CircusMacedonikus

by Фокус

Кловновите веќе не се смешни, ниту се акробатите интересни, ниту магионичарите забавни, публиката е сè помалку задоволна од истата циркуска претстава, која трае со години, а се менуваат само актерите, аплаузот полека го снемува, а сè почесто се слуша: Уааа

Звонко ДАВИДОВИЌ

Циркус настанал од латинскиот збор circus, што значи кружна арена, а под поимот циркус се подразбира патувачка група изведувачи, која се состои од акробати, магионичари, жонглери, кловнови и дресирани животни. Претставите вообичаено се одржуваат во голем кружен или овален шатор-арена, која е опкружена со клупи за гледачите. Во некои претстави настапуваат и дресирани егзотични животни мајмуни, тигри, лавови, слонови…, а честопати и дресирани домашни животни.

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ЦИРКУСОТ

Почетоците на циркусот датираат уште од времето пред новата ера и биле познати во стара Грција – трка на двоколки, Египет- дресери на диви животни, Кина – акробати и жонглери.

Модерната верзија на циркусот е настаната во стариот Рим и се одржувале најчесто во арената Циркус Максимус. Главна атракција била трка на борбени двоколки, а меѓу две трки, публиката ја забавувале акробати и жонглери. Влезот бил бесплатен и секогаш имало пијалак и храна, честопати и бесплатно по принципот panemetcircenses „леб и циркус“ или „леб и игри“.

Првиот модерен циркус е основан во Англија 1768 година, во Русија се појавил во 1919 година, а 1927 е основан Државен универзитет за циркуски уметности. Денес, кога сè помалку се негува циркуската вештина во светот, најдобри и најбарани се канадскиот циркус CirqueduSoleil и францускиот Cirqued’hiver и Cirque d’ été.

Како и секогаш, ние заостануваме зад другиот дел на светот, па кај нас почнува да се негува она што другите го напуштаат, или веќе одамна го напуштиле. Пример ни е образованието и акробациите, кои надлежните ги прават, воведувајќи модели одамна напуштени од другите. Слична е состојбата и во здравството,  судството, социјалната политика, културата и другите области на живеењето. Можеби затоа ги воведовме и  почнуваме да ги негуваме циркуските вештини, тогаш кога другите ги напуштија.

Македонија стана циркуска арена во која деноноќно се одржува циркуска претстава каде што настапуваат политички акробати, бизнис магионичари, партиски кловнови и политикантски жонглери. Како и секогаш, како и од секогаш, сите овие циркуски кадри се приучени по принципот на самоукост, бидејќи Македонија никогаш немала училиште и организиран процес на учење на политичките вештини.

ПАРТИСКИ АКРОБАТИ

Партиските акробати одат по тенка жица и ја изведуваат својата претстава во која влогот не е нивниот живот или глава, туку е влог животот на народот и опстанокот на државата. Политикантските жонглери жонглираат со тендерите и државните пари внимавајќи истите да завршат во нивната фирма, нивниот џеб или банкарска сметка.

Кога акробатите и жонглерите ќе потфрлат, па гледачите ќе им го откријат трикот, настапуваат партиските кловнови, глупирајќи се само со една цел, да ја сокријат глупоста и утката на овие првите.  Бизнис магионичарите се особено вешти во исчезнувањето, по принципот сега го гледаш, сега не го гледаш,, користат и техника на телепортирање од партија во партија, а истите трикови ги изведуваат и со предметите, една од последните претстави и настапи на еден таков бизнис магионичар беше исчезнувањето на куферче со милионче.

Сите во Македонија, кои имаат власт или се борат за власт, изведуваат некакви трикови, смешни и веќе видени, излитени и офуцани, градат за да украдат, рушат за да украдат, корнат дрва и зеленило за пак да ги засадат и повторно да ќарат… И така во круг, во секое делче на општественото живеење само циркус, циркуски артисти и кловнови, игри за забава и замлатување на народот, а ќар за себе и циркуската менажерија.

Но, кловновите веќе не се смешни, ниту се акробатите интересни, ниту магионичарите забавни, публиката е се помалку задоволна од истата циркуска претстава која трае со години, а се менуваат само актерите, аплаузот полека го снемува, а сè почесто се слуша Уааа.

Што би рекол Балашевиќ– циркусот  заминува од нашиот град, многумина ја сфатиле претставата до сега, нови паљачовци толпата ќе најде лесно затоа што друг циркус ќе дојде во нашиот град. И сè било само фол, сè било само евтин трик и сите тие маски кријат бол и некој сосема друг лик.

Поврзани новости