Дали абортусот е најупотребувана метода за контрацепција во Македонија!?

by Фокус 20:00
20:00

Текстот е објавен на 28-ми ноември 2008-ма во неделникот „Фокус“ во бројот 700

Пишувала
Адријана ГЕОРГИЕВ

Македонија е на дното на листата на земји според употребата на контрацептивни средства. Иако не постои прецизна статистика, се претпоставува дека само два отсто од жените корисат орални контрацептиви за да се заштитат од несакана бременост.

- Advertising -

Од друга страна, во земјава сѐ повеќе се зголемува бројот на абортуси и тоа најчесто во нерегистрираните здравствени установи. Црните прогнози се дека бројот на раѓања сѐ повеќе се доближува до бројот на изведени абортуси. Па така и покрај достапноста на средствата за контрацепција, абортусот во земјава сѐ уште е најчест начин на контрола на фертилитетот.

Светските статистики покажуваат дека 23 отсто од жените во Словенија користат орални контрацептиви, што е една четвртина од женската популација и е 11 пати повеќе отколку кај нас. Во Албанија 3,5 отсто од жените користат анти беби пилули, во Црна Гора 2,8 отсто, во Украина 2,1 отсто, во Турција осум отсто, а во Хрватска девет отсто од жените. Во светот 32 отсто од женската популација користи орална контрацепција.

СРЕДНОШКОЛЦИТЕ НАЈМАЛКУ ИНФОРМИРАНИ ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈАТА

Причината за општата негрижа за репродуктивното здравје на жените, според лекарите во голем дел се должи на лошата економска состојба во земјава. Процесот на транзиција во кој се наоѓа Македонија има влијание врз благосостојбата, квалитетот на животот, здравјето на населението и секако врз репродуктивното здравје.

Се проценува дека во земјава 20 отсто од населението живее под официјалната линија на сиромаштија од 75 долари месечно. Зголемувањето на сиромаштијата влијае на здравствената состојба и на пристапот до здравствените услуги. Од друга страна, велат експертите по јавно здравство и тековните здравствени реформи влијаат врз достапноста и врз квалитетот на услугите за репродуктивно здравје.

Токму ниското ниво на искористеност на службите за планирање на семејството кои се во рамките на јавното здравство, како што покажува и истражувањето на Државниот завод за ревизија, е причина само 9,8 отсто од жените во земјава да користат модерни средства за контрацепција. Според истражувањето, дури 33 отсто од жените не можат да ги задоволат потребите за контрацепција и планирање на семејството.

Овој проблем е особено застапен кај жените припаднички на малцинските групи, како што се Ромите.

За многу жени современите контрацептиви претставуваат вистински трошок. Иако овие препарати ги препишуваат гинеколозите, тие не се на товар на Фондот за здравство. Токму висината на цените на одделни контрацептивни средства е една од причините за намалениот пристап до контрацепцијата.

Препаратите за орална контрацепција чинат од осум до 55 евра, во зависност од производителот. Спиралата чини од 10 па до 180 евра, а итните контрацептиви чинат од 10 до 12 евра.

Во 2006 година во советувалиштата за планирање на семејството во јавното здравство биле препишани вкупно 15.995 контрацептиви. Најголем дел од корисничките се определиле за орални контрацептиви или анти-беби пилули. Во приватните ординации биле препишани само 277 контрацептивни средства, од кои најголем дел таблети.

Дел од лекарите сметаат дека причина за слабото користење на средствата за контрацепција е тоа што овие препарати не се бесплатни и не постои механизам за нивно организирано доставување до установите за здравствена заштита на жените.

Според многумина и културолошките бариери исто така имаат влијание и го намалуваат пристапот до контрацептивни средства. Одредени заедници како ромската имаат негативен став кон употребата на контрацепцијата и поради недоволната информираност и заблудите, овие препарати воопшто и не ги користат.

Според анализата за Стратешка проценка на политиката, квалитетот и достапноста до контрацепцијата и абортусот, за средношколците во земјава најупотребувано средство за контрацепција е кондомот и него го користат дури 61 отсто од младите. Според анализата на Министерството за здравство и Републичкиот завод за здравствена заштита, со исклучок на кондомите, средношколците се многу малку информирани за останатите средства за контрацепција. Само 1,6 отсто од младите користеле орална контрацепција.

Интересно е тоа што дури половина од испитаниците не знаеле ниту на кои места може да се направи абортус, иако абортусот е најчеста појава токму меѓу средношколската популација. Уште помало е знаењето на адолесцентите за употребата на ургентната контрацепција.

Методот на ургентна контрацепција „утро потоа“ многу ретко се користи од страна на младите. Ниското ниво на информираност на населението за предностите на контрацепцијата е карактеристично не само за средношколците туку и генерално за жените во репродуктивниот период.

– Сѐ поприсутен е трендот сѐ порано да се почнува со сексуални односи. Токму затоа е важно младите да ги добијат вистинските информации за тоа како да се заштитат од несакана бременост, но и од сексуално преносливи болести. За жал, тие се многу малку запознаени со предностите на контрацепцијата и токму поради тоа бројот на абортуси е голем, велат гинеколозите.

Употребата на контрацептивни средства е важна бидејќи како што нагласуваат лекарите, на секои пет жени кои забременуваат во светот, најмалку кај една бременоста е непланирана. Доколку не користат средства за контрацепција, 85 од 100 сексуално активни жени ќе забременат уште во првата година.

БРОЈОТ НА АБОРТУСИ ГО ДОСТИГНУВА БРОЈОТ НА ЖИВОРОДЕНИ

Во земјава, за жал, абортусот е најчест начин за контрола на фертилитетот. Иако официјалните податоци покажуваат дека во изминатите десет години бројот на регистрирани абортуси се намалува, тој и понатаму е над просекот на ЕУ. Во 2005 година во земјава биле направени 6.436 абортуси во здравствените установи, што значи дека на 100 породувања имало по 28 абортуси. Веќе следната година бројката на абортуси во регистрираните здравствени установи се зголемила на 6.690 интервенции, што е 27,3 абортуси на 100 живородени.

Сепак, лекарите предупредуваат дека овие бројки се далеку од реални, бидејќи најголем дел од абортусите се изведуваат во приватни здравствени установи кои не се регистрирани за оваа дејност па според тоа, ваквите абортуси воопшто и не се пријавуваат. Во прилог на ова е и податокот дека периодот од 1970 до 1980 година во земјава односот на абортуси и породувања бил 1:1.

Најголем дел од абортусите во здравствените установи се изведуваат на Клиниката за гинекологија и акушерство. Во 2006 година во оваа здравствена установа биле извршени 1.690 абортуси. Пет отсто од нив биле кај девојки на возраст од 16 до 20 години, а три абортуси биле кај девојчиња помлади од 15 години.

Официјалните податоци со кои располага РЗЗЗ се дека на 100 породувања има 27 абортуси. Но директорот на заводот Азис Положани признава дека овие податоци се далеку од реални, бидејќи не постои регистар за абортуси. Со воведувањето на регистарот, според директорот, би се добила реална слика и би се вовела контрола во спроведувањето на абортусите.

Прогнозите на гинеколозите се дека во Скопје годишно има 8.000 раѓања и исто толку намерни абортуси.

– Најголем проблем се абортусите кои се прават нелегално во ординации кои немаат соодветни услови за тоа. Ваквите интервенции најчесто се прават непрофесионално, во нехигиенски услови и честопати завршуваат со сериозни компликации како што се крвавења, инфекции, а во најлош случај може да  дојде и до стерилитет.

Вакви ординации има низ цело Скопје, но најчести се оние во Шуто Оризари и Чаир. Младите девојчиња се одлучуваат да направат абортус во овие установи за да не дознаат нивните родители. За жал, неретко интервенциите завршуваат со сериозни последици и пациентите завршуваат на Клиниката за гинекологија. Најчесто се работи за млади малолетни девојчиња кај кои поради несоодветно изведените интервенции може да дојде до сериозни компликации, велат лекари од Клиниката за гинекологија.

И покрај тоа што бројот на нелегални абортуси расте, институциите до сега многу малку направија за пронаоѓање и за санкционирање на ординациите во кои овие интервенции се изведуваат. Дел од проблемот според одговорните е тоа што доколку нема конкретна пријава, многу е тешко во редовна контрола да се открие дали во овие ординации се прават и абортуси. И додека Владата спрема уште една скапа кампања за потикнување на наталитетот, пред носот на инспекторите и на полицијата секој ден се изведуваат стотици нелегални абортуси.

Инаку, абортусот спаѓа во групата на здравствени услуги кои не ги покрива Фондот за здравствено осигурување и интервенцијата е на трошок на пациентката. Лекарите велат дека треба во одредени услови оваа услуга целосно или парцијално да биде покриена од Фондот. Така би се намалил и бројот на абортуси кои се изведуваат на црно по цена од 2.500 денари па до 5.000 денари.

Дел од лекарите сметаат дека достапноста до абортусот кај сиромашните може да се зголеми со воведување на бесплатен абортус. Во Охрид и во Битола здравствените работници соработуваат со Центарот за социјални работи преку кој се овозможува бесплатен абортус кај одредени случаи, особено кај млади Ромки. Голем дел од лекарите сметаат дека треба да се врати одредбата во законот за бесплатен абортус после третото дете, особено кога станува збор за социјално загрозени семејства.

Од друга страна, според податоците од Истражувањето на Министерството за здравство и на РЗЗЗ, голем дел од Албанките сметаат дека абортусот треба целосно да се забрани со што би се зголемила свеста кон семејните вредности.


МАЛОЛЕТНИЧКИТЕ БРЕМЕНОСТИ СЕ ДАЛЕКУ НАД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК

Во Македонија според последниот попис има 2.040.228 жители, од кои 49,8 отсто се жени. Половина од нив се во репродуктивниот период. Просечната возраст на која мајките раѓаат прво дете е 25,3 години, а стапката на фертилитет е 1,5 деца. Застапеноста на малолетничките породувања  во 2006 година е 7,2 отсто. Највисока стапка на фертилитет на возраст од 15 до 19 години има во Југоисточниот регион, а најниска во Полошкиот. Иако постои тенденција за намалување на стапката на малолетнички породувања во земјава, таа е значително повисока во однос на земјите од европскиот регион. Според одредени публикации, жените кои стануваат мајки на возраст од 15 до 19 години имаат два пати поголема шанса да живеат во сиромаштија. Инаку, малолетничките забременувања се ризик како по здравјето на мајката така и по здравјето на жената.

Поврзани новости