Членови на СДСМ формираат независна советничка листа во Охрид

by Фокус

Членови на СДСМ од Охрид и поранешни советници во Советот на општината формирале Иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членови на Советот на општина Охрид на претстојните локални избори под мотото „Охрид пред се“.

„Основна цел на Иницијативниот одбор е подготовка на граѓанска листа составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми“, стои во соопштението.

Од таму додаваат дека намерата на Иницијативниот одбор е да создаде изборна листа на кандидати за членови на Советот на општина Охрид кои непосредно ќе ги претставуваат интересите на своите сограѓани, еснафот, работниците итн.

„Партиите, со сите свои предности и слабости нека продолжат да ги креираат државните политики, но нашата примарна цел е да го вратиме вистинското значење и улога на Советот на општината во кој ќе доминираат локалните интереси на граѓаните, раководени само од своите избирачи“, велат оттаму.

На списокот се Томе Чингоски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола пројкоски, Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, Владо Чингоски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски, Ивица Будески.

Поврзани новости