Дане Кузмановски: Лав што ги сака животните

by Фокус 13:10
13:10

Угостителството, шпедицијата и обложувалниците се неговото сигурно тло во приватните бизниси. Проектот нова Зоолошка градина е предизвик што го прифати како прва државна функција. Сѐ уште е точка која го држи неговото внимание. Во иднина посакува да изработи проект за еден нов градски Луна парк.

- Advertising -

Како дете сонувал да стане актер. Бил дел од детската радио и телевизиска продукција ма МРТВ, а со задоволство партиципирал и во театарски проекти, кои во тоа време му обезбедувале џепарлак. Својот сон да стане актер не го оствари, а која е причината за тоа првпат ја раскажа низ нашата заедничка прошетка во Скопје Сити мол.

Ресторанот „Венето“ стана нашата првична локација, каде што по уживањето во кафето го почнавме враќањето во минатото.

ФОКУС: Својата кариера ја почнувате како дете на 6 година. Во радио. Велат радиото е магија. Го добивте ли и вие тоа чувство? 

КУЗМАНОВСКИ: Точно е тоа што го велат луѓето за радиото. Но, тоа е така и за другите професии. Ова ми го кажуваа и луѓето од Зоолошка, според кои кога еднаш ќе влезеш таму, стануваш маѓепсан и остануваш таму засекогаш. Јас мислев дека таму ќе бидам три години, па ќе се повлечам, ама нивните ставови се покажаа како точно предвидување дури и за мене. Практично љубовта кон одредена професија е пресудна дали вие ќе се откажете од неа или не. Инаку во радиото, кога бев дете, јас бев комплетно посветен на тоа. Тоа е и мојата прва љубов.

ФОКУС: Актерството го оставивте настрана иако учествувавте во неколку интересни проекти. Не беше вашиот сон да станете актер? 

КУЗМАНОВСКИ: Причината поради која јас не сум повеќе дел од таа професија, иако во тоа време бев и дел од одредени театарски проекти, се појави во мигот кога се одлучував да се запишам на факултет. Татко ми сакаше да студирам економија, додека мајка ми не ме ограничуваше во изборот. Тие разговори ги водевме отприлика кога јас бев некаде втора година средно. Тогаш се случи еден настан  кој ме натера да го сменам својот став за оваа професија. Конкретно се разочарав, еве сега ќе ви откријам и зошто. Јас во тоа време имав пријател кој се викаше Никола Младенов. Ние заедно бевме дел од детската радиодрама.

Ние, конкретно неколку од нас, посебно се истакнувавме во таа екипа, а Никола беше најдобар, што го покажаа и добиените награди на многу сцени, меѓу кои најсилна беше сцената во Сараево, потоа Нови Сад… Тој беше поголем од мене две години, прв дојде во ситуација да се запише на Факултетот за драмски уметности. Никола конкурираше, но го одбија. Во тој момент си помислив, ако најдобриот од нас, од нашата генерација, не успеал, тогаш како ќе го направам тоа јас? Мојот, а најверојатно и неговиот заклучок, иако не можам да го тврдам тоа, е дека ние потекнувавме од  работнички семејства, значи немавме кој да застане зад нас. Затоа немаше простор за нас на тој факултет. Јас се откажав од тој мој сон, од таа моја љубов, бев во војска, а потоа се запишав на Економскиот факултет.

ФОКУС: Кичо од Попај порасна, дали вие како негов глас, во моментов кога цути синхронизацијата во Македонија, се нервирате кога ќе забележите лоша дикција при синхронизациите, посебно на цртаните филмови? Не ли ви пречи погрешната дикција на лицата кои денес го работат она што вие го правевте во ваше време како дел од екипата која го синхронизираше цртаниот филм за Попај морнарот? 

КУЗМАНОВСКИ: Како не, многу ме иритира. Веднаш го менувам каналот. Тоа е општа некултура. Првенствено тоа треба да се знае од лична култура. Не ми е јасно како човек кој се определил да работи нешто, дозволува да има недостатоци во смисла на литературниот говор. Меѓутоа, од друга страна, јас повеќе за тоа ги обвинувам професорите на факултет кои им даваат преодна оценка и диплома, а притоа не обрнуваат внимание на тие работи, на тие вистински вредности. Не се такви само актерите и уметниците кај нас. Во многу професии денес има вакви случаи.

Скопје Сити мол е местото каде што Кузмановски ужива во шопинг, но и во овозможувањето ретки моменти за забава на членовите на неговото семејство. Вообичаено во март сите избираат подароци за партнерките, но бидејќи Дане по тоа прашање веќе има готов пакет со изненадување за својата сопруга, се одлучи за шопинг за себе во „Бата“.

ФОКУС: Многумина се прашуваат што точно е компанијата Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија Касинос Аустриа ДОО Скопје? Какви игри на среќа ќе донесе таа во Македонија? Многумина оваа компанија ја поистоветуваат со Државна лотарија на Македонија, дали станува збор за истата компанија? 

КУЗМАНОВСКИ: И логички е на некој начин да се создаде забуна во врска со поистоветувањето на двете компании, иако тоа не беше наша интенција. Сметавме дека со еден збор што е вметнат во  името на новата компанија – Државна видеолотарија на Македонија ќе го постигнеме ефектот за раздвојување на практично двата посебни правни субјекти. Инаку основната цел и на двете компании е преку лотарискиот систем да постави критериуми на организирање игри на среќа, кои ќе бидат комплементарни со корпоративната општествена одговорност.

Инаку и на ниво на Европа, но и во светски рамки, во тоа е и суштината и основната разлика меѓу компаниите што организираат игри на среќа во сопственост на државата или во комбинација со одреден процент на приватен капитал и државна сопственост од приватните компании што го прават тоа, а кои, пак, целиот приход што ќе го остварат го чуваат за себе. Морам да потенцирам дека има и разлика меѓу Државна лотарија на Македонија и Државната видеолотарија на Македонија. Едната организира традиционални игри на среќа, како Лото, Бинго и Инстант лотарија, тоа се претежно фондовски игри, додека другата, Државната видео лотарија ќе организира нови, модерни, пософистицирани игри на среќа.

Интересно е што дел од овие нови игри на среќа ќе бидат онлајн, а тоа практично се сите можни игри на среќа што се достапни до граѓаните по пат на интернет. Станува за збор за широка палета на игри на среќа, меѓу кои како најатрактивни за играчите се спортското обложување, трки на коњи, потоа онлајн-казино, како и игрите кои во поново време се присутни во електронските казина од типот на електронски рулет, апарати и слично, кои по пат на интернет ќе бидат достапни до секој дом.

ФОКУС: Ја споменавте општествената одговорност како една од вашите цели. Дали тоа значи дека ќе поттикнете развој на одредени спортски активност, кои, за жал, во Македонија сѐ уште  се на некое пониско ниво поради тешкотиите со кои се соочуваат луѓето што ги организираат. Дали ова значи дека оваа компанија ќе работи на поттикнување, развивање на спортот во земјава? 

КУЗМАНОВСКИ: Па, да, секако. Јас сега не би можел да зборувам конкретно, но планот е во текот на првата година од работењето да ги запознаеме подетално сите аспекти на игрите, а потоа, откако ќе ги имаме првите показатели за заработувачката, да преминеме кон ваков тип активности. Според насоките што ги дава самата Европска асоцијација, но и според насоките што ги имаме зацртано во нашите размислувања, би требало, веќе во втората година од нашето работење, да одвојуваме поприлично голем фонд со кој на некој начин ќе ја оправдаме нашата намера за општествена одговорност.

Преку тој фонд, во моментов, се планира да се насочиме во потпомагање спортски манифестации, натпревари, да се издвои одреден дел средства и во образованието, посебно за најмладите. Имеме големи планови, амбициозни идеи, па се надеваме дека многу ќе помогнеме во областа на развојот на културата, уметноста, спортот и секако образованието, конкретно едукацијата на нашите најмлади.

ФОКУС: Обложувањето, односно ваквиот тип игри на среќа не е ново во вашето бизнис-портфолио. Во 2003 година се навлековте во бизнисот, кој е близок до игрите на среќа. Имено, се испробавте и во бизнисот со обложувалници. Станувате партнер во обложувалницата „Бундест спорт“, која за извесно време отвора 24 обложувалници низ земјата. Што ве натера да се повлечете од својот дел? 

КУЗМАНОВСКИ: Во периодот кога со своите партнери го отворивме тој синџир, во Македонија овој бизнис беше во зародиш, но и беше коректно профитабилен. Меѓутоа, како и во сите други професии, кај нас се случи експанзија на вакви субјекти, поради што профитот се намали. Ова е една од причините поради кои се повлеков. Другата причина, која на некој начин е и посуштинска за моето повлекување од таму, беше тоа што бев растргнат меѓу многу бизниси, го оформував своето семејство, па посакав некоја работа со која јас ќе бидам општествено одговорен. Токму и поради тоа се нафатив со работата во Зоолошката градина, а таа сама по себе бараше одредени жртви, конкретно намалување на дел од моите приватни активности. Токму и затоа го продадов својот удел таму и се нафатив со обновата на Зоолошката градина во Скопје.

ФОКУС: Заживување на Зоолошката градина во Скопје пред неколку години посакуваа многумина, но по обидите без резултат се откажуваа. Вие го расипавте овој просек. Конечно некому му успеа од Зоолошката да направи место кое со задоволство се посетува. Како, имавте ли различна визија од другите? Имавте ли некаква друга позиција? Дали можеби го следевте концептот на другите Зоолошки од околината? 

КУЗМАНОВСКИ: Веројатно, кога би се обидел комплетно да одговорам на сите овие прашања, најисправниот одговор би бил некаков микс од сето она што го споменавте. Во суштина, јас сум човек кој никогаш не се плаши од работата, без оглед на тоа колку ја познавам или ја запознавам. Од друга страна, чинам дека со правилна визија во комбинација со труд, резултатите едноставно не може да изостанат. Секако, добредојдени ми беа и туѓите искуства, како од околните Зоолошки градини, така и од тие на Запад. Не би сакал да изгледа дека сум портпарол на Владата, но не можам да не ги споменам.

Секако, вие би можеле да се трудите многу, но доколку немате поддршка, посебно финансиска, тешко дека ќе стасате до успешно решение. Јас имав среќа во тој момент да добијам поддршка од Владата, во смисла на финансии, кои беа стратешки наменети, а ова, пак, како убав сигнал беше препознаено и од приватниот сектор. Многу приватни фирми се приклучија во овој проект, по забележувањето на првите позитивни резултати. Конечно, го имавме пакетот кој се покажа како некоја убава и успешна формула, а која со задоволство ја препознаа и самите посетителите на Зоолошката.

ФОКУС: Европската асоцијација на зоолошки ја прогласи Зоолошката градина Скопје за Зоолошка градина со најголем подем. Ви годи ли овој факт? Дали еве сега чувствувате некакво задоволство ако фрлиме блиц-поглед наназад? Вие сѐ уште на некој начин не се ни откажувате од Зоолошката како ваша активност. Па, токму и затоа, дали сметате дека сторивте се што требаше да направите за Зоолошката или длабоко во себе чувствувате дека имате уште потенцијал што треба да го искористите ? 

КУЗМАНОВСКИ: Па, секако дека сум задоволен. Би бил нескромен, ако кажам дека не сум. Пред моето доаѓање таму во 2008 година, во Зоолошката гостуваше екипа од Би-Би-Си со идеја да се поддржи акцијата на Европската асоцијација за Зоолошки градини за затворање на нашата, поради нехуман третман кон животните и катастрофалните услови за живеење на животните. По година и пол од нивното гостување со оваа идеја, Зоолошката градина беше прогласена од Европската асоцијација на зоолошки за Зоолошка градина со најголем подем. Ова беше и потенцирано од страна на претседателот на Европската асоцијација на зоолошки.

Тоа самото говори дека јас би требало да бидам и повеќе од задоволен. Секако, не сум направил сѐ што сум посакал, од едноставна причина што сѐ уште има животни кои нашите дечиња не можат во Зоолошката градина да ги погледнат во живо. Плус Зоолошката градина е толку многу жива материја на некој начин, што дури и цел живот човек да потроши, пак не би можел да каже дека направил сѐ. Затоа, задоволен сум од тоа што досега го постигнавме, но додека можам, никогаш нема да се откажам од неа.

ФОКУС: Сакате животни, имате ли домашни миленици? Постои ли  некое животно во Зоолошката кое е ваш миленик, па најчесто му го посветувате своето внимание? 

КУЗМАНОВСКИ: Да, сакам домашни миленици. Дури и чував на двапати, и тоа куче. Но, вториот пат, смртта на мојот миленик беше трагична, беше отруено од моите соседи. Ова беше мошне потресно за мене, поради што донесов одлука повеќе да немам домашен миленик, за да не се врзувам веќе на тој начин. Што се однесува до Зоолошката градина, можам да кажам дека жирафата како едно од поелегантните, понежните животни, на некој специфичен начин го привлече моето внимание. Можеби тоа е и поради фактот што во Зоолошката во Скопје, претходно никогаш немало жирафа, па ете јас успеав со своите ангажмани да донесам 4 жирафи, од кои едната, за жал, ни почина.

ФОКУС: Токму смртта на жирафата беше причината поради која деновиве се појави кампања со која се бара затворање на Зоолошката, каков е вашиот став во врска со ова? Плус не очекувате дека здруженијата за заштита на животните ќе реагираат со обвинувања дека ги злоупотребувате животните, користејќи ги за создавање профит преку обложувањата кои претходно ги споменавте? 

КУЗМАНОВСКИ: Не верувам, не знам дали ќе веруваат и вашите читатели, дека има човек што е вработен, посебно во нашава Зоолошка градина, но и во другите градини, кој едноставно не се соживува со својата работа, и кој едноставно ги сака тие животни. Верувајте ми, во моментов, навистина толку е подигнат стандардот на  размислување и одговорноста кај вработените, што не верувам дека кога било претходно или можеби подоцна било или ќе биде повеќе. Значи, верувајте ми, толку многу ангажман даваат тие луѓе и толку се  дури и среќни додека работат, па токму поради тоа и ме чуди како членовите на тие здруженија или невладини организации мислат дека повеќе ги сакаат животните од нас. Едноставно тоа никако не можам да го разберам.

Бевме повикувани на резултати од тие здруженија, посебно од Анима Мунди, дури нѐ обвинуваа дека ги криеме. Добра констатација даде деканот на Ветеринарниот факултет, кој  истакна дека дури и за нас луѓето, некои резултати бараат одредено време. Ние во тие моменти побаравме трпение, додека се завршат сите анализи и потоа јавно ги споделивме. Се работеше за нешто што еве може да му се случи на човек. Пад на имунитетот, настинката предизвикала последици кои, за жал, беа ете трагични. Што се однесува до протестот што беше неодамна, според кој животните се во затвор, затворот е кафез, па дури и златен да е, делумно се согласувам.

Јас по убедување сум демократ, па затоа дозволувам секој да размислува на свој начин. Сметам дека секоја власт, државна или градска, треба да настојува да ги подобрува условите за живот на животните, значи тука ставовите ни се поклопуваат. Но,би сакал да потенцирам дека сите животни во Зоолошките градини се родени таму, во услови на ограничен простор на живеење, па поголема катастрофа би се направила доколку би ги пуштиле во дивина. Тие едноставно не би можеле да се вклопат во неа, не би знаеле како да ловат, затоа што никогаш не живееле така, не би знаеле како да опстанат таму. И за крај не би требало да заборавиме дека голем број дечиња за животните се едуцирале токму во Зоолошките градини. Тоа секако е подобро од препознавањето на животните од филм или игра на компјутер.

Март е месец на потрагата по личност со стил во Скопје Сити мол. Веќе се знаат 8-те кандидатки, кои се дел од големото финале токму за Денот на жената. Целиот простор во Скопје Сити мол упатува на оваа интересна случка. И ние љубопитно го разгледувавме просторот каде што ќе се случува овој интересен настан. Март е интересен и како месец во животот на нашиот соговорник, кој инаку е Лав според хороскопот. Но, Лав кој очигледно е вљубен во животните.

ФОКУС: Очигледно март е ваш месец. На 2 март 2011 станавте генерален директор на Државната лотарија на Македонија, а еве сега повторно во март го составувате новиот тим за компанијата што ќе ја раководите?  Дали верувате во вакви симболики? 

КУЗМАНОВСКИ: Интересно. Јас не сум суеверен. Не сум којзнае каков верник, ја почитувам црквата како институција. Во себе некако сум уверен дека нешто постои, не можам да си го објаснам што е. Јас не сум обрнал внимание, но сега кога ми го потенциравте март како месец, да ме потсетивте дека јас сум пролетен човек на некој начин. Јас сум човек што ги сака пролетта и летото, многу повеќе од зимата.

ФОКУС: Каков е Дане како родител? Дали на својот син Данило му посочувате некои нешта кои вие сте ги правеле да бидат негов пример за животната борба што допрва го очекува? Дали Галена ќе ја советувате да биде можеби актерка? Дали ги ограничувате или  им дозволувате слобода самите да го направат својот избор, самите да стасаат до одредено сознание? 

КУЗМАНОВСКИ: Поради сите мои обврски, од огромна помош ми е сопругата. Таа и покрај нејзините професионални ангажмани, посветува многу внимание на воспитувањето и на образованието на нашите деца. Таа е комплетно одговорна и компетентна за тој дел од обврските во семејството, што за мене е огромна поддршка и помош. Плус, таа е несебично толерантна за сите мои ангажмани. Инаку како родител, моја должност е да им ги посочам предностите или недостатоците на некои професии, но, сепак, нивна ќе биде одлуката. На крајот, секогаш првичниот инстинкт на децата е најдобар и најмеродавен за нивните одлуки. Јас не би се мешал, не би настојувал. Не би се мешал, сепак, прво убаво би објаснил, а потоа сами да одлучат, бидејќи секое настојување раѓа контраефект. На тој план дури и сме усогласени со мојата сопруга.

Со оглед на тоа дека неговата ќерка има роденден наскоро, а Скопје Сити мол ќе биде центарот на одбележувањето на тој ден, се обидовме да најдеме нешто што ќе биде интересно како роденденско изненадување. Во продавницата „Беоспорт“ ја почнавме потрагата, а таму секое парче облека предизвикуваше посебно внимание поради неговата единственост.

ФОКУС: Приватен бизнис или администрација, со оглед на фактот дека некако успевате да пливате и во приватниот бизнис, но и во државниот сектор­? Што повеќе ви лежи, каде полесно се влечат конците? 

КУЗМАНОВСКИ: Во приватниот бизнис, секако, е поедноставно, бидејќи секоја одлука што ќе ја донесете може да ја спроведете веднаш. Таму нема бирократско-административни процедури кои  пак се присутни во државниот сектор. Одлуката во приватниот бизнис ја носите вие како сопственик и ја спроведувате веднаш.  Државниот сектор мора да ги запази процедурите поради што времето на одлучување се пролонгира.

ФОКУС: Многумина сметаа дека ќе бидете кандидат за градоначалник, но предвидувањата за Вас се покажаа како погрешни.  Дали ова беа шпекулации или не посакувате кариера на политичар? 

КУЗМАНОВСКИ: Малку тешко прашање, иако во суштина одговорот е едноставен. Во комуникација со моите пријатели, роднини и другари, често во тоа време бев распрашуван за ова прашање. Не се препознавам себеси како политичар,  поточно не би сакал да се занимавам со таа професија, иако, лично, сметам дека тоа е повеќе ангажман од професија. До скоро, сметав дека не сум за политичар.

Повеќе се препознавам себеси во економијата, мислам дека тука би можел да дадам повеќе. Мојот ангажман во Зоолошка, Државна лотарија… е мој начин да ѝ се оддолжам на својата држава бидејќи, сепак, си ја сакам мојата земја и би сакал да дадам свој придонес за неа. Не исклучувам дека некогаш би се вклучил во политиката. Скоро гледав една емисија во која гостуваше еден човек со албанско потекло, чија мисла ме фрапира и ме окупираше неколку денови потоа. Затоа и на некој начин се плашам да кажам дали би се занимавал со политика.

Не знам дали би можел да издржам да се занимавам со политика и тоа да го правам на истиот начин како што го правам сега во сферите во кои се ангажирав, поконкретно  на некој начин да имам ангажман од 3 години. Ретки се луѓето што влегле во политиката и по 2,3 години се повлекле од неа, а притоа останале чисти.  Затоа и ми се допадна мислата на човекот што го гледав на телевизија, а кој, меѓу другото, потенцираше дека секој политичар по 2,3 години се контаминира. Јас апсолутно се согласувам со тоа што го кажа тој. Затоа и не би сакал да се доведам во искушение да се проверувам самиот себе.

ФОКУС: Кој е вашиот животен предизвик? Дали можеби посакувате потајно во себе сакате да направите нешто за актерството затоа што тоа беше вашиот детски сон или постои нешто друго што го гледате како цел на вашата животна патека? 

КУЗМАНОВСКИ: Најискрено, додека го поставувавте прашањето добив идеја да направам нешто повеќе со новата компанија за да интервенираме во Театарот за деца и млади. Би сакал да го помогнеме за да застане постабилно на свои нозе. Не би сакал сега да се навредат луѓето што се таму и да помислат дека не сум го забележал тоа што тие го направиле досега. Но, мислам дека со малку повеќе помош, многу повеќе би се искористил тој потенцијал што го имаат. На тој начин би можеле да го издигнеме на повисоко ниво. Инаку доколку Град Скопје и градоначалникот успеат да најдат инвеститори за Луна паркот, потајно посакувам да бидам раководител на тој проект. Мој сон е да направам едно убаво детско катче во Луна паркот, место кое ќе обезбеди насмевки и задоволство на лицата на дечињата.

Фото: Фокус, 2014

 

Поврзани новости