Дачиќ: Згрешивме што ја признавме Македонија

by fokus

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во интервју за агенцијата Бета вели  дека Србија би можела да гласа против интересите на соседните земји кои не ја поддржале за важните прашања, како признавањето на Косово или неговото членство во Унеско.

Во интервјуто Дачиќ вели  дека тоа не е одмазда туку политика на реципроцитет и дека Србија нема да дозволи никој да ја понижува.

„Јас едвај чекам да се појави во меѓународните институции некој став кој е важен за Македонија, за Црна Гора, па ќе видиме како Србија ќе се постави“, кажа Дачиќ.

Признавањето на Косово и поддршката на неговото членство во Унеско, според Дачиќ, ги оптоварува односите на Србија со соседите, но тоа не значи дека Србија ќе презема нешто билатерално против соседите.

„Јас не кажувам дека ние сега нешто ќе преземаме против Црна Гора, или Македонија, или Хрватска или кој било друг, јас само зборувам за нашиот однос кон нивните барања кога тие ќе бидат на дневниот ред, а инаку тоа нема врска со билатералните односи. Замислете кога Србите во Црна Гора едноставно би прогласиле отцепување… Во што е разликата? Албанци има процентуално помалку во Србија“, кажа Дачиќ.

Дачиќ кажа дека Србија згрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име, бидејќи таа го признала Косово.

„Србија направи голема грешка околу тоа. Цела Европа и светот го користат назизот Бивша Југословенска Република Македонија, а ние на браќата Грци им удривме шлаканица и сега очекуваме тие да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Морам да кажам дека сме будали. Еве, ќе употребам недипломатски израз“, кажа Дачиќ.

Тој вели дека Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе се користи името што го користат ЕУ и ОН – БЈРМ.

„Сега вие ќе кажете дека тоа е одмазда. Не е тоа одмазда, тоа е одговорна национална политика. Не е Србија крпа па секој да може да ја шутка. Ние никому не дозволуваме да нѐ понижува. Ако некому не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и тоа не е доволно барем да биде воздржан околу прашањето за Унеско, тогаш јас морам да го поставам прашањето за суштината на нашите односи“, заклучи Дачиќ.

Поврзани новости