Дали ќе се прифати предлогот на Заев изборите да бидат на 31 октомври?

by fokus

Премиерот Зоран Заев ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври за да се избегне нивно поклопување со пописот. Ова практично би значело одложување на изборите со оглед на тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека според Уставот изборите би требало да се одржат на 17 октомври.

-Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминанатно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, изјави вчера Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Заев изнел датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии, што, според партијата, уште еднаш го потврдува фактот дека тој стравува од одржување на локалните избори и од судот на народот.

-Уставот е над се и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

На ист став се и партиите на Албанците во земјава кои се во опозиција. И тие се согласни дека според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и нагласуваат дека овој датум е нивен предлог. Не гледаат основана причина за одложување на датумот.

 

Поврзани новости