Дачиќ во одбрана на Хандке: Тој имаше смелост да застане против едноумието

by fokus

Привилегија е да им честитате на добитниците на Нобелова награда за книжевност, а посебна приилегија е да им честитате на оние кои се спротивставиле на едноумието во турбулентните времиња и на префрлањето вина кон само еден народ, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по повод доделувањето Нобелова награда за литературa на австрискиот писател, Питер Хандке.

Според Дачиќ, Шведската академија донела храбра одлука кога го прогласила Хандке за лауреат. Тој додаде дека Хандке ја имал смелоста да пишува за граѓанската војна во Југославија од друга перспектива.

-Се надевам дека во иднина Шведската академија и Фондацијата Нобел ќе имаат смелост да ја доделуваат Нобеловата награда на сите оние кои покажуваат храброст да му се спротивстават на едноумието, кои ќе имаат смелост да ги согледаат човечките и историските приказни за кои пишуваат, но и дека ќе ги препознаат раскажувачките кои носат нешто различно во своите дела – рече Дачиќ.

Тој потсети дека добитник на Нобеловата награда бил и Винстон Черчил, но и Гинтер Грас, кој признал дека како млад човек во последните неколку месеци од Втората светска војна бил во елитните нацистички СС единици.

Симпатиите на Хандке кон Србија со години се предмет на контроверзија. Во 1997 година Хандке ја објави книгата, која многумина ја гледаа како про-српска, под наслов „Правда за Србија“. Во оваа книга тој ја употребува Србија како пример и метафора за тоа како медиумите можат да ја искриват вистината и да создадат погрешка слика. Во март 2006 година присуствуваше на погребот на Милошевиќ во Србија каде порача:

„Јас не ја знам вистината. Но јас гледам, јас слушам, јас чувствувам и паметам. Затоа дојдов овде денеска, блиску до Југославија, блиску до Србија, блиску до Слободан Милошевиќ“, порача тој.

Негативни реакции во јавноста имаше и во 2014 година кога тој ја доби Меѓународната награда Ибзен. Во 1999 година пак тој ја врати германската награда Бухнер како протест за вмешаноста на Германија во НАТО бомбардирањата на Југославија.

Поврзани новости