Дали најсиромашните региони на Македонија се најцврсти упоришта на владејачките партии!?

by fokus

Текстот е објавен на 15-ти јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 885

Развојот на економијата по одделни региони навестува интересна политичка игранка во земјава. Најновите статистички податоци покажуваат зачудувачки бројки за учеството на поодделни региони во бруто домашниот производ.

Најсиромашни региони според ова мерење се полошкиот (тетовско) и североисточниот регион (кумановско – липковско) на Македонија, што е своевидно изненадување за целата економска и политичка јавност, наспроти општото уверување дека сиромаштијата е ексклузивитет за источниот и југоисточниот дел на Македонија.

Логично, најбогат регион е скопскиот, чиј бруто домашен производ е речиси 50 отсто над просекот на целата територија на земјата. Бруто домашниот производ на полошкиот регион е 53 отсто понизок, а на североисточниот регион е 48 отсто понизок од просекот на Македонија, Останатите региони се горе-долу близу до македонскиот просек, а далеку пониски од најбогатиот скопски регион.

Во оваа статистичка пресметка не зачудува податокот дека скопскиот регион е убедливо најбогатиот регион каде се создава речиси половината од македонскиот бруто домашен производ, туку што во вкупната економија многу слабо стои тетовскиот регион, кој важеше за центар на бизнисот на западниот дел од Македонија.

Ваквите податоци создаваат економско-политичка слика која најмалку оди на рака на коалицискиот партнер во власта, ДУИ. Дали Али Ахмети му ја препушти на Никола Груевски раководната палка во бизнисот, задоволувајќи се со своето учество во владата на база на трошки што остануваат за помалиот брат?

Или, пак, статистичката операција има големи фалинки, кои, прво, не ги вбројуваат дознаките на нашите иселеници, што во голема мера се концентрирани во овие региони, и второ, оставаат простор за сомневања дека во овие региони сивата економија учествува со поголем процент одошто во останатите? Или, пак,  вистината е некаде помеѓу?

БИЗНИС ИНТЕРЕСИТЕ ПОВАЖНИ ОД СИРОМАШТИЈАТА

Анализата на односите меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во власта говори дека за Ахмети и за Груевски е поважно како ќе ги поделат бизнис интересите, но тоа, обично, не како придобивка за сите граѓани, ами како придобивка за партиските војници. Не случајно оваа влада го доби прекарот тендерска коалиција, која функционира врз база на политички договори.

Но, резултатот од таквото владеење, кога го мери статистиката, покажува фрапантни податоци. Концентрацијата на бизнисот во Скопје и на драматично високиот БДП, освен како оставштина на едни минати времиња, кога главниот град беше поставен како бизнис центар, во голема мера се должи и на грандиозната градежна активност. Таа почна и продолжува да расте со проектот „Скопје 2014”, наспроти умртвеноста на економијата во другите делови на Македонија.

Само во овој проект изминативе неколку години се инвестирани над 200 милиони евра, а анексирани се можеби и многу повеќе. Од друга страна, липковскиот регион, на пример, со години е посочуван како најзаостанат регион, на што укажуваше и Брисел, бидејќи оттаму доаѓаа најголем дел од азилантите кои свое бегство наоѓаа во земјите на Европската унија.

Но, освен декларативни заложби и административни мерки за спречување на азилантите, ништо друго не се случи. Инвестициите останаа само сон за овие делови од северниот дел на Македонија.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, смета дека има повеќе причини зошто полошкиот и североисточниот дел на Македонија се запоставени.

– Прва и основна е што систематски, овој регион уште од 1992 година, се запоставува од страна на државата. Ние не сакаме овој проблем да го гледаме во етничка боја. Факт е дека во овој дел нема државни инвестиции, а вината за тоа, освен во владата, треба да се бара и во албанскиот учесник во владата, во ДУИ. Не сме задоволни од нивното залагање. Пред изборите имавме платформа за економско закрепнување на целиот овој регион, која беше поддржана и од ДУИ. Тие сега велат дека работат на платформата, но тоа ни оддалеку не е така – тврди тој.

Дека за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ се многу поважни политичките од економските пораки што ги праќаат до гласачите, покажуваат партиските дилови кои минуваат мазно во Собранието. Секоја политичка кавга се смирува со други политички концесии.

Така минаа Хашките случаи, се спречи изградбата на музеј-црква на Калето, а почна да се гради црква кај куќата на Мајка Тереза. Пописот не успеа како резултат на политичките надмудрувања, а ВМРО сега молчи за новата територијална поделба, со која Кичево дефинитивно минува во раце на втората по големина етничка заедница – Албанците.

Коалицијата се сведува на задоволување на персоналните партиски решенија, дали во форма на нови министерски или директорски места, сеедно. Бизнис сферите се делат како основа за влијание при поделбата на тендерите, а не како обид за одговорно владеење и создавање нови вредности. Затоа и ги нема новите вредности во економијата. Ниту во Полошко, ниту во Кумановско, ги нема ни во Гевгелија ни во Струга.

АХМЕТИ НЕ Е ВИНОВЕН, ТУКУ СТАТИСТИКАТА?!

Тоа што на хартија изгледа најлоша живеачката во тетовско, може да биде резултат и на погрешно поставените статистички параметри. Или, во овој регион сивата економија има поголеми размери од остатокот на земјата. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека тезите дека во овие региони се прикажува помал БДП, како резултат на нерегистрирана економија, се невистинити и се само дел од традиционалните митови кои биле градени со децении.

– Не сметам дека полошкиот регион е најсиромашен, доколку се спореди со другите региони, на пример со источниот регион, кој традиционално е многу сиромашен. На пример, погледнете го регионот Берово, Пехчево, Делчево, споредете го со тетовскиот. Станува збор за систем на статистички недоследности, кои не можат да дадат точна слика. Тука е важно да се каже дека и дознаките што се праќаат од странство во најголем број се дознаки за луѓето што живеат во северозападна Македонија. Исто така, многу од луѓето од овие региони работат во Скопскиот регион и таму ги регистрираат приходите – вели Хајредини.

Тука веројатно може да се лоцираат дел од причините за таквите статистички показатели. Професорот Благоја Спиркоски смета дека станува збор и за методолошки пропусти при мерењето на БДП.

– Зошто полошкиот регион има толку мало учество во создавањето на БДП? Од соопштението за  БДП по региони не е јасно дали истиот е пресметан според производствениот метод, или расходниот метод, а сосема е јасно дека тие не се пресметани според доходовниот метод. Всушност, од методолошки причини и статистички пропусти, постојат разлики во пресметката на БДП по региони.

Имено, многу граѓани од останатите региони придонесуваат во создавањето на БДП за скопскиот регион, бидејќи секојдневно патуваат и работат во Скопје, а заработените приходи ги префрлаат во регионите каде што живеат. Доколку БДП по региони се мери според доходовниот метод, во пресметките треба да биде вклучен и доходот што е создаден од нашите работници во странство, кои како приватни трансфери ги испраќаат на своите семејства во Македонија, односно најголем дел во полошкиот регион, бидејќи од тој регион потекнуваат.

Тие дознаки се трошат во тој регион или најчесто во скопскиот регион како најголем трговски регион во Републиката. Оттука, пресметката за БДП по региони ќе биде условена од методот по кои се пресметува БДП, и таа секогаш без разлика кој метод да се употреби ќе има методолошки пропусти, од погоре наведените причини – објаснува Спиркоски.

Заводот за статистика напоменува дека треба да се има предвид дека податоците за БДП по жител, во одделни региони, во голема мерка се под влијание на дневната миграција на работната сила. Тоа придонесува во даден регион да се создаде БДП кој не е резултат на резидентното население. Од тие причини, податоците за БДП по жител може да бидат преценети во регионот каде што тој се создава (скопскиот регион), односно потценети во регионот од каде што се одлева работната сила.

Без разлика на толкувањето на овие статистички показатели, јасно е колку е критична ситуацијата во целата внатрешност. Најновите податоци за БДП по региони покажуваат дека Македонија ги има најсиромашните места во цела Европа. Полошкиот и североисточниот регион на Македонија се два-три пати посиромашни од моментално најзагрозените региони во ЕУ, во Бугарија, кои имаат БДП по глава од жител од околу 5.000 евра, што споредено со полошките 1.600 или со липковските 1.700 евра по глава на жител, изгледа како Швајцарија.

Секако дека сонот на Ахмети, кога се врати во Македонија отаде Алпите, не беше западна Македонија да ја остави таква каква што е, статистички најсиромашна, ама излегува дека дружбата со Груевски за него има помалку плусови од минуси, штом дозволува бројките на државните институции да го прават масакр!

Мендерес КУЧИ, Стопанска комора на Северозападна Македонија
ЗАРАДИ БИЗНИС ИНТЕРЕСИ СЕ ЗАПОСТАВУВА ПОЛОШКИОТ РЕГИОН

Овој регион има огромни можности за развој, за изградба на Коридорот 8, за железничко поврзување на Бугарија и на Албанија преку Македонија, но не се работи. Има огромни можности за изградба на енергетски капацитети, хидрографијата е поволна, но некому очигледно повеќе му одговара да прави увоз и бизнис со струјата, отколку да инвестира. Регионот има огромни потенцијали да помогне на цела Македонија, и на другите сиромашни региони, како источниот на пример, но очигледно намерно се запоставува, за сметка на Скопје. Да бидеме искрени, за жалење се и другите региони во земјава, кои практично се оставени на менаџерските способности на некои градоначалници. Позитивен пример е Струмица, но сепак тоа е само локален развој!

Саво АШТАЛКОВСКИ, универзитетски професор
СТИХИЈНО СЕ РАЗВИВА САМО СКОПЈЕ

Проблемот на ваквиот нерамномерен развој е што нема систем на просторно планирање. Кај нас, уште од времето на СФРЈ, индустриски центар беше Скопје. Во рамки на новиот систем, не продуциравме крупни регионални индустриски центри. Тоа сега оди стихијно, и повторно се развива само Скопје. Инаку, со еден осмислен начин на планирање на економските активности и со дотации од буџетот, кои плански би оделе во сиромашните региони, би ја немале сегашната голема разлика меѓу регионите. Тие сега треба нерамномерно да се поддржуваат во еден подолг рок, за да можат внатрешните региони да се приближат кон скопскиот. Ако продолжи сегашната логика, и ако рамномерно се распределуваат парите, секогаш ќе имаме сиромашна внатрешност!

Поврзани новости