Да се почитуваат законите и судските одлуки, укажува Судски совет

by fokus

Судскиот совет нема информации како и со каква цел ќе се формира меѓународна комисија, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и на судските одлуки, велат за Фокус од Судскиот совет по најавата дека на барање на Алтернатива за влез во Влада ќе биде побарана меѓународна експертиза за дел од судските предмети.

-Во врска со најавата за евентуална проверка на завршени предмети и донесени правосилни пресуди, Судскиот совет укажува дека во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, како и други процесни закони, јасно е предвидено под кои услови може да има повторување на постапката за одреден предмет или кој суд е надлежен за укинување на одредена пресуда.

Како и со каква цел ќе се формира меѓународна комисија Судскиот совет нема информации, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и на судските одлуки, велат од Судскиот совет за Фокус.

Лидерот на Алтернатива,  Африм Гаши побарал Владата да испрати писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти коишто ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу…

-Меѓународните експерти ќе навлезат во случајот и ќе дадат свој коментар, секако доколку тоа го прифатат. Тоа се однесува на барањата на Алтернатива, но и за неколку други случаи – за новинарот Никола Младенов и други за кои се уште нема предмети.

Експертите не можат да носат пресуди, не можат да судат. Доколку прифатат, а ние ќе направиме се да прифати Европската комисија и делегацијата да испратат експерти, тие ќе дадат свои анализи и коментари пред институциите на нашиот систем, кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на официјализирањето на договорот со Алтернатива.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости