Данев: Сакаме да ги убедиме СДСМ да гласаат за намалување на акцизата

by fokus

Со цел да ги убедат колегите од владејачкото мнозинство да гласаат за нивниот предлог, пратеничката групата на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која повторно најави дека ќе поднесат Предлог-закон за намалување на акцизата на дизел горивото.

Координаторот на пратеничката група повтори дека зголемувањето на акцизата на дизелот за 3,5 денари е удар по џебот на најсиромашните и дека тоа за просечниот граѓанин значи 200 денари плус. Вчера, пак, законот го најави пратеникот Влатко Ѓорчев.

– Откако власта ја покачи акцизата, цената на дизелот галопирачки се зголемуваше и од 46 денари за литар во времето кога СДСМ ја презеде власта се зголеми на 60 денари. Тоа е покачување за 30 отсто, рече Данев.

Трошокот, според него, кој директно ќе го платат граѓаните, е над 40 милиони евра, но индиректниот трошок е многу поголем. Покачената акциза влијае дестимулативно на економијата и го забавува нејзиниот раст.

Данев, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека власта и во Парламентот поддржала дел од нивните предлози за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој в петок е на дневен ред на собраниската Комисија за транспорт.

Во однос на спорот со името и информираноста на опозицијата, тој рече дека очекувале овој процес да се води многу потранспаретно.

Поврзани новости