Дали Македонците се зафатени со стокхолмски синдром!?

by Фокус

Текстот е објавен на 30-ти март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 874

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

Светот се менува и оди на полошо, тоа и пингвините од Антартикот веќе го имаат осознаено на сопствената кожа, поточно речено на сопствените пердуви. Светот полека оди во, за нас обичните, непознат правец, којшто, најверојатно, некој го има зацртано. Но, јас не сум склона кон верување во теориите на заговор и моќта на групацијата Билдерберг. Светот како да пропаѓа, а нам овде ни го проектираат бесмислениот економски раст за да се радуваме. Ако бидеме умни, ќе ни проектираат и 10 отсто!

Ама дали една таква бројка што претставува само медиумска бесмислица раѓа среќа во човечките души? Дали плебсот се радува и весели на процентот, кога ќе му го соопштат во медиумите, се прашувам. Мене, додуша, кога ќе чујам навечер на „Сител” за нашите успеси во економијата, цревата ми се скориваат до грклан и сакаат да ја исфрлат содржината од ручекот.

Исто така, се прашувам, од каде се научиле владетелот и неговите бистри пајташи, дека на плебсот многу оргастично му делува кога ќе му се соопшти вест дека некои ојлевци-дојлевци процениле дека сме имале и поволна бизнис клима. Им се поклонувам на вештината да вадат факти, кои не се оценети наспроти регуларни мерила и репери, за да го задоволуваат народот. А народот, едно раскошно либидо, секој ден бара нова доза на бесмислици и лаги, па овие ја задоволуваат таа негова алчност. Перверзија невидена од типот на садо-мазо помеѓу грујовците и народот. Што ли е таа болештина?

ЗАГЛАВЕН НАРОД

И, не можам да се изначудам дека сѐ уште постојат луѓе што не се во врвот на власта, а сѐ уште веруваат во добронамерноста и демократичноста на преродбата на Груевски, и уште веруваат и тврдат дека не е лошо. Ве уверувам дека ваквите граѓани сочинуваат многу, многу мало малцинство во мојот непосреден круг, ама ги има. Не дека се глупави, не дека се неуки, туку нешто друго им се случува.

Долго време бев уверена дека тие луѓе, гарант, си имаат некаква дијагноза за акутното „слепило” со „заглушеност” и спорадичната „некритичка затупавеност”. И најдов што им е. Луѓето што не се мрсат од тендерите, од фондовите и од службените патишта со дневниците на власта, а сепак веруваат во успехот, растот, слободата и правдата што ја делат грујовистите на патот кон благосостојбата, најдов дека боледуваат од психичката состојба која е позната како синдром Стокхолм. Таа болештина настапува кога заложникот или киднапираниот ќе се вљубат во сопствениот киднапер и тиранин.

„Тие луѓе не беа воопшто лоши. Тие ми дадоа да јадам, ми дозволија да спијам и ме оставија жива” (Заложничка од киднапираниот авион – Летот 847).

Стокхолм синдромот го добил името според случајот на грабежот во една банка во Стокхолм во 1973 година, кога при грабежот, грабнувачите земале неколку заложници. На крајот од своето заложништво, т.е. шест дена подоцна, истите тие заложници одбивале да бидат спасувани од специјалците. Не сакале да излезат кога им било овозможено.

Потоа, исто така, сите до еден одбиле да сведочат на суд против своите грабнувачи. Кулминацијата на нивното вљубување се случила кога решиле да покренат фонд, за да им најмат добри адвокати на своите робовладетели. Според некои весници, едната од заложничките дури ѝ се верила со нејзиниот, осуден на затворска казна, грабнувач.

Бидејќи ваквиот феномен се повторувал низ историјата на криминалистиката, затоа ваквото чудно, неприродно и извитоперено садистичко-мазохистичко однесување било нарачено Стокхолм синдром.

Стокхолм синдромот се јавува кога заробениот е во изолација, не може да побегне и му се закануваат со животот. Сепак, неопходно е грабнувачите да покажат некој ситен акт на љубезност. Обично се потребни три до четири дена за да се случи ова чудно психолошко изместување.

Синдромот ја содржи во себе стратегијата да се држи киднаперот задоволен само за да се остане жив. Така, жртвите почнуваат опсесивно да се идентификуваат со тиранинот, па наеднаш почнуваат да ги обожуваат сите работи што ги сака и да ги мразат сите работи што ги мрази нивниот киднапер. На тој начин, влегувајќи во таа улога, жртвите почнуваат да чувствуваат емпатија, симпатија, па дури и љубов за сопствените мачители!

ГРУЈОВШТИНАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ СИНДРОМ

Ние сме заложници во власта на Груевски. Македонецот нема пари да излезе и да види како треба да изгледа една европска држава. Ако некогаш видел, било одамна и веќе не се сеќава на „гнилиот” европски капитализам. Значи, првиот услов за да се појави синдромот Стокхолм постои – заложникот  е изолиран од Европа и од светот. Тезата дека сите нѐ нејќат и сите се против нас, дека се прави заговор кој треба стоички да го издржиме, нѐ однесе во тешка изолација, која нѐ фрла само во прегратките на грабнувачот.

Умрената слобода на говорот и падот на слободните медиуми нѐ одведоа до положбата во која не гледаме кон надвор и тие однадвор не нѐ гледаат нас што сме внатре. Одиме понатаму со аналогијата. Ако за жртвата да се ороди со тиранинот биле потребни 3-4 дена, еве, во случајот со власта на Груевски, сега веќе и аналитичарите знаат, на Македонците им биле потребни 3-4 години.

Еден цел мандат од 4 години да ти го тормозат умот, а ти стануваш поматен во умот. Стануваш благодарен за секој залак сув леб наквасен со гола вода, што сам ќе си го заработиш и ќе го изедеш? И после 4 години живот во изолација и страв, се снижуваш до таму што ќе го благословуваш снисходливо својот ментален мачител, и за секој здив од воздухот што ќе го вдишеш почнуваш да бидеш благодарен.

Го засакуваш безумно, само затоа што не те убил, туку само те осиромашил, те одвел на маргината и те ставил во ментално ропство? Ама, кога ќе размислите подобро, како навистина да нѐ има начнато оваа опака колективна дијагноза – македонски Стокхолм синдром.

Жалам што немав доволно време за да сурфам по интернет и да најдам некој епилог од сите оние драми од примери на Стокхолм синдромот. Не знам дали некогаш воопшто им поминува синдромот. Ако оздравуваат, тогаш кога им поминува фазата на таа вљубеност на жртвите, и кога престануваат да се чувствуваат кармички залепени за сопствените грабнувачи и лишувачи од сите човечки права и фундаментални слободи?

Дали, додека се тираните во затвор, овие продолжуваат уште долго да комуницираат со љубовни писма? Многу сложена социјална и психиолошка материја. Чуден е човековиот ум. Способен е да се свичува во многу непознати бихевиорални модови, при појавата на екстремни услови и опкружувања!

Се прашувам, дали не е доволно да поминат 6 години за „грабнувачите” на власта, „киднаперите” на буџетот и „запоседнувачите” со душата на Македонија, да му се одмилат на овој жртвен народ, или треба уште многу време да мине? Или нема никогаш да помине, и ќе остане вака?

Дали има лек за Стокхолм синдромисаните колективитети, кои држат во залог цели држави со вљубени и соживеани со мачителот жители? Дали и тогаш кога ќе се појави ослободителот на мегдан, со клучот што ги отклучува катанците и ѓулињата со синџирите, и кај нас ќе го пројави жртвата своето ирационално одбивање на понудената слобода? Ужас!

Јас не го знам одговорот на овие прашања и тоа ме фрла во тежок очај.  Единствено ми е жал што не сум скроена како мнозинството, па да си се соживеам и помирам со омразата на власта кон интелектуално супериорните, па да си се вљубам во Грујота со тајфата лустратори-контрабандисти.

Што ќе ми фалеше да си влезам во садо-мазо перверзијата на грујовистите со народот и да си подизлачам малку љубовна хемија. Зарем мене не ми требаат сератонини и ендорфини и други среќни хемикалии? Многу чудна жена сум, по сѐ изгледа, пелцувана против Стокхолм синдромот!

РУШЕЊЕ НА МИНАТИТЕ КОНЦЕПТИ

Кај нас народот е заложник на неодредено време, на власта што му ја ништи државата, а насекаде околу нас како да се руши концептот на светскиот поредок, како да врие во кошница со пчели ем трутови. Во времето кога јас учев основно училиште, се кажуваше за четири милијарди жители и се говореше за пренаселеност. Денес, да ти станале шест милијарди земјани и плус понекој заскитан марсовец. Едноставно, се гледа дека е многу гужва.

Значи, од тоа време до денес пораснал бројот на гладни усти за јадење, жедни грла за поење и голи тела за облекување и греење за цели 50 отсто. Тоа ви доаѓа исто како да сте биле во полн автобус и да ве натерале да се набиете во две третини од просторот, за да може да влезат уште една половина нови патници.

Или, си замислувам, како ќе беше на семејно ниво таа зголемена гужва за 50 отсто. Како што си бевме со брат ми две деца во една детска соба и по цел ден се каравме за сенешто, за мојата класична музика, за неговата гласна кошарка, за непосланите кревети, за расфрланите смрдени чорапи, си замислувам што ќе се случеше ако во тие услови мајка ми и татко ми родеа трето. Леле, кај ќе го ставевме?

Ако беше женско, гарант ќе го ставеа кај мене во кревет. А, бидејќи секој петти жител на земјата е Кинез, и ако ние бевме просечно светско семејство, тогаш си замислувам како ќе се разберев околу гужвата во собата ако таа моја сестра беше Кинезинка. Ужас! Нема да дозволам да ме збрлави гужвата и крај!

До пред една година, како да бев срасната за седиштето од мојот автомобил. По цел дан бев во кола и понекогаш се возев и од задоволство до наплатна кај Куманово. Правев дури и чести викенд-патувања без никаков проблем. Сега дојде времето кога јас и моите блиски пријатели сѐ поретко одиме на викенд, во некоја од нивните викенд куќи. Веќе почнав да се развозувам и по градските автобуси. Си купив дури и онаков билет за 10 возења, што белграѓаните го нарекуваат звечарка. Кога сакаат да кажат „поништи го билетот”, тие велат „шлогирај ми звечарку”.

Зарем не е тоа голема промена? Да имаш убав автомобил и да почнеш да одбиваш да го возиш? Е нема да го продадам автомобилот, туку ќе чекам да одмине ова лудило во државата и во светот. Одбивам да прифатам дека кризава е природна појава и дека е едно од светските чуда. Кризата кај нас е генерирана од светската криза, но е силно амплифицирана од безумното расипништво на власта. Тоа ви е исто како во апарат за гаснење на пожар да ставите керозин наместо погодна хемикалија што не поддржува горење.

И уште една голема промена во животите на моите блиски. Социјалната поларизација што жестоко ја практицира власта на ДПМНЕ има за цел одмазда. Едноставно, поради сопствената вродена инфериорност, тие ќе сторат сѐ за „нивните” да се нафатираат, а „нашите” да се фатат за просјачки стап, и да се истребат, не по патиштата на природната селекција, туку по стапките на вештачката негативна селекција. Ќе ги замолкнат умните, а ќе завладеат фукарите (според нобеловецот Иво Андриќ). Ете и тоа е ново во нашиот поредок!

ПАРАДОКСОТ НА НАТАЛИТЕТОТ

И уште една драстична промена од времето кога ние бевме дипломирани млади приправници. Во мое време, огромен процент се испоомажија, па дури се испоразведоа, па повторно се омажија. Изнародија доволно деца.

Сега овие новиве, ниту се женат, ниту се мажат, па ниту имаат потреба да се разведуваат. И ќе останат така, по своја умисла, сѐ додека не им наложат „позитивните законски норми” со драконските стапки на противуставно оданочување на приходот на самците, закон што најверојатно навистина со сиот памет го подготвуваат овие мозоциве од ДПМНЕ.

Наспроти моите чувства, стапката на наталитетот, според проценките на ЦИА, е 0,24 отсто за 2012. Тоа значи дека растеме како држава!? А, сепак, мене ми се чини дека младиве повеќе не се решаваат да формираат семејство и не раѓаат деца. Или, можеби, границата им се помести во повозрасните години? Или, растечкиот тренд не е карактеристичен за круговите во кои се движам (на УКИМ и во централното градско подрачје)? Или, конечно, некој ги раѓа скришно тие деца, јас да не видам?

Ама сепак, мислам дека многу голем број интелектуалци и интелектуалки не свиваат семејни гнезда и не се решаваат да осудат свои чеда на беда и сиромаштија. Едноставно, не сакаат да им пружат помалку отколку што ним им пружиле нивните родители, бидејќи своето детство го замаат како репер што само смее да се надминува. Ова е ново, ве уверувам.

И не само дека е ова светски тренд, туку Владата, наспроти оние „прекрасни” субвенции и пензии за раѓање трето дете, упорно не се откажува од урамниловката во оданочувањето. Наместо да враќа од данокот кај луѓето што ем работат ем создаваат потомство, тие ветуваат пензии кои ќе се реализираат за 20-30 години. А сега? Зарем сега не можете да им враќате од данокот на доход на оние што имаат и сакаат да имаат деца, како што тоа го прават Америка, Австралија и многу други земји?

И за крај, да сумирам. Светот се менува нагло, а можеби и паѓа концептот на капитализмот и од темел ќе се смени светскиот поредок, но „киднаперите” на душата на РМ, наместо да направат амортизер и да го ублажат овој пад што претстои, да ги седираат економските шокови, да ги стеснат социјалните разлики, да ја овозможат енергетската транзиција, да стават памук помеѓу меѓуетничките пружини и мостови помеѓу дискриминаторските пречки, тие само прават нивната киднапирана жртва безумно да се вљуби во нив. Тие самозадоволно прават злото што надоаѓа, а во кое „човек на човека ќе стане волк”, да стане природна околина, која ги голта сите свои чинители!

Поврзани новости