Да те питам бабо, каде е Неготино?, вријат социјалните мрежи по гафот на Силјановска

by fokus

Возбуда, трема, премореност или пак несконцентрираност беше причината за гафот на професорката Гордана Силјановска Давкова синоќа во Неготино, кога за време на митингот на присутните неготинчани им се обрати со зборовите: „Драги кавадарчани“.

По негодувањата во публиката, посебно поради фактот што Неготино и Кавадарци се вечни ривали и меѓусебните споредби им се болна точка со векови, Силјановска се извини, се насмевна и се поправи со зборовите: „Најпочитувани неготинчани“.

Ненамерната грешка беше доволен мотив да тргне лавината од шеги и коментари на социјалните мрежи. И додека дел од јавноста тврди дека секому може да му се случи гаф, па дури и родители ги помешуваат имињата на децата, голем е делот на неготинчани кои сметаат дека таква грешка професорката не смеела да си дозволи, посебно ако се земе во предвид тоа што тие се преосетливи на темата за која секогаш имало досетки, шеги, но и сериозни препукувања помеѓу жителите на Неготино и Кавадарци.

-Кавадарчани немаат воз и доаѓаат да го видат во Неготино, неготинчани немаат семафор и доаѓаат да го видат во Кавадарци, првото родено дете во Кавадарци е од Неготино, првиот кренат автомобил од пајакот во Кавадарци е од Неготино, слушајте неготинчани, ,,лафе” Радио Кавадарци и низа на други провокации со години наназад се дел од секојдневието на луѓето во Тиквешијата.

Токму поради тоа, на социјалните профили на голем број на неготинчани се сподели објавата – Да те питам бабо, каде е Неготино?

Инаку, Силјановска вчера, пред митинигот во Неготино беше во посета на Демир Капија. Потоа пак, замина на митинг во Кавадарци.

Уште во утринските часови вчера, пред ОК ВМРО ДПМНЕ Кавадарци осамна транспарент на кој беше испишано ,,Гога не е ВМРО” што многумина го протолкуваа како порака од незадоволното членство на ВМРО ДПМНЕ Кавадарци, кое не е среќно од изборот на нивниот претседателски кандидат, наводно поради тоа што професорката во минатото била министерка во владата на Бранко Црвенковски.

Според дел од присутните на митингот во Неготино, токму напнатата атмосфера во Кавадарци, каде потоа требаше да замине Силјановска, била причина поради нејзината трема и ненамерната грешка, која се најде во центарот на вниманието.

Вики Клинчарова

Поврзани новости