Да се биде племе Македонци или цивилизирани Северномакедонци!

by Fokus 11:04
11:04

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Која е разликата помеѓу предавник и патриот? Што е предавство, а што врвен изблик на патриотизам? Во големата врева по потпишувањето на Договорот со Грција, главно исполнета со пцости, етикетирања, па дури и клетви, овие прашања се поставија како клучна дилема, која се обидува да ја претстави ситуацијата во црно-белата перспектива на вечните крајности – доброто и лошото.

- Advertisements -

Колумната ја пишувам инспирирана од интересна дискусија на семинар по предметот Етика, дел од мојата едукација во школото за Life coaching (професија која во слободен превод кај нас би се нарекла Советник за живот и животни предизвици).

Тренерот, исклучително инспиративен и интересен, како прва задача ни даде забавен тест, да се вреднуваме на оската која како една крајност означува врвна добрина претставена со ангел и другата крајност поставен ѓаволот како репрезент на лошото. Од дваесетмина, речиси сите, освен двајца во групата, се означија како добри луѓе, практично му дишеа во врат на ангелот.

Тие што се позиционираа пониско на оската, секако дека не значи дека се лоши, тоа е само нивна перцепција, која е можеби нереално лошо мислење за себе. Но, тестот беше појдовна точка за почеток на дискусија каде што разбираме дека сите ние мислиме дека нашиот вредносен систем е во ред и дека живееме „исправен“ живот.

Но, професијата за која се едуцираме бара да се соочиме со многу различни животни приказни, етички предизвици и поинакви вредносни системи. Тоа не значи дека ќе го менуваме вредносниот систем од ситуација во ситуација, туку да разбереме дека различните перспективи се богатство, а не проклетство. Наместо да нѐ иритираат, може да нѐ инспирираат.

Исто така, за да се разбере поширокиот контекст на различноста, потребно е да се објасни дека етиката не мора секогаш да оди под рака со моралните норми во општеството.

Морал и етика

Моралните норми се непишани правила, кои заедницата ги усвоила и кои претпоставуваат дека тие што ги почитуваат се прифатени и „одобрени“ од заедницата. Моралните норми се дел од идентитетот на една група, додека етичките се индивидуални интернализирани вредности, кои човек ги формира во текот на својот живот, во своето социјално опкружување.

Еден пример кој отсликува морална вредност, која произлегува од одредено културно миље, е ритуалот за влез на полнолетство на племето Еторо од Нова Гвинеја. Момчињата од ова племе, за да влезат во светот на возрасните, треба орално да задоволат постар маж од племето и да му ја голтнат спермата затоа што веруваат дека така добиваат сила и стануваат достојни возрасни во таа заедница. Или конкретно, она што за некого е незамисливо, за друг е врвна чест и вредност.

Друг пример е експериментот на Стенли Милграм, кој покажал дека испитаници од која било возраст и образование покажуваат посилна тенденција да се покорат на авторитет (усвоена морална норма) отколку на внатрешната етика (казнуваат со електрошокови испитаник иако знаат дека тоа го повредува, но авторитетот тоа го бара од нив). Тоа го објаснува и однесувањето на СС војниците (но и војничко однесување воопшто), каде што војникот постапува практично морално (наредба на надредениот), а суштински неетички.

Така што моралните и етичките норми некаде се поистоветуваат, но во многу ситуации не се на иста линија. Паралелата со нашата политичка ситуација е дека можеби е пошироко прифатена морална норма дека името на државата е дел од идентитетот и не треба да се менува, особено под уцена, но, исто така, не мислам дека е етички да се чува по која било цена.

На пример, за еден колега кој вели дека за него врвна вредност е солидарноста, во неговиот вредносен систем сосема етички е да украдеш од продавница храна, за да дадеш на сиромашен. За друг, за кого врвна вредност се еднаквите човекови права, ако украдеш од продавница може да дадеш на еден сиромашен, а да осиромаши друг, да речеме, продавачката која би настрадала поради кражбата. Но, постојат битни елементи кога се поставуваат етички дилеми. Прво, корисно е туѓиот став кој се базира на нечија внатрешна етика да се предизвика со аргументи, но крајно неетички е да се осудува.

Предавство или патриотизам

Атмосферата во Македонија откако власта прифати Северна Македонија да биде компромис за деценискиот спор за името со Грција се крена врева во која аргументите лежат згазени под налетот на пцовките, етикетирањата, клетвите и вкопувањето во ровови. Клучните зборови што доминираат се предавник и патриот. А дали има дефиниција што е предавник, а што патриот?

Во нашата дискусија околу етичките прашања на семинарот, буквално се делевме на табори „за“ и „против“. Опфатени беа многу теми согледани низ етичка призма, од генетската медицина, преку нееднаквоста како нус-појава на капитализмот, до миграцијата и инклузивноста. Дискутиравме жестоко бранејќи ги сопствените позиции, но незамисливо беше да се чујат навреди и осуди. Епитети да, имаше, ако за некого нешто е храброст, за друг е кукавичлак, нечија потреба за зголемување на безбедноста, друг ја толкува како себичност, се кршат копјата во аргументирање на позициите, но без етикетирање и навреди.

Најважното прашање што тренерот ни го поставуваше при секое „позиционирање“ беше „која е твојата аргументација?“. Во аргументацијата, пак, етичките дилеми имаат неколку важни елементи при елаборацијата. Тоа се контекстот (општествено-историски, културолошки и сл.), заедно со намерата и целта.

Во етичкиот експеримент на Филипа Фут, каде што еден трамвај надвор  од контрола јури кон петмина врзани луѓе на шините, а има рачка која човек може да ја повлече за да го сврти правецот, но таму има еден врзан човек, дилемата е дали ќе ја повлечеш за да спасиш петмина, а загубиш еден? Ако го сториш тоа, вон контекстот ти си убиец, но контекстот вели дека си и спасител.

Македонската паралела со тој експеримент би била „жртвување на името“ заради отворање можност за просперитет како повисока цел. Контекстот на ерата пред Букурешт, кога таткото на Никола Димитров напишал да му се исуши раката на тој што ќе го потпише договорот, се разликува многу од сегашниот општествено-историски контекст.

Ако некому внатрешната етика му зборува дека во име на квалитетот на живот (или според Аристотеловата еудамонија – благосостојба сфатена како активен живот воден од разумот и самосвесни одлуки), договорот или компромисот ќе донесе многу поголем бенефит за граѓаните, „предавството“ е всушност врвен чин на патриотизам и доблест. Со таквата етичка позиција може некој да не се согласува, но чесно е да брани спротивниот став со аргументи кои ќе понудат алтернатива.

Можеш да живееш во земја која се вика Македонија, а да те идентификуваат со племе, луѓето да живеат крајно недостоинствено и да се проколнуваат меѓусебно. Можеш, од друга страна, да живееш во земја која се вика Северна Македонија, но да живееш во достоинствени услови и да се идентификуваш со луѓе што се чесни, вредни и цивилизирани.

Е сега клучната дилема што се наметнува во јавноста е што ќе ни направат ЕУ и НАТО ако не можеме сами. Аргументот дека сме можеле сами, без „патронство“ на ЕУ и НАТО повлекува прашање зошто досега не сме покажале за 27 години дека можеме? Можевме да ја сведеме корупцијата на минимум, правдата на максимум, животот (со умешно инвестирање на јавните пари) во центар. Тоа за волја на вистината ќе ни изградеше многу подобра преговарачка позиција во надминувањето на спорот со Грција.

Нема лошо или добро, туку мислење за тоа

Ќе земам еден ирационален пример. Ако една група луѓе седи затворена во пештера и има голема карпа на влезот која не успале да ја тргнат за да излезат, можеле да одржуваат хигиена во пештерата 27 години, ама не го сториле тоа и се појавуваат болести, луѓето умираат. Е сега се појавува можност на кратко да добие водачот стап со кој ќе може да ја тргне карпата, ама услов е сите да ги исечат брадите, а тие им се дел од идентитетот, откако паметат за себе имаат бради.

Некој ќе рече јас сакам овде да умрам, ама брадата не ја сечам. Друг ќе рече, тоа е мала жртва за повисока цел и ја сече иако изгледот му се менува. Водачот пресекува во корист на излезот. Дарко Митревски надвор од пештерата, легнат на плажа да речеме, со цевка пие коктел и вика не ја сечете брадата, таа ви е идентитетот. Има ли некој „бог“ што ќе суди кој како постапил следејќи ја сопствената етика?

Манипулацијата со историските факти за да им се продаде бајка на граѓаните која ќе им понуди апстрактна гордост (потомци демек на голем водач) како компензација на празниот џеб, додека се случува незапамтен грабеж на истите граѓани, за мојот етички систем е врвен кукавичлак и предавство на пример, а решавањето на спорот и компромисот, голема храброст и доблест. Подготвена сум да понудам факти да ја поткрепам својата позиција.

Јас дури и разбирам дека е ова многу емотивно прашање за многумина и оттука, пцовка или емотивен изблик (не и насилство) не ми е туѓ, особено ако потегот на власта е во спротивност со нечија внатрешна етика. Исто така, никако не мислам дека професор(ка) треба да се санкционира поради сопствен начин на протест, без оглед каков тоа изгледал во очите на фините „инквизитори“.

Но, исто така, не можам да прифатам дека некој лесно лепи етикети „предавник“ и „платеник“, а го (зло)употребува терминот патриотизам без аргументи и понуда на алтернатива, за прашање кое за земјата е суштинско. И за која фактите говорат дека не може да опстане изолирана бидејќи тезата „името не го даваме“ не се мачка на леб за да ја прехрани нацијата.

Само со цивилизациски исчекор во дебатата, каде што ќе владеат аргументите, а не етикетите, ние ќе излеземе од античкиот период на Александар Велики (каде што се колеле меѓусебно) и ќе влеземе во сегашниот, 21 век. Не суди за да не ти судат, вели Библијата, а Шекспир преку Хамлет додава: „ништо не е лошо ниту добро, туку мислењето за тоа, го квалифицира“. (there is nothing either good or bad, but thinking makes it so).

 

 

 

Поврзани новости