Чулев најави дека ќе го испита орото во Чаир

by fokus

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев најави дека случајот „орото“ во Чаир“ ќе се испита и доколку се утврди дека се случило за време на полицискиот час ќе бидат преземени мерки за санкционирање на учесниците во истото.

Тој апелира до граѓаните да ги почитуваат владините мерки за што побрзо да се нормализира состојбата настаната поради корона вирусот.

-Намалување на бројот на заразени од коронавирусот е возможно само доколку граѓаните се дисциплинирани и ги почитуваат мерките за ограничување на движењето, носат заштитна опрема и се придржуваат кон пропишаната дистанца, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на „Фејсбук“.

Тој истакна дека во неколку наврати напоменал оти здравјето на граѓаните е најважно и во таа насока Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки.

Чулев потенцира дека во континуитет ги следат социјалните мрежи, видеа и содржините кои се објавуваат и секаде каде што има основ за постапување, Министерството за внатрешни работи презема соодветни активности.

-Во оваа прилика сакам да напоменам дека во конкретниот случај со „орото“ во Чаир, доколку се утврди дека видеото е направено во период кога се на сила одлуките на Владата, односно доколку се потврди неговата автентичност, полициските службеници ќе ги преземат сите мерки со цел соодветно санкционирање на учесниците во истото, истакна Чулев.

Тој потсети дека се уште е на сила ограничувањето на движењето кое беше воведено за продолжениот викенд кој завршува денес.

Поврзани новости