Дали Мицкоски пред странците ветува уставни промени или Ковачевски има проблем со свои пратеници?

Од една страна, Ковачевски и други претставници на власта тврдат дека Мицкоски ја уверува меѓународната заедница оти ќе ги внесе Бугарите во Уставот ако го донесат на власт. Од друга страна, Мицкоски вели дека нема да се случат уставни измени пред избори, воедно истакнувајќи дека Ковачевски и Ахмети имаат несогласувања со свои пратеници. Дали овие обвинувања се базираат на изворни информации или пак станува збор за политички провокации?

by Фокус

Подолг временски период, највисоки експоненти на власта го прозиваат опозицискиот лидер Христијан Мицкоски да одговори дали уверувал странски политичари и претставници на меѓународната заедница дека ќе издејствува промена на Уставот, доколку претходно му помогнат да дојде на власт.

Дали на странските политичари кои доаѓаат во Северна Македонија, вклучително и на домашните политичари, на состаноците кои ги има со нив им вели: Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот? Нека одговори, па нека чујат и странците и нашите граѓани – рече премиерот Димитар Ковачевски пред неколку месеци.

Во меѓувреме, ваквите прозивки кон Мицкоски продолжија да ги испорачуваат и други владејачки функционери. Еден од нив е и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, кој неодамна јавно побара ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали е точно дека даваат гаранции по амбасади дека кога ќе бидат на власт ќе се случат уставните измени.

Треба да се разговара која е алтернативата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и да се праша зошто би ги поддржала уставните измени после избори, а не сега – рече Митрески, додавајќи дека внесувањето на Бугарите во Преамбулата ќе значи „разделба на народи“, односно ќе се направи дистикција со Македонците.

Дали станува збор за изворни информации што ги има власта или пак за политички провокации на сметка на опозицијата – за ова прашање не добивме одговор. Исто така, прашавме и во опозицискиот табор дали, како што тврди власта, давале гаранции во однос на уставните измени пред странците?

За приказните дека едно се зборело пред јавноста, а друго пред амбасадорите, добро е власта пред да растура пердуви да каже кои се тие амбасадори и тие да кажат мислење и свој став за ова лажно тврдење на власта. На шверцерски начин, на мала врата уставни измени, без мандат од граѓаните, нема да има“, ни одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Мицкоски додаваат дека Ковачевски нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. Како што нагласуваат, токму изборите се начин да се провери дилемата за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши ова прашање.

Нивната позиција прво уставни измени, па избори значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур од сапуница лагата дека само што тие не се изгласале“, посочија од опозициската партија.

Инаку, премиерот Ковачевски денеска изјави дека опозицијата ќе биде поканета и треба да прифати да се вклучи во работните групи за уставните измени. Воедно, најави дека следниот период Министерството за правда ќе ја почне координацијата на експерти по уставно право, кои ќе ги кројат амандманите за промена на Уставот.

Откако ќе бидат утврдени амандманите, тогаш ќе бидат ставени на увид и на широка расправа во општеството, помеѓу академската, бизнис заедницата, невладините организации, медиумите, граѓаните, за да може сите да го кажат своето мислење – изјави тој.

Мицкоски, пак, ја повика власта уште денеска да се согласи на распуштање на Собранието и да се оди на предвремени избори без техничка Влада. Според него, незадоволство од власта има и кај пратеници од редовите на СДСМ, кои, како што тврди, лично му го кажувале тоа.

Има луѓе во парламентот кои во приватни разговори со мене зборуваат многу лошо за тоа како работи оваа Влада на ДУИ поддржана од СДСМ, зборуваат многу лошо и за самото раководство и во СДСМ и во Владата. Тука мислам на пратениците од пратеничката група од коалицијата на СДСМ, но има такви и од ДУИ – порача тој.

Во неколку наврати, и првиот вицепремиер Артан Груби, кој важи за најблизок соработник на лидерот на ДУИ Али Ахмети, уверува дека ќе обезбедат двотретинско мнозинство за уставни измени, со помош на пратеници од опозицијата, кои, како што вели Груби, се проевропски ориентирани.

Шестмината ќе ги најдеме во проевропскиот дел на опозицијата, каде тој европски дух е во растеж и тоа е очигледно. На кого мислам? На македонската опозиција. Дали мислам на пратеници на ВМРО? Македонската опозиција не е само ВМРО – говореше Груби.

Откако меѓународната заедница отворено повика да се изгласаат уставните измени, со цел да се отворат преговарачките поглавја со ЕУ, се појавија неофицијални информации дека странски амбасадори на средби со политичките лидери ја истакнувале важноста од овој процес, а, според овие информации, станало збор и за можноста за формирање на широка коалиција.

Нашите дипломатски разговори се приватни, а одлуките и договорите на сите политички партии се само нивни. Можеби новинарите, како извори на јавни информации, би можеле да им ги постават овие прашања на политичките лидери“, гласи одговорот што го доби „Фокус“ од Амбасадата на САД.

Влатко Стојановски

Поврзани новости