Д-р Диме Коцев: Сите сили се вложени во справувањето со овој бран, подготвена е и модуларната болница во Кавадарци

by fokus

Бројот на нови случаи на корона вирус во Тиквешко изминатиот период е во значителен пораст. Во Кавадарци, според денешниот извештај на МЗ активни се 561 случај, во Неготино 279, а во Демир Капија 27 случаи. Новозаболените се на сите возрасти, а зголемен е и бројот на лица хоспитализирани во Ковид центарот во кавадаречката болница.

Директорот на болницата д-р Диме Коцев за „Фокус“ појаснува дека денес се хоспитализирани 52 пациенти и има осум слободни кревети.

-Од хоспитализираните пациенти 28 се на постојана кислородна поддршка, девет се на повремена поддршка, а 15 се без кислородна поддршка. Имаме 36 пациенти од Кавадарци и 16 од Неготино. Најмладиот е на возраст од 17 години, а најстариот има 84 години – вели д-р Коцев.

Тој додава дека денес во болницата биле присутни претставници од Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика и бил извршен технички прием на модуларната болница.

-Модуларната болница е комплетно подготвена, извршен беше техничкиот прием. Овде има капацитет од 35 кревети. Напливот на нови пациенти го дочекуваме максимално подготвени, нема место за паника помеѓу нашиот персонал. Доколку се наполни ковид одделот, веднаш ќе започнеме со сместување на пациенти во модуларната болница.

Имаме кадар, на располагање сме 24 часа, никој нема да остане без здравствена грижа. Кај нас веќе се направени над 4.000 тестови, моментално на залиха имаме околу 4.500. На ден се прават од 100 до 130 тестирања, нема чекање за резултати со денови, се добиваат за најкраток рок, истиот ден. Сите во болницата сме ставени во служба на пациентите и мораме заедно да се избориме со ситуацијата – тврди директорот.

Вели дека вратите на кавадаречката болница се отворени за сите пациенти, кои деновиве доаѓаат во голем број и од Неготино и Демир Капија. Се вршат сите потребни испитувања и анализи, и д-р Коцев вели дека со помош на големиот број на тестови значително им се помага на пациентите, но и на здравствените работници.

-На време тестирање, откривање и изолирање, тоа е од голема важност за полесно да се стави состојбата под контрола. Веднаш да бидат откриени и изолирани новите случаи, да се почне со навремена терапија, за да не дојде до влошување на состојбата на пациентите. Токму тоа е она кое е од најголема важност во овој период. Пациентите кои доаѓаат кај нас се тестираат во секое доба од денот, ги охрабруваме сите кои имаат било каков симптом, да не чекаат, бидејќи е за доброто на целата заедница. Апелирам и на максимално почитување на мерките и одговорност од граѓаните. Заеднички да го надминеме овој предизвик – изјави д-р Коцев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости