Човек со демократски габарит

by Фокус

Текстот е објавен на 29 март 2013 во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Теофил Блажевски

Каков пристап да се одбере кога треба да кажеш нешто за човек кој си го познавал прилично добро и си делел со него професионално и лично секојдневие одреден период од животот, а тој веќе не е меѓу нас? Каков пристап да се одбере, а да не се биде патетичен и да се влета во стапицата, која ја сметам за една од врвовите на лицемерството – за покојникот сѐ најдобро? Не знам, искрено. Ми се чини дека најблиску до најдобриот пристап е да се обидеш да ги процениш делата што човекот ги оставил зад себе. Што остави Никола Младенов зад себе?

Младенов на професијата ѝ го посвети целиот живот. Имав задоволство да работам со него во неговиот животен проект – „Фокус“, како главен уредник од 1999 до 2002 година. Работевме заедно во кус период и многу порано, во 1985 и во 1986 година, кога почна реинкарнацијата на јавниот збор во Македонија, во „Млад борец“. Професионалните и лични патишта повторно ни се сретнаа на почетокот на 1999 година, кога „Фокус“ веќе беше етаблиран неделник со четиригодишен стаж.

Му кажав дека „Фокус“ го сметам за револуција во македонскиот журнализам! Двапати ме праша дали навистина го мислам тоа. Искрено го мислев тогаш, а денес уште поуверен сум во тоа. Која е вистинската вредност на животниот проект на Младенов -„Фокус“, а со тоа и на самиот Никола? Ако се направи проценка на периодот од 1995 година, кога е основан неделникот, до денес, „Фокус“ е медиум кој е несомнено лидер во категоријата истражувачко новинарство. А во новинарството, најтешкиот и највредниот пристап е истражувачкото новинарство.

На неговите страници се отворени многу табу-теми и се објавени истражувачки стории за најболните моменти од македонската транзиција, но и од нејзината историја. Од зачетоците на плурализмот и вештачки формираните политички партии, преку грабежот наречен трансформација на општествениот капитал, до најкрупните мистерии во поновата македонска историја – политичките убиства на неистомисленици, атентатот врз Глиго-

ров, вклучувајќи го и објавувањето на иницијалите на неговиот атентатор (!!!), „тајните на војната“ во 2001 година, до сите нејаснотии околу загинувањето на Трајковски… И тоа во real time! Ама тоа не е сѐ. Во „Фокус“, на пример, за првпат се објавени во македонската, а со тоа и во светската јавност, стенограми од седници на Советот за безбедност на ООН во период од 1946 до 1949, посветени на случувањата во Егејска и во Пиринска Македонија, а со тоа и факти за сите нечесни игри на „големите“, наспроти „малите“, како и вистината за предавствата извршени од „домашните херои“ во тоа време. Во фељтон, кој по своето траење од година и пол и 80-тина продолженија, исто така е феномен и ненадминат рекорд во новинарството.

Во „Фокус“, исто така пример за лидерство, за првпат во македонското новинарство е објавена целосно црна насловна страница, како израз на протест наместени претседателски избори! „Фокус“ има и други елементи кои го карактеризираат како медиум коj вовел револуционерни пристапи во новинар ството на овие простори. Тоа се фотомонтажата и стрипот, исползувани како новинарски израз. Нешто што се негува и денес во „Фокус“ и нешто на кое треба да му се посвети поголемо внимание од теоретичарите на македонскиот журнализам.

И сето тоа не е случајно. Произлегу ва од темелите на новинарскиот пристап кој ги негуваше Никола Младенов и од неговиот огромен демократски габарит. Се придржуваше до базичниот стандард во професијата – новинарството како чувар на демократските вредности на општеството. Оттаму, „Фокус“ и Младенов добија епитет на „вечна опозиција“, во пакет со континуирани обиди тој да се замолкне. На една таква операција и самиот сум сведок…

Младенов, како и многумина од нас, долго време веруваше во слободата на пазарот. До степен што ја прецени. Слободен пазар во Македонија нема. Факт кој на сите нас во медиумите денес ни е добро познат. Исто како што ни е познато дека сѐ уште нема одговорност за јавно изречениот збор. Тука не ги подразбирам злоупотребите на судскиот систем и перверзниот начин да се уништуваат медиумите од страна на номенклатурата – тужбите за клевета и навреда што масовно се во употреба последниве десетина години. Зборувам за непостоењето правна држава, која би постапила по она што се нарекува „глас во јавноста“, би покренала истрага и би ги довела работите до правна завршница.

Тоа сѐ уште го нема. Но, токму тука, во овој момент, се гледа и големата улога на Младенов во современата историја на македонското новинарство и неговиот животен проект. Тој речиси две децении не ја напушти основната линија на проектот, и покрај сите странични и директни удари, да се уништи „Фокус“ и да се замолкне јавноста… „Фокус“ стартуваше како „неделник на внатрешниот, а богами и на надворешниот непријател“. Но, Младенов, и неговото дело ќе останат запаметени по последното лого на неделникот – ЗА ДА СТАНАТ НЕШТАТА ПОЈАСНИ!

Никола, почивај во мир.

Поврзани новости