Дали Град Скопје оди кон банкрот?

by Фокус

По една и пол година владеење на неспособната ВМРО-ДПМНЕ, шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски и Данела Арсовска, Скопје е во хаос, реагираше денес СДСМ.

-На Скопје му се случува катастрофа, сообраќајот е во колапс, Градот е со блокирана сметка и пред банкрот, иако има годишен буџет од 100 милиони евра, а на сметка наследија плус 13 милиони евра од претходната власт. ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска потрошија над сто милиони евра народни пари, а не се реализираше ниту еден капитален проект – рече Васко Кичевски, претседател на градската организација на СДСМ.

Според него, јавниот превоз во Скопје со месеци е во хаос.

-Ги нема ветените 250 нови автобуси, нема ни бесплатен јавен превоз, редовниот превоз сериозно е редуциран. Сообраќајот дополнително е колабиран по затворањето на мостот „Беласица“, проблем што мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска целосно го игнорираат. Арсовска ги откажа и запре проектите за подобрување и унапредување на сообраќајот во Градот, како БРТ, мостот на булевраот АСНОМ, а клучката кај Момин поток и пробивањето на улицата Есенинова се одвиваат бавно и со застои – истакна Кичевски.

Претходно, од Град Скопје истакнаа дека Градот не е пред банкрот, ниту пак може да банкротира. Градоначалничката Данела Арсовски посочи дека на советниците не им одговара што после 30 години дошол некој што финаниски го средува градот. Воедно, обвини дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тераат политичка агенда преку град Скопје.

-Прво треба да прочитаат што е значењето на зборот банкрот и да се запознаат пред да сеат страв и паника меѓу граѓаните. Во буквална смисла, ништо да не работиме, денеска само да отидеме на работа и градот ништо да не прави, секој ден имаме по минимум 10 милиони денари на таа сметка – рече Арсовска.

Инаку, советниците на СДСМ доставија иницијатива за вонредна седница на градот на која ќе се дискутира за лошата финаниска состојба.

Поврзани новости