Дали Боцевски конечно сфати дека Груевски не оди по европскиот пат?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен во Фокус број 731 од 3 јули 2009 та година

Пишувала Јадранка КОСТОВА

‘Квалитативниот чекор во Македонија ќе го овозможи онаа владеачка елита што конечно ќе се откаже од активната контрола на сите текови на општеството и ќе овозможи автономен развој на цивилното општество и економијата. Ни останува да видиме дали оваа структура ќе има сили да ги изведе овој скок, или, пак, ќе се врати во однапред утврдената матрица на политичко однесување. Во моментов, ако ги следиме испитувањата на јавното мислење, може да се забележи дека Никола Груевски е стожерот на популарноста на Владата и позитивните надежи на граѓаните на Македонија. Доколку тој одлучи овој свој личен рејтинг да го вложи во институциите и нивно повторно конституирање, согласно нивните мисии во демократските држави, Македонија ќе исчекори во насока на консолидирана демократија. Доколку, пак, тој лизне кон користење на рејтингот за освојување на полугите на недемократскиот режим во Македонија, тогаш ‘маѓепсаниот циклус’ на ‘компетитивен авторитаризам продолжува’!,

Оваа дилема, срочена како прогноза во превечерието на Новата 2007 година, го мачеше политикологот Ивица Боцевски. После само неколку неколку месеци од премиерувањето на Никола Груевски, ‘блогерот’ Боцевски не беше сигурен во развојот на настаните. Две и пол години подоцна, во кои кариерата му одеше по нагорна линија; најпрвин работеше на проектот лустрација, па, преку портпарол на Владата, дотурка до вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Ивица Боцевски поднесе неотповиклива оставка на чуден начин, со уште почудно образложение. Оставката беше обнародена додека тој веќе беше во Вашингтон, во САД, каде ќе остане и во наредните неколку недели. Колку и да е случаен ваквиот ‘распоред’, сепак има одредена симболика. Второ, објаснувајќи го ваквиот свој неотповиклив чекор со заклучокот дека ‘неговиот придонес во актуелната Влада е целосно исцрпен’, кога Македонија баш и не е евроинтегрирана, за што беше надлежен токму тој, всушност со истите тие штури и куртозни реченици упатени ем на Премиерот, ем на јавноста, сепак даде и по малку ‘месо’ за да трагаме по неговите ‘скриени мотиви’.

ПОРТРЕТОТ НА СУЛТАНОТ

Склона сум да верувам дека екс-вицепремиерот за евроинтеграции, конечно прогледа дека со начинот на кој владее и оваа гарнитура, неизбежно продолжува и ‘маѓепсаниот циклус на компетитивен авторитаризам во Македонија’. Дека човекот во кого веруваше, оти можеби ќе го искористи личниот рејтинг да изгради демократски институции во европски дух, сепак тргна по друг, поинаков пат. Груевски, впрочем, се повеќе наликува на ‘негативците’ од неговите блогерско-политички анализи на недемократските режими.

Опишувајќи ги западнобалканските државници, Боцевски пред неколку години запиша дека во односот со демократскиот Запад сите ‘тие научија дека контролата на ситуацијата во државата или текот на парите и безбедносно-разузнавачкиот апарат нив ги устоличува како партнери на Западот во турбулентниот Балкан. Како и дека секое отворање на земјата кон странските директни инвестиции и нагласениот контакт на општеството и бизнисите со нивните западни партнери од внатре, ќе ги подрие нивните режими’.

Зарем треба посебно да се елаборира дека во ваквиот портрет совршено се влопува неговиот довчерашен шеф?! Западот гледа дека Груевски го контролира и текот на парите и службите, би сакал и уште повеќе, па сосема разбирливо е тоа што не е расположен кон странските инвеститори, кои, нели, може да му го подријат режимот од внатре.

‘Воедно, клучната карактеристика на сите овие лидери беше совршенство во политичкиот занает и во политичката тактика. Токму на таа точка нивните режими се најслаби, бидејќи дневното недемократско владеење со државата одзема толку многу време, енергија и ресурси што лидерите не се способни да ја видат стратегиската слика и долгорочните трендови во државите. Втората, пак, точка на слабост е кога меѓународната заедница ќе процени дека овие лидери веќе не им се корисни за одржување на регионалната стабилност’, продолжуваше Боцевски со ‘општото’ портретирање.

Ако останал доследен на своите убедувања, и верен на своите политиколошки анализи, тогаш од неговата неотповиклива оставка, во тајминг кога Александар Македонски како да и е поприоритетен на оваа Влада од ЕУ и НАТО, може да се прочита и дека актуелниот лидер не ја гледа стратигиската слика и долгорочните трендови. Останува малата дилемма, дали ‘личната порака од Вашингтон’ е своевидно предупредување и дека Груевски станува опасен за регионалната стабилност? Западниот Балкан и натаму е ‘недовршен проект’. Косово ли, Србија ли, сакате Босна и Херцеговина, Македонија… сите тие сеуште ‘лутаат’. Дури и Хрватска влезе во западнобалканските игри со словенечкото вето на патот кон Унијата. Веста за неочекуваната оставка на хрватскиот премиер Иво Санадер, внесува дополнителна доза на адреналин во дилемата: дали се крчка нешто сериозно за наесен во регионот? Веќе подолго време се навестува решавање на спорот со Грција токму некаде октомври-ноември. Како Груевски ќе излезе од атмосферата што ја запали, и каков став ќе бутка за референдумот за кој се држи како ‘слеп за стап’, навистина е трагикомичен момент. Нели, за референдумот за територијалната кројка во 2004-тата, имаше јасен став- беше јавно против. А сега?

ДОЦНА СФАТИ ДЕКА СУДИРОТ Е ФИНГИРАН

Си замина ли Боцевски, затоа што го виде можниот расплет? Или, едноставно, ова е само еден пратен сигнал, кој можеби ‘некого’ ќе го замисли? Смешни се приказните што сега се пуштаат дека Боцевски само сакал со оставката да се заштити од сигурната реконструкција. Та, овде и најсигурните остануваат неми до последен момент, надевајќи се во поинаков расплет. Башка што достоинственото преживување на шут-картите, по правило во Македонија значат некоја друга функција. Можеби на пониско ниво, ама сепак на функција. Оттаму, како пробни балончиња звучат најавите дека Боцевски ќе оди за амбасадор во Норвешка!!!

Информациите, пак, на некои медиуми, дека тој веќе подолго време наводно ‘не бил консултиран за ништо од страна на премиерот Груевски’, ми делуваат како целосно верни на оргиналот од портретот. Султанизмот, опишуваше и Боцевски, претставува режим базиран на лично владеење на султанот, каде лојаноста кон владетелот е мотивирана како мешавина на страв и награди за неговите соработници.

‘Има плурализам, ама опозицијата, медиумите, невладиниот сектор, бизнис-асоцијациите, се предмет на невидливи и деспотски манипуилации на султанот. Интересно, е дека овие режими во почетокот може да имаат и широка демократска поддршка, но, потоа може дури точно да се утврди кога султанот целосно ја губи поддршката. Во овој период на ‘созреан султанизам’, верноста на режимските луѓе кон султанот се темели речиси исклучиво на лични, приватни и лукративни интереси, а, на самиот крај, и странските спонзори на султаните се повлекуваат’, анализираше некогаш Боцевски, ама, имајќи го како лајт-мотив владеењето на Бранко Црвенковски.

Токму ваквите опсервации за Папата од Бихачка, можеби го направија прифатлив за Пастирот што вети преродба. Но, со тоа стана главен непријател на сите сдсмовски ,црни листи,. Некогаш блискиот до нив, Боцевски наеднаш беше прогласен за јаничар. Вмровците, пак, секогаш го гледаа како ‘туѓо тело’, како осми патник на нивниот брод. Затоа, сега некои предвидуваат дека нема каде да оди. А тој веќе замина за Америка, каде што извесен период и се школуваше. Сосема случајно, минатиот Фокус му посветив и неколку реда, боцкајќи го со неговите некогашни зборови за сдсмовците, како лажна елита што не упропасти, и популистите и неототалитаристи кои паразитираат на националната економска, духовна и интелектуална беда, каде што некогаш ги препознаваше вмровците. Ги поддржа или влезе меѓу овие вторите, иако прогнозираше дека ,така ќе се изгубиш себе си како личност,. Иако велеше дека ,во едно ненормално општество, најненормално е да си нормален’, неговата неотповиклива оставка е нормален чин, ама во нормално општество. Овде, кај нас, може да добие и ненормални коментари.

Повеќето некогашни анализи на политикологот Боцевски беа хируршки точни, иако, подоцна, како владин гласноговрник делуваше како друг човек, а, богами, и како министер ‘мудро’ ги премолчуваше разните популистички и нео-тоталитаристички ‘феномени’ од владеењето на тимот во кој тој партиципираше. За дилемата, дали Македонија ќе се придвижи во насока на ‘демократија во консолидација’, пред неколку години правилно лоцираше дека клучот на овие процеси лежи во судирот Груевски-Црвенковски. Само што тој доцна разбра или касно сфати дека овој судир е фингиран. Оној кој му влеваше надеж, стори се отпишаниот Црвенковски повторно да се врати во игра.

Останува да видиме како екс-министерот за евроинтеграции понатаму ќе се бори за ‘европска и евро-атлантска Македонија’, кога како прв човек на ресорот ‘неговиот придонес е целосно исцрпен’. Иако и самата оставка, претставува важен дел токму од таа битка. Или, како добар политиколог, тој само на време препозна дека доаѓа времето кога султанот почнува да ја губи поддршката.