ДАГАУ

by Fokus

Сево ова го разлутило премиерот до тој степен да викал, удирал по маса, ама ги довел во ред трапавите служби и ДАГАУ во 17 часот, ете го Сашо пред Обвинителство. Сам, како договорен со новинарот на 24 Телевизија, со возило, кое е исто така под потерница, си се прошета, даде кратко интервју и се качи во Обвинителството да си го земе решението за домашен притвор. Зошто би го земал од Обвинителство, кога истото го издава судот, еден Господ знае.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ 

Иако состојбата со бегството, па враќањето на господин Мијалков е драматична, не паметам од кога толку не сум се изнасмеал. Имено, во вторникот бев службено отсутен од канцеларијата, се вратив во својот дом и откако заврши семејниот ручек, седнав на нет. Ми пишал колегата од работа дека Сашо се вратил.

И нашиот народ, надалеку прочуен по сеирџиските квалитети, навали на Фејсбук и на Твитер. За волја на вистината, имаше и протест, на кој присуствуваа шеснаесет граѓани, бидејки тастатурата е поудобна. Меѓу протестирачите беа и сестра ми Елена и актерката Ирена Ристиќ, кои се активни со неформалната граѓанска организација „Не биди ѓубре“. МВР побрза да ги легитимира со прашања кој е организатор (неосновано) и дали протестот е најавен во МВР (неуставно).

Целата ситуација треба да се преточи во учебниците и да се изучува низ правните факултети во Македонија. Ова искрено го мислам. Се узнало во петок во форма на гласина, се доузнало во сабота во форма на информација, се потврдило во недела, па се барал и добил притвор. МВР го имало на „нишан“ баш до 18.30 додека добијат решение, па го снемува сѐ до 21.30, кога и официјално станува недостапен.

Поранешниот прв човек на УБК наводно се самоизолирал поради корона, па фрлил и телефон, и на четириесет степени температура, се исклучил од светот. Не чул два дена дека целото семејство е на распити во полиција и дека e по буквално сите вести. Еден ден изолација, и ете што се случи.

Сево ова го разлутило премиерот до тој степен да викал, удирал по маса, ама ги довел во ред трапавите служби и ДАГАУ во 17 часот, ете го Сашо пред Обвинителство. Сам, како договорен со новинарот на 24 Телевизија, со возило, кое е исто така под потерница, си се прошета, даде кратко интервју и се качи во Обвинителството да си го земе решението за домашен притвор. Зошто би го земал од Обвинителство, кога истото го издава судот, еден Господ знае.

КАКО ЧОВЕК ОД ПРОФЕСИЈАТА СЕ ЧУВСТВУВАМ ПОНИЖЕН И ЗАСРАМЕН 

Во меѓувреме, Обвинителството ја повлече жалбата на решението за домашен притвор, обидувајќи се да ја префрли топката кај судот. Наводно, претседателот на единица барал од обвинителот да ја повлече жалбата. Прво, ако тоa е точно, а не сум убеден, прво што требало обвинителката да направи е да го праша Џолев дали е при себе, второ да го пријави во Судски совет за недозволив притисок. Претседателот на кривичниот суд во Скопје нема ама баш никакви ингеренции над обвинителство и оттука не можам да поверувам дека колегата Џолев така би се однесувал.

Набргу пристигна и пресудата, каде што обвинетите добија вкупно педесет и пет години затвор, дванаесет за Мијалков, а четири за Јанкулоска. Обвинителството побара и овојпат доби ефективен притвор. Владините апологети, разни цивили и трубадури побрзаа ова да го претстават како голем успех за правдата. Ете колку биле договорени, затоа добил 12-ка, па уште и притвор. Е па ај да не добиеше притвор по циркусон и бегството.

Интересно е како нашите политичари кога се на власт, а се случи некоја пиздарија со судството, тие не се мешале во независноста. А се случи нешто позитивно, си ја припишуваат заслугата. Пресудата ја донесе oсновен кривичен суд, во име на сите нас, а предметот го судеа тандемот Бектовиќ-Туфегчиќ, кои патем се топ тандем и треба да продолжат заедно. А за успеси ќе зборуваме кога истата пресуда ќе се ефектуира, односно ќе се оди на отслужување казна затвор.

Како човек на кој финансиите во адвокатура му се секундарни и ми е многу повеќе од професија, се чувствувам понижен и засрамен. До тој степен не нѐ есапат, кога се подготвени да ни продаваат онакви приказни и да не им е гајле за нашата интелигенција и интегритет. Боливуд сценарио!

 

Поврзани новости