Чуден молк

by fokus

Пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, изминаа веќе 10 дена од објавувањето на извештајот од мојата приватна истрага врзана со стечајот на Еуростандард банка. Извештајот е јавно достапен за секој заинтересиран поединец и институциите во Република Македонија, на порталот Човекот пред сè, достапен за читање, анализирање и со чисти насоки за дополнително истражување.

Најнапред сакам да ја запознаам јавноста дека при изготвување на извештајот не сум учествувал или пак сугерирал да некои девијантни појави бидат скриени од очите на јавноста. За многумина меѓу кои и еминентниот новинар Бранко Героски овој чин го смета за пукање во глава на самиот себе.

Со господинот Героски не сме имале никојпат соработка и убеден сум дека не го знае мојот ментален склоп за прашања поврзани со мојата искреност. Ги повикувам господата новинари и бивши малцински акционери во Утрински весник: Ризаов, Тричковски, Митевски и Поповски да обзнанат каков бил мојот однос со новинарите во уредувачката политика на Утрински весник каде бев мнозински акционер. Убеден сум дека не само споменатите новинари, туку и многу други видни новинарски пера кои израснаа со Утрински весник, можат да дадат своја оценка за мојот професионален однос во овој домен.

ОБЈАВЕНИОТ ИЗВЕШТАЈ Е ФАКТОГРАФСКИ

Трагајќи по вистината за Еуростандард банка наидов на нешто што е многу поопасно за целата држава, а тоа е организираниот банкарски криминал под закрила на државните институции. Бледите соопштенија, после објавениот извештај на Народна банка, Комерцијална банка, Македонска банкарска асоцијација, ОЈО, беа флоскули без конкретни аргументи или пак докази. Уште повеќе што, нивниот координиран настап и идентични пораки уште повеќе укажаа на тоа што и самиот извештај го потенцираше, дека постои заемна спрега меѓу Комерцијална банка од една страна и НБРМ и останатите државни институции од друга страна.

Замислете, во нивното соопштение Комерцијална банка ми се заканува со можен затвор за мене од 3-10 години. Јас не се плашам од ваквите закани, ама чуден е стравот на Комерцијална банка што сиот свој гнев го упатува на моја лична адреса од причина што јас единствен имав храброст да поведам истрага, повторувам независна истрага од реномираната агенција Р.У.Р, предводена од еминентниот и докажан борец против криминал и корупција Драго Кос, за банкарскиот криминал во Македонија.

Еуростандард банка беше вшмукана во овој организиран криминал со незаконски позајмици и исфрлена како крпа или уништена преку направениот стечај оној момент кога ние, акционерите со новиот Управен одбор одлучивме да ставиме крај на незаконските позајмици кои се длабоко инсталирани во севкупниот банкарски систем во Македонија.

НЕ СУМ ПОШТЕДЕН НИТУ ЈАС

Зачудува фактот што Јавното обвинителство кое во моментов има силни потреси во неговото функционирање од политичко-кадровски аспект мудро молчи. Објавениот извештај е фактографски и релевантен. Во истиот извештај не бев поштеден ниту јас, ниту моето семејство.

Народна банка вообичаено молчи и се труди по секоја цена да го забошоти стечајот на Еуростандард банка, поради низата пропусти во нејзиното превентивно делување за спас на банкарскиот систем во целост, па во случајот и на Еуростандард банка. Овој нивен молк всушност силно зборува, зборува за поединци и институции кои се „заробени“ од своето делување или неделување.

Пишував и ќе пишувам за местото и улогата на Народна банка за овој чин без преседан.

Владата на Република Македонија и вицепремиерот за борба против организиран криминал и корупција Славица Грковска, молчат. Молчи и собранието на Република Македонија, посебно Комисијата за финансирање и буџет, институција која има единствено право за контрола на работењето на Народна банка. Актуелниот министер за внатрешни работи, некогашен технички премиер на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, молчи.

Почитувани читатели, молкот на гореспоменатите институции и лица е до некаде разбирлив, бидејќи сите тие се фатени во пајажината на организираниот криминал.

Ме зачудува и молкот на политичките партии, посебно од опозицијата, што немаат никакви реакции по истиот, а ниту пак интерес да подлабоко се запознаат со целата содржина. Ме загрижува молкот и во институциите каде сум бил неприкосновен дарител за општествено и културно добро на наша Македонија како МПЦ-ОА, Исламската верска заедница, МАНУ и други институции. Ме зачудува и молкот на многу познати и помалку познати мои сограѓани кои ја почувствувале мојата поддршка.

ДОН КИХОТОВСКА БИТКА

Не можам да ги разберам поривите за ваков молк. Мене ми е совршено јасно дека целата атмосфера во државата не стимулира критичен поглед и многумина се уплашени јавно да излезат и зборуваат за оваа криминална спрега која сака да владее со државата, но сепак сум сигурен и дека постојат луѓе кои се храбри и кои бескомпромисно посакуваат ресет на системот и ослободување од овие сенки кои се надвиснале. Јас им се обраќам и на нив, сакам нив да ги охрабрам да речат НЕ, повеќе вака НЕ МОЖЕ, бидејќи само заедно можеме да се избориме за држава која правата на поединецот ќе ги стави пред моќта на сивите еминенции.

Јас сум денеска обичен граѓанин на Република Македонија со несомнено голем личен габарит кој што и дал на Македонија во сите сфери на нашето живеење. Чувството е поразително кога во одреден сегмент ќе разберете дека водите Дон Кихотовска битка. Јавноста треба да знае и уште нешто, дека јас и моето семејство со носењето на Еуростандард банка во стечај изгубивме и додатен имот од повеќе десетици милиони евра. Не барам сожалување, барам ПРАВДА.

На крајот од денешнава колумна сакам да кажам неколку збора за местото и улогата на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка.

НЕ ЈА РАЗБИРАМ ЖЕДТА ЗА МОЈАТА И КРВТА НА МОЈОТ СИН

Нивното присуство на социјалните мрежи е мошне активно. Се прашувам како функционира ова здружение од каде црпи информации, кој го финансира и зошто ова здружение во сите негови објави настојува по секоја цена да ме напаѓа мене и мојот син Коста, без при тоа да знае дека јас и Коста во банката сме акционери и дека со носењето на Еуростандард банка во стечај јас и Коста изгубивме и многу повеќе во оваа држава. Не можам да ја разберам жедта за мојата и крвта на мојот син Коста.

Господо оштетени „ЈАС СЕ БОРАМ ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ ВО БАНКАРСТВОТО, а вие од петни жили се трудите да ме уништите“. Бидете сигурни дека тоа нема да се случи. Такви како вас кои одработуваат за туѓи криминални интереси сте зло за целото општество. По вокација вас треба да ве снема или престројте се во ново здружение без да го користите префиксот Еуростандард банка, бидејќи сите сте во целост исплатени, што веројатно ова е прв случај во Македонија.

Почитувани читатели, текстот го пишувам со емоции. Повторувам, поддршката од граѓаните ми е потребна како насушен леб, а дали ќе успеам? Супермен не сум, јас сум обичен човек, ама за разлика од одредени личности во Република Македонија, изграден и реализиран со базичните човечки доблести.

 

Поврзани новости