Дали и кога породилното отсуство ќе биде продолжено на 12 месеци?

by fokus

Иако беше најавено уште пред неколку години, се уште е неизвесно кога и дали ќе се реализира продолжувањето на породилното отсуство од девет на 12 месеци.

Подготовката на новиот текст на Законот за работните односи е во завршна фаза, а по утврдувањето на нацрт верзијата, истата ќе биде предмет на јавна расправа и можни се измени.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во новиот закон воведуваат поглавје за посебна заштита на работниците за време на бременост, мајчинство, татковство и родителство,  кои се во линија со најсовремените меѓународни стандарди од оваа област.

Сепак, не одговараат директно на прашањето кога ќе се реализира продолжувањето на породилното отсуство на 12 месеци, туку потенцираат дека законските решенија се уште се во работна верзија.

Со предложените отсуства ќе се овозможи поголемо учество на таткото во процесот на нега и чување на детето од најраната возраст, додека истовремено ќе и овозможи на мајката побргу да се врати на пазарот на трудот.

Меѓутоа да имаме предвид дека законските решенија се уште се во работна верзија и дека има простор за дополнително уредување.

По финализирањето на нацрт-верзијата на Законот, што предвидуваме да биде на есен, за утврдениот текст ќе се одвиваат јавни расправи во неколку региони во земјата. Целата на истите е да се овозможи дебата за Законот со поширок опфат на засегнати страни, кои исто така можат да дадат значителен придонес кон дооформувањето на оној текст  кој во владина процедура кој ќе влезе како предлог на закон, велат од МТСП за „Фокус“.

Според предвидениот план на Министерството, Законот треба да влезе во владина процедура до крајот на годината. Потоа ќе треба да биде усвоен од Собранието.

К.С.Б.

Поврзани новости