Членот на обезбедувањето на Пендаровски добил Ковид 19 од баба му, која била заразена во болница

by Fokus

Член на поширокиот тим на обезбедувањето на претседателот на државата, Стево Пендаровски е позитивен на Ковид 19, информираа денеска од неговиот кабинет.

Од таму уште тврдат дека тој минатата недела бил на годишен одмор, а последен пат на работното место бил на 11 мај, 2020 година и немал никаква директна комуникација со шефот на државата.

Според информации на „Фокус“, членот на обезбедувањето од министерството за внатрешни работи ја носел баба му во болница, каде што таа фатила корона вирус, од кој подоцна се заразил и тој. Нашите извори тврдат дека тоа се случува додека бил на годишен одмор. Но, првиот ден кога ја однел во болница имал контакт со луѓето од тимот и затоа сите 11 се тестирани и се негативни, но се уште се во самоизолација.

Од Кабинетот на претседателот претходно во соопштение објаснија дека продолжуваат непречено да функционираат, согласно препораките за заштита од КОВИД-19.

„Во изминатите два месеци вработените работат по различен распоред. Поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно““, додаваат оттаму.

Поврзани новости