Дачиќ обвини македонски граѓани за организирање протести во Белград, тие велат лаже!

by fokus

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ обвини македонски граѓани дека учествувале во организација на протестите во Србија против Александар Вучиќ, во обидот да го оправда присуството на српски разузнавач во Собранието за време на насилството на 27 април. Сите четворица кои беа активни за време на „Шарената револуција“ и други протести за „Фокус“ целосно го демантираат Дачиќ и велат дека неговата изјава е лага.

Никогаш не сме организирале протести против Александар Вучиќ во Белград и изјавата на Дачиќ е целосна лага, велат за „Фокус“ сите четворица македонски граѓани кои вчера Ивица Дачиќ ги обвини дека организирале протести во Србија против власта.

Павле Богоевски кој беше еден од најактивните учесници во „Шарената револуција“, а сега стана пратеник на СДСМ, за Фокус вели дека никогаш и на ниту еден начин нема учествувано во организирање на протест против Вучиќ.

„За мене е сомнително што обвинувањата од српското МНР доаѓаат во истиот ден кога Амбасадорката на Србија во Република Македонија е повикана да објасни што барал српски разузнавач на 27 април во Собранието на РМ“, вели Богоевски.

Вчудоневиден од изјавата на Дачиќ е и активистот на „Солидарност“, Васко Цацановски кој вели дека не учествувал во ниту еден протест против Вучиќ ниту пак бил во Србија во последниве години.

„Мислам дека изјавата му се темели исклучиво на една конспиративна колумна која на времето ја објави Мирка Велиновска со еден куп лаги и манипулации. Не сум бил во Србија во последниве неколку години ниту пак некој ме контактирал од таму за таква работа. Мислам дека ова е алиби за нивната инволвираност во нередите на 27 април, демек ете и Македонците истото го прават“, вели Цацановски.

И активистот на „Шарената револуција“, Замир Мехмети вели дека изјавата на Дачиќ е скандалозна. „Во најмала рака е срамно за еден министер за надворешни работи со вакви непроверени информации да манипулира. Во Србија не сум бил изминативе три години ниту еднаш, а камоли да сум организирал некакви протести“, вели Мехмети за „Фокус“.

Меѓу оние кои Дачиќ ги обвини за организација на протести против Александар Вучиќ се најде и економскиот истражувач и критичар на власта, Бранимир Јовановиќ. И тој вели дека никогаш не учествувал на протести против Вучиќ.

„Последниот пат кога бев во Белград, пред неколку недели, имаше такви протести, ама не стигнав да отидам. Мислам дека Дачиќ се обидува да се извади заради случајот со Живаљевиќ во Собранието. Сепак станува збор за тешка дезинформација која не смее да му се случи на еден министер за надворешни работи“, додава тој за „Фокус“.

Дачиќ: Ние не протестиравме кога нас ни организираа протести

Запрашан од новинарите да го објасни скандалот кој го објави телевизијата Телма за српскиот разузнавач и припадник на БИА, Горан Живаљевиќ кој влегол во Собранието на 27 април кога насилна толпа ги нападна пратениците и новинарите, Дачиќ го правдаше разузнавачот со зборовите дека „негова работа е да информира за она што се случува во Македонија.

Денеска српската амбасадорка е повикана во македонското министерство за надворешни работи, а Дачиќ за српските медиуми вчера изјави дека не знае што ќе содржи разговорот со македонската страна. Во обидот да ја оправда целата ситуација тој рече дека „ниту Србија не реагирала кога граѓани на Македонија организирале протести против Вучиќ“.

„Чекајте ова да ви го прочитам. Васко Цацановски, Павле Богоевски, Бранимир Јовановиќ, Замир Мехмети, сите од Скопје. Тие учествуваа во сите демонстрации и помагаа во организирање на протестите против Вучиќ. Што треба сега ние да правиме, да пишуваме протестни ноти?“, изјави Дачиќ за медиумите.

РТС пишува дека Дачиќ истакнал и дека бил на состанок со македонскиот министер за надворешни работи, кој ништо не му споменал за целиот скандал.

Според Дачиќ разузнавачот со влезот во македонското Собрание не извршил никакво кривично дело, ниту се мешал во внатрешните работи на Македонија, па така немало причина некој да протестира поради тоа.

„Живаљевиќ е официјален претставник на БИА во Македонија, тој таму не е илегално. Би сакал да имаат ист однос кон сите, па така и претставниците на другите безбедносни агенции, од западните до источните и нивните амбасади да ги повикаат на разговор“, рече српскиот шеф на дипломатијата.

Кристина Озимец

Поврзани новости