напротив уште повеќе ме почитувале, кога гледале колку ја почитувам мојата родна земја Македонија. Јас сум навистина човек, кој не разликува на таков начин. За мене или си човек или не си. Сум растел во Виена. Таму буквално сите се исти, но јас ја сакам Македонија, бидејќи секогаш имала љубов за сите, кои што живеат во неа. Душата ме боли да ја гледам Македонија во ваква ситуација. Не ја давајте државата затоа што нашето заедничко небо е , Македонија!  – За заедничка Македонија’’ – напишал Кајмакоски.

- Advertisements -

Пејачот роден во Мислешево, Струга, кој што долги години живееше во Виена, Австрија, веќе три години живее во Скопје. Со него разговаравме телефонски, за да дознаеме што точно го инспирирало да го повика народот ,,да не ја дава државата’’.

,,Статусот го напишав чисто од љубов кон татковината! Немам никакви политичи намери, ниту пак пристрасност кон некоја партија. Јас не сум политички аналитичар, туку јавна личност, и сакав да му дадам поддршка на народот кој што мирно протeстира. Моите зборови им се наменети на сите неопределени, без партиска книшка, кои што се грижат за земјата’’ – раскажува Кајмакоски.

Кајмакоски на првиватна дружба со Тарчуловски

На нашето прашање дали и тој излегува на протести, вели дека има премногу обврски со новородениот син, па не стигнал досега да им се приклучи на луѓето кои што протестираат. Околу тоа, дали своја поддршка им дал и на протeстите на Шарената Револуција, Даниел не ни одговори, но е категоричен дека секој кој што направил било каков криминал, треба да одговара пред судот.

,,Како што кажав, јас сум уметник, а не политички аналитичар, но во никој случај не поддржувам криминал. СЈО треба да си ја работи својата работа, а јас само како некој кој што е дел од јавниот живот во земјава, изразувам своја поддршка кон народот. Не е мое да анализирам, постои суд за тие работи’’ – ни изјави Кајмакоски, кој што зад себе има неколку синглови, а чиј што татко Павле исто така се занимава со музика и долги години наназад е дел од фолк естрадата.

Вики Клинчарова

 

 

 

Поврзани новости