Д-р Петрушијевиќ за ,,Фокус”: Детали за стерилизацијата и кастарцијата на миленици

by Fokus

Кастрацијата и стерилизацијата на домашните миленици изминативе години станува се попопуларна интервенција, за која се решаваат сопствениците на мачки и кучиња, чувани во домашни услови.

Бидејќи е релативно нова процедура која се изведува кај нас, актуелни се и низа на прашања околу истата. Дали е безбедна, дали е болна, што може да се очекува потоа, но и колку ќе го чини сопственикот.

На темата ,,Фокус” разговараше со д-р Радомир Петрушијевиќ, ДВМ, познат во Скопје, но и пошироко како челниот човек на ветеринарната амбуланта Ремедиум Вет, и еден од оние доктори кои со максимална посветеност и љубов си работат на професијата.

Тој појаснува детално што претставуваат овие термини, како се изведуваат и како се одвива постоперативното опоравување на животното.

„Стерилизацијата и кастрацијата се интервенции со кои по хируршки пат се отстрануваат репродуктивните органи од страна на ветеринарен хирург. Терминот стерилизација се однесува за женските животни каде се отстрануваат јајниците, јајцеводите и матката, кастрацијата се однесува за машките животни и се отстрануваат тестисите. Оваа интервенција претставува еднократен финансиски издаток за сопственикот, за кој вреди да се инвестира.

Ремедиум Вет строго се придржува кон ценовникот кој е издаден од страна на Ветеринарната Комора на Р С Македонија. Цените се одредени во зависност од видот и тежината на миленикот. Цената за стерилизација на кучиња е: за женка се движи од 3.000-5.000 денари, а кастрација на мажјак е од 2.000-3.500 денари. Цената за стерилизација на мачка е 2.500 денари, а кастрација на мачор е 1.500 денари. Овие интервенции се изведуваат под општа анестезија, во строго контролирани услови на стерилизација на хируршки инструменти и предходна подготовка на миленикот“, раскажува д-р Петрушијевиќ.

Додава дека во неговата амбуланта се користат современи техники за изведување на истите, кои подразбираат мали резови кои придонесуваат брзо пост оперативно опоравување. Со овие хируршки процедури ќе бидат исконтролирани сите непланирани новородени кучиња и мачиња, што резултира на спречени многу еутаназии врз здрави животни.

„Овде спаѓаат и сите медицинско-здраствени бенефити кои ќе им овозможат подобар, поздрав и подолг живот. Mедицински бенефити: Со стерилизацијата, вашиот женски миленик ќе живее подолго и поздраво. Ќе бидат спречени појавите на болести, како што се инфекции на матката, појава на тумори на градите, каде што малигнитетот кај кучките е 50% а кај мачките е 90%. Стерилизацијата пред појавата на првиот полов жар гарантира најдобра заштита од овие болести.

Кај кастрираните мажјаци се превенира појавата од канцер на тестиси и болести на простата. Бенефити во однесувањето: Стерилизираните женки нема да имаат полов нагон. Во овој стадиум се вознемирени, завиваат и уринираат почесто(кога се чуваат во домашни услови воопшто не е пријатно) се со цел да привлечат мажјак. Кастрираниот мажјак нема да има потреба да бега или да се одалечува далеку од дома. На било кој начин ќе наоѓа дупка за да избега од дома-појаснува тој. Додава дека последиците од бегањето се јасни (сообраќајни несреќи, повреди од други кучиња…). Некастрираното куче или мачор често ја маркира својата територија, при што ослободува многу непријатна миризба. Со раната кастрација може да се избегне и појава на агресија“, раскажа докторот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости