Членството во ЕУ и НАТО значи имплементирање на многу европски модели во здравствениот систем, порача министерот Филипче

by Fokus

Членството во Европската унија и НАТО за сите граѓани на Република Македонија значи подобро здравство, подобро образование, повеќе пари во економијата, повеќе работни места и повисоки плати, подобро земјоделство. Сето тоа, значи, нашите млади да останат во земјава, порача попладнево министерот за здравство Венко Филипче во Росоман.

Членството во ЕУ и НАТО, нагласи, значи имплементирање на многу европски модели во здравствениот систем.

– Дел од тие проекти ние веќе ги започнавме и сакаме да ги имплементираме во регионот на Кавадарци и Росоман. Станува збор за мобилните екипи кои на жителите ќе им даваат здравствени услуги во домовите, или блиску до нив. Проектите ги пилотиравме во Кочани, а следат Битола и Ресен. Во договор со росоманскиот градоначалник и директорот на кавадаречката болница, овој модел може да се имплементира и тука, рече министерот во изјава за МИА.

Европските фондови кои се очекува да се отворат со евроинтегративните процеси, додаде, значајно ќе го подобрат целокупниот здравствен систем. Но, бидејќи најголемиот дел од жителите во регионот се занимаваат со земјоделство, тој потсети дека со евроинтеграциските процеси ќе има и повеќе субвенции и подобар пласман за земјоделските производи, поголема поддршка за земјоделците.

– Дојдовме да поразговараме со жителите на овој регион. Свесни сме дека луѓето многу добро ги знаат предностите од членството во Европската унија и НАТО, но сакавме уште еднаш да искомуницираме. Да ги расчистиме евентуалните дилеми, нагласи Филипче.

Поврзани новости