„ДА НЕ СЕ МЕНУВА ДАНОЧНАТА ПОЛИТИКА, А ВАЖНИТЕ ЕКОНОМСКИ ЗАКОНИ СЕКОГАШ ДА СЕ НОСАТ ВО КОНСУЛТАЦИЈА СО БИЗНИСОТ“

КОМОРАТА ПРЕДЛАГА КОНЦЕПТ ЗА УБЛАЖУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД КРИЗАТА

by fokus 15:53
15:53

Секогаш кога има криза, а во моментов се неколку истовремено, по правило постои голема неизвесност за иднината, а тоа многу го отежнува работењето на фирмите.

За да му се помогне на приватниот бизнис-сектор и за да можат фирмите подобро да ги планираат своите активности за излез и за спас од кризата, треба да се обезбеди колку што е можно поголема предвидливост на условите за работење.

Имајќи го предвид сето ова, како и важната улога на даночната политика, Стопанската комора укажува на потребата:

– во наредниот период од две-три години да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување;

– навремено да се врши враќањето на данокот на додадена вредност;

– навремено да се сервисираат обврските на јавниот спрема приватниот сектор.

Притоа, ако државата има потреба од повеќе пари во својот буџет, нив треба да ги обезбеди преку намалување на сивата економија. Значи, да се наплаќа од оние кои избегнуваат да ѝ платат на државата, а не да се зголемуваат даноците за оние кои редовно си ги извршуваат финансиските обврски спрема неа.

Во оваа прилика сакаме повторно да укажеме и на потребата законите кои се од особена важност за деловното работење секогаш, без исклучок, да се носат во рамките на еден транспарентен и инклузивен процес.

Тоа значи дека мора да престане носењето важни економски закони без консултација со бизнисот, затоа што така се пропушта шансата да се изберат најдобрите законски решенија, со кои најмногу ќе се придонесе за развој на македонската економија.

м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија

ПР текст

 

Поврзани новости