Да се потсетиме како размислуваше Билјана: Жал ми е оти децата ќе мора да пораснат!

by fokus

Денес со почеток од 15:00 часот во новоизградениот Дом на културата во Општина Кисела Вода ќе се одржи комеморација за актерката и поранешна градоначалничка на Општината, Билјана Беличанец.

Таа беше градоначалничка на Општина Кисела Вода од 2013 до 2017 година, а си го одзеде животот на 6 -ти април 2019 година.

Во спомен на актерката, се сеќаваме на нејзиното интервју за рубриката Во прво лице, од 27-ми мај 2007 година, објавено на Театарче.мк.

ЗА СОНОТ И ЈАВЕТО…
А зошто сонот да не е јаве, а јавето сон! Сепак, соништата се повозбудливи, имагинарни, енергични – автентични! А јавето? Јавето е само реалност!
ЗА СЕГАШНОСТА…
Судбина – карма. Кај да е ќе помине, ќе стане минато. Надежно е сепак, нели?
ЗА ИДНИНАТА…
Е кога би зависела само од мене…
ЗА КОЛЕГИТЕ…
Баш сме една “голема, весела фамилија”.
ЗА ПРИЈАТЕЛИТЕ…
Колку и да се физички далеку, сепак ги чувствувам блиску. Чувствувам и препознавам кога мислат на мене. Понекогаш ми е доволно и толку.
ЗА ДУШМАНИТЕ…
Незнам како ќе прозвучи, ама вистината е таа: Просто немам време за нив, премногу сум зафатена со себе.
ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА…
Ако судбината ми е храм, ако воздухот на сцена ми е мирис на кандило, тогаш прашината на сцена е моето ВИБУТИ – светата пепел, знак на неуништлив остаток на душата.
ЗА СВЕТОТ НА ДЕЦАТА…
Ми е жал, оти ќе мора да пораснат. Да ја отворат вратата на големото море од неизвесност.
ЗА УБАВОТО…
Убава е мајчината утрова. Единствено таа носи вистинска, исконска топлина, сигурност и верна заштита.
ЗА ГРДОТО…
А кога ќе се свртам околу себе и широко ги отворам очите, вистинската состојба е таква, можеби и не – можеби е само момент на слабост.

Билјана Беличанец Алексиќ, 27 мај 2007

Поврзани новости