Дали ние знаеме дека тие ништо не знаат?

by fokus 10:18
10:18

ЉУБЧО КАКО КЛЕМАНСО

На францускиот политичар Жорж Клемансо му се припишува ваква изјава со која ги оправдал идеолошките лупинзи што ги направил во текот на неговата кариера: „Кој не е либерал во младоста – тој нема срце, но кој не е конзервативец во зрелото доба – тој нема памет“.

- Advertising -
"

Сигурно вака некако и Љубчо Георгиевски, да го прашаат и да каже искрено, би ги објаснил неговите идеолошки лупинзи: „Кој не се залагал за независна Македонија во 1990та – тој немал срце, но кој во 2013та нема бугарски пасош – тој нема памет“.

ГРУЕВСКИ КАКО ВОЛТЕР

Францускиот филозоф Волтер, размислувајќи за важноста на религијата во одржувањето на моралните вредности кај луѓето рекол дека „Да не постоеше Бог ќе моравме да го измислиме“.

Македонскиот премиер Груевски пак, во моментите кога гледа дека уште една од неговите економски идеи доживува дебакл, не стравува за својот рејтинг бидејќи во филозофски дух сигурно си вели: „Да не постоеше спорот со Грција за името, ќе моравме да го измислиме“.

БРАНКО КАКО ПЛАТОН

Античкиот мислител Платон коментирајќи го фактот што многу луѓе упорно одбиваат да се откажат од своите предрасуди, дури и кога ќе им се објасни дека тие се сосема бесмислени резигнирано напишал: „Разбирам кога деца се плашат од темнината, ама не разбирам кога возрасни луѓе се плашат од светлината“.

Бранко Црвенковски пак, да не беше автор на фразата „Што ќе ми се интелектуалци околу мене, па нема на квиз да идам“ и да имаше некоја филозофска нишка во својот карактер, сигурно на сличен начин ќе го коментираше неговиот неуспех да ги убеди гласачите да ѝ свртат грб на актуелната власт, со зборовите: „Разбирам кога богатите  се плашат од власта – тие имаат што власта да им земе,  но не разбирам зошто сиромашните се плашат од опозицијата – што можат па тие да изгубат

ЗАЕВ КАКО КАРЛ МАРКС

Најголемиот мислител на левицата воопшто, германскиот филозоф Карл Маркс, во едно од своите дела објаснувајќи ја суштината на комунизмот ќе ги запише следниве славни зборови: „Секој треба да дава според неговите можности, и секој треба да добие според неговите потреби“.

Лидерот на најголемата опозициска партија која од неодамна е влезена во ептен левичарска фаза,  Зоран Заев, можеби на сличен начин би ја сублимирал стратегијата на неговата партија за освојување на довербата на гласачите, стратегија која главно се базира на давање повеќе пари од буџетот за сиромашните и одредување на поголеми даноци за богатите: „Од секого ќе земаме според неговите можности, а на секого ќе ветиме дека ќе дадеме според неговите потреби“.

ИВАНОВ КАКО РЕНЕ ДЕКАРТ

Францускиот филозоф Рене Декарт, е запаметен по неговата изрека „Мислам значи постојам“ со која го дал решението за познатата онтолошка дилема: дали ние постоиме, или само мислиме дека постоиме.

Нашиот претседател пак , омилен помеѓу народот поради неговата феноменална способност комплицираните работи да ги објасни на едноставен и за секого разбирлив јазик, сигурно на прашањето што Декарт го мачело би одговорил вака: „Мислам значи мислам. Постојам значи постојам. Што не е јасно тука?

Поврзани новости