Членови на Алијансата за Албанците ќе формираат Самоопределување во Северна Македонија

by Fokus

Неколку поддржувачи на Алијансата за Албанците ќе ја реализираат идејата на лидерот на донеодамна владејачката партија во Косово, Движењето Самоопределување, Албин Курти за проширување на тој политички субјект и во Северна Македонија, тврди приштинскиот портал „Газета експрес“, пренесува МИА.

Според порталот, лицето кое ќе ги започне активностите за формирање на Самоопределување во земјава е професорот и политички аналитичар Арсим Синани, а меѓу иницијаторите се споменува и Беким Ќоку, некогашен пратеник на Демократската партија на Албанците (ДПА), а сега член на партијата на Зијадин Села.

Самоопределување има свој огранок во Албанија, а најавата дека ќе се шири и во Северна Македонија, ја најави Курти на собирот на 12 јуни во центарот на косовскиот главен град по повод 21-годишнината од ослободувањето на земјата и 15-годишнината од основањето на партијата.

Тогаш доскорешниот косовски премиер пред неколку илјади поддржувачи, порача дека „Самоопределување ги освои срцата на сите Албанци“ и дека „Самоопределување ќе има и во Албанија, во Северна Македонија, во дијаспората и насекаде“.

Во првичните реакции на таа најава, Демократската унија за интеграција порача дека „политичката сцена во земјава е отворена, но гласот на Албанците и онака е доста расцепкан и нивното доаѓање ќе го расцепка уште повеќе“.

Од Движењето Беса изјавија дека немаат информации за таква иницијатива, но оти е „сечие легитимно и демократско право да се натпреварува на избори“.

Партијата на Села, која самиот Курти лично ја поддржа на последните парламентарни избори во земјава, повикувајќи ги Албанците да гласаат за неа, тогаш ширењето на Самоопределување го оцени како „добра вест“и му посака добредојде во земјава.

Поврзани новости