Човекот на Трамп што гарантираше дека ќе ни го спаси името, лажел за својата биографија

by fokus 14:41
14:41

Повеќе македонски медиуми вчера го пренесоа интервјуто на Марк Барнс, за кој што рекоа дека е духовен советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Интервјуто Баренс го дал за „Гласот на народот“, а во него потенцирал дека никој не смее да го смени уставното име и идентитетот на Република Македонија.

– Околу прашањето коешто се однесува за името на вашата земја, коешто сакаат да ви го сменат и да престанете да се викате и именувате како Македонци, што пак е нечуено во светската историја, никој не смее да ви го смени името и идентитетот затоа што вие сте родени како Македонци и ќе продолжете да живеете и да се именувате така, рекол Барнс.

- Advertisements -

Ова, провладините медиуми го толкуваат како гаранција дека Трамп нема да дозволи промена на името Република Македонија.

Барнс, инаку, стана од среде интервју за CNN откако му беа поставени редица незгодни прашања за биографијата објавена на официјалниот вебсајт на неговата црква во која напишал погрешни податоци, како на пример дека завршил факултет и има диплома, кога всушност тој бил само еден семестар на факултетот.

Тој напишал и дека бил член на „Kappa Alpha Psi“, претежно афроамериканско братство. Организацијата, пак изјавила дека нема евиденција дека Барнс бил член.

Соочен со ова тој се обиде да изјави дека сајтот бил хакнат, но од хостинг провајдерот за CNN изјавиле дека нивната евиденција не покажува никакво хакирање.

CNN му предочи и други недоследности, вклучувајќи ја и онаа каде Барнс тврди дека служел шест години во „United States Army Reserve“, односно резервистите на американската војска. И ова било демантирано од Американската војска, односно од таму рекле дека не е точно.

Тој во биографијата напишал и дека работи на магистерска на Универзитетот во Јужна Каролина, но и од таму демантирале, што му беше предочено во интервјуто.

Соочен со сево ова тој се обиде да каже дека интервјуто е „оф-рекорд“, односно дека не се согласил да биде емитувано, иако претходно се согласил, па на крај стана и си замина од среде интервју.

Подоцна испратил пишана изјава каде вели дека преувеличил одредени детали од биографијата бидејќи се плашел дека нема да го прифатат како нов и млад проповедник.

Поврзани новости