Дали партиите може да финансираат кампања со парите што ги добиваат од буџетот?

by Фокус

Дали партиите може да финансираат кампања со парите што ги добиваат од буџетот – оваа дилема неодамна ја отворија антикорупционерите, од каде истакнаа дека недозволено е користење на буџетски средства во изборна кампања. Но, политичките партии кои тоа го сториле тврдат дека нема ништо нерегуларно. Сепак, конечниот збор треба да го имаат ревизорите, од каде на Левица веќе и доставиле одговор дека постои можност за трансфер на средства помеѓу основната и изборната сметка, без патем да се прецизира дали трансферираните средства ќе бидат извор на финансирање на изборната кампања или учесниците ќе имаат обврска да ги вратат  на сметката на партијата.

Државниот завод за ревизија се уште врши ревизија на вкупните финансиски извештаи кај учесниците на парламентарните избори, така што се уште немаме добиено повратни податоци и информации, велат од Државната комисија за спречување на корупција, која пред скоро 3 месеци во посебен извештај нотираше елементи незаконско финансирање на изборната кампања на ланските парламентарни избори, вклучително и во делот на трансфер од редовната на изборната сметка на буџетските средства што партиите ги добиваат врз основа на освоените резултати.

-Некои од партиите немајќи доволно средства, било на редовната, било на изборната сметка, ги земаат парите од буџетот и како донација од партијата ги користат за изборната кампања. Ова го воочивме како разлика – ако остварил донација милион денари, на изборната сметка префрлил три милиони денари. Два милиони денари остануваат нејасно од кои извори се обезбедени – рече тогаш антикорупционерката Катица Николовска, додавајќи дека ревизорите треба да ги потврдат ваквите наводи како орган со увид во сите приходи.

Впрочем, во овој извештај на ДКСК за „утврдените злоупотреби за финансирање на изборната кампања“ се наведува дека неколку партии префрлиле повеќе пари од редовната сметка за тековно функционирање на партијата кон изборната сметка специјално отворена за изборната кампања. Една од нив е Левица, која на редовната сметка примила донации во износ од околу 1,5 милиони денари, а на изборната сметка трансферирала над 3,5 милиони денари. Но, од партијата тврдат дека нема спорно во ваквиот начин на финансирање на кампањата.

Како што ни открија од партијата предводената од Димитар Апасиев, тие уште една година пред парламентарните избори одржани на средината на минатата 2020 година се обратиле до Антикорупциската комисија во врска со законската основа за трансфер на средства од основната партиска сметка. Притоа, истакнуваат од таму, Комисијата се прогласила за ненадлежна. Воедно, се обратиле и до Државниот завод за ревизија, од каде пак Левица добила одговор, односно мислење за дел од Изборниот законик што ја регулира оваа ситуација.

Поточно, се работи за член 71 став 7 од Изборниот законик, која глас: „На трансакционата сметка за изборна кампања може да се депонираат и средства од основната жиро-сметка на политичката партија, како и од посебните жиро-сметки за средствата обезбедени преку кредит. Политичката партија може да врши пренос од трансакциската сметка за изборна кампања на основната жиро-сметка на партијата“. Според ревизорите, со оваа одредба дадена е можност за трансфер на средства помеѓу основната сметка и сметката за изборна кампања, без патем да се прецизира дали трансферираните средства ќе бидат извор на финансирање на изборната кампања или учесниците ќе имаат обврска да ги вратат  на сметката на партијата.

„Исто така, истакнуваме дека во член 83 став 2 во ИЗ пропишани се изворите на финансирање на изборната кампања: членарина и донации од правни и физички лица, поради што ревизијата е на мислење е потребно доуредување на Изборниот законик“, стои во одговорот што Левица го добила од ДЗР, од каде уште посочиле дека за финансирање на изборната кампања учесникот може да потроши најмногу до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, односно општината за која има поднесено листа на кандидати.

Според извештите доставени до надлежните институции, Единствена Македонија не собрала ниту денар по основ на донации на редовната партиска сметка, но на изборната сметка префрлила 2.285.000 денари. Во изјава за Фокус, Бачев тврди дека финансирањето на кампањата со парите што партијата ги добива од Министерството за правда е целосно законско. Имено, тој истакнува дека не постои законска одредба која забранува за време на избори да се префрлуваат буџетски средства од редовната на изборната сметка.

-Според член 26 од Законот за финансирање на политичките партии, партијата има право да врши пренос на средства помеѓу своите сметки. Според член 9 став 3 од истиот закон, партиите можат да ги користат средствата од буџетот исклучиво за остварување на своите цели утврдени со закон и статус. Според Изборниот законик, цел на партиите е учество на избори за освојување на власта…. – вели Бачев, додавајќи дека партија во Статутот има определено 8 цели кои може да ги оствари само ако победи на избори и ја освои власта, а на тоа, нагласува тој, мора да му претходи изборна кампања која се плаќа.

Инаку, по одговор добиен од Управата за финансиско разузнавање, Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривично гонење за овластените лица во една политичка партија поради незаконско финансирање на кампања, која, како што објавивме, веќе пристигна до Јавното обвинителство. До овој момент, во обвинителството не се поднесени други кривични пријави, ниту, истакнуваат од таму, се оформени други предмети во врска со финансирањето на изборната кампања за парламентарните избори во 2020 година.

Влатко Стојановски

Поврзани новости